Ретроспектива на сезоната 2018/19 во детската лига, две генерации на ФК Кул се закитија со медали на завршниот турнир

Помладите петлиња дебитираа во регионалната-скопска лига, Тео Давковски беше најдобар стрелец
06/19/2020
Даниел Васиќ: Во ФК Кул се чувствуваме како едно големо семејство, еден ден би сакал со мојот клуб да играме во ПМФЛ
06/20/2020

Ретроспектива на сезоната 2018/19 во детската лига, две генерации на ФК Кул се закитија со медали на завршниот турнир

Натпреварувачката сезона 2019/20 во детската фудбалска лига не го дочека својот крај. Пандемијата со корона вирусот ги спречи дечињата да ги искажат своите квалитети до крај и да се борат за трофеите во детската лига.

Ќе направиме една кратка ретроспектива на сезоната 2018/19 во која две генерации на ФК Кул успеаа да се закитат со медали од завршниот турнир на најдобрите екипи од цела Македонија.

Нашите најмлади надежи од генерација 2011 кои прв пат минатата сезона дебитираа во детската лига направија огромен успех, освојувајќи го бронзениот медал. Од сите екипи од цела Македонија, генерацијата 2011 на Кул предводена од Александар Цветковски заврши на 3.место што беше голем успех, но и огромен поттик за нашите млади момчиња и во иднина да работат напорно и да покажуваат добри игри и резултати.

Нашите бронзени момчиња со тренерот Цветковски

Надежите на ФК Кул на завршниот турнир од Детската лига во Скопје

Како што напоменавме во сезоната 2018/19 со оваа генерација освоивме бронза, откако во малото финале со резултат 3:1 ја победивме екипата на Карев. Претходно во 1/4 финалето, нашите млади надежи го победија тимот на Дарданет со резултат 4:2, додека во 1/2 финалето се сретнавме со екипата на Академија Пандев. На овој меч паднаа дури 11 голови, а конечниот резултат гласеше 6:5 во корист на пандевци.

Бронзени медали за ФК Кул генер.2011 на Александар Цветковски

До највисокиот пласман стигнавме со генерацијата 2007 под водство на Саше Божиноски, која успеа да се закити со сребрениот медал. На завршниот турнир моравме да поминеме три пречки до пласманот во големото финале. Најпрво во 1/8 финалето наш противник беше екипата на Гостивар, која ја победивме со резлтат 6:3. Со овој триумф се пласиравме во осумте најдобри екипа, а во 1/4 финалето силите ги одмеривме со екипата на Пелистер од Битола. Тука, исто така славевме победа, изразена со резултат 2:1, која ни донесе пласман во 1/2 финалето. Последната пречка до големото финале беше екипата на Албион. На натпревар со пет постигнати голови, како подобри се покажавме ние, бевме подобри од противникот па заслужено славевме победа со резултат 3:2, која не однесе во големото финале.

За малку ни побегна Пехарот, сепак „среброто“ во Македонија носи гордост за ФК Кул

Во финалето се сретнавме со екипата на Вардар, тоа беше Шампионот на Македонија од претходните три сезони. Во еден неизвесен натпревар, како што и му доликува на финален меч, победникот беше решен дури после изведување на удари од белата точка. Први го отворивме резултатот во регуларниот дел, но Вардар успеа да израмни, а во последната минута и да промаши пенал за победа. Во пенал серијата, противникот се покажа како посреќната екипа, бевме малку тажни поради изгубеното финале, но моравме да бидеме горди на успехот што го постигнавме.