Ретроспектива на сезоната 2017/18, „бронзените“ момчиња од генерација 2005 во малото финале со фудбалска „лекција“ за Шкендија

Дури 24 играчи се запишаа во листата на стрелци кај пионерите, а на врвот се најде Стефан Здравески
06/21/2020
Нашите репрезентативци, Виктор Боневски и Александар Трајчевски
06/22/2020

Ретроспектива на сезоната 2017/18, „бронзените“ момчиња од генерација 2005 во малото финале со фудбалска „лекција“ за Шкендија

Се ближи периодот кога ќе го прославиме својот 13.роденден, а преку нашиот веб сајт покрај новите актуелности поврзани со клубот, ќе ве известуваме и за настапите на нашите генерации во изминатите години.

Овој пат ќе направиме ретроспектива на натпреварувачката сезона 2017/18 за генерацијата 2005 на ФК Кул. Тоа беше последната сезона во детската лига за оваа надежна генерација на нашиот клуб. Се опростивме на најдобар можен начин од ова масовно натпреварување, на кое учество земаат сите екипи од цела Македонија.

Во споменатата сезона, нашата генерација предводена од Саше Божиноски успеа да направи голем успех и да го освои бронзениот медал, најавувајќи дека во следните години ќе биде голем конкурент на противниците и во регионалната-скопска лига.

На завршниот турнир кој е во организација на ФФМ, се пласираа најдобрите осум екипи од цела земја, а интересно само две екипи доаѓаа од Скопје. Само нашиот клуб и Вардар беа екипите кои ја бранеа честа на клубовите од Скопје.

Во 1/4 финалето тргнавме фуриозно, откако ја „преслушавме “ екипата на Ренова. „Гипсарите“ беа скршени со дури пет голови во нивната мрежа, напротив само еден кој падна во нашата мрежа, за конечен резултат од 5:1 и обезбеден пласман во 1/2- финалето. Таму за противник ја имавме екипата на Академија Пандев, а влогот за двете екипи беше голем, со оглед дека победникот ќе играше во големото финале и ќе се бореше за трофејот. На овој меч падна само еден гол, за жал во нашата мрежа, за минимална победа на А.Пандев.

Ни остана само уште мечот за бронзата со екипата на Шкендија, а таму нашите момчиња го покажаа сиот свој квалитет. Иако се очекуваше неизвесна борба околу победникот, сепак немаше ништо од тоа. Нашата екипа делуваше супериорно на теренот, едноставно го надигравме противникот, а конечниот резултат гласеше убедливи 5:1 во наша корист.

На тој начин, генерацијата 2005 на ФК Кул се закити со бронзениот медал на завршната церемонија, во друштво на најдобрите три тима од Македонија во оваа возрасна категорија.