Кадетите и на петтиот натпревар сезонава стигнаа до победа

Победа од Прилеп е противник за нашите помлади пионери во 1/4 финалето на Купот
11/27/2020
Трет триумф во серија за младинците на Кул, совладана екипата на Кожуф
11/28/2020

Кадетите и на петтиот натпревар сезонава стигнаа до победа

Кадетите на Кул и на петтиот натпревар сезонава во лигата успеаа да забележат победа. Денес на „Цементарница“ нашите момци се покажаа како подобар тим во дуелот со Кожув Гевгелија, триумфирајќи со резултат 9:0.

ФК КУЛ: Јордан Јосифов, Александар Трајчевски, Дамјан Ивановски, Бојан Ристески, Филип Кузмановски, Никола Николов (К), Максим Бундалески, Александар Богданоски, Томи Станковски, Бојан Јанкулоски, Матеј Митревски. 

Избраниците на Един Нурединоски уште по првото полувреме решија многу работи, што се однесува до екипата која ќе ги освои сите бодови. Во првите 15 минути од дуелот видовме почетно испитување на силите, односно немаше директен удар кон двата гола. Следеше период во кој двете екипи ги имаа првите шанси за отварање на резултатот. Онаа на Кул беше поизгледна кога Максим Бундалески ја погоди стативата од голот на Кожуф, додека се закани и гостинската екипа, послед една акција, беше принуден да интервенира Јордан Јосифов, кој спречи тежок удар на противничкиот играч. Ние имавме иницијатива и се обидувавме да стигнеме по почетно водство.

Со голот на Максим Бундалески успеваме да дојдеме до предност од 1:0. На голот претходеше асистенција од Богданоски кој во противничкиот шеснаесетник го пронајде Бундалески, а нашиот играч успева да погоди за отварање на резултатот. Во првиот дел ги искористивме своите шанси и заслужено стигнавме до солидна предност. После една голема грешка на противничкиот голман, на кој му испадна топката од рака, после изведен наш корнер од страна на Бундалески, на вистинското место се најде капитенот Никола Николов кој ја искористи грешката на гостите, за зголемување на 2:0.Во последната минута од првиот дел, нашиот состав стигна до висока предност од 3:0. Во листата на стрелци се запиша Александар Богданоски, кој погоди со глава, после нафрлена топка од корнер на Трајчевски. Солидна предност имавме по завршување на првиот дел од овој натпревар во рамките на 5.коло во кадетската лига.

Рутински го одработивме второто полувреме и со половина сили денес и комбиниран состав успеавме да постигнеме пет нови голови во овој дел од натпреварот. Пред да продолжи голеадата, во две прилики се најде Борјан Наков, кои останаа неискористени. Направивме и седум измени во вториот дел, во игра влегоа Андреј Стојановски, Борјан Наков, Даниел Васиќ, Петар Станковски, Матеј Цветановски, Стефан Петрушевски и Владимир Стефановиќ.

Стефан Петрушевски беше играчот кој прв постигна гол во вторите 45 минути и зголеми на 4:0. Речиси се што шутнавме во овој дел од дуелот заврши во мрежата на гостите. Не помина ниту една минута, веќе во следниот напад, Кул зголеми и на 5:0 преку Борјан Наков. Втор гол постигна Стефан Петрушевски, нафрли Станковски од десната страна, најпрво биеше Наков, одбрани голманот но само за момент, на одбиена топка стигна Петрушевски кој погоди за 6:0. Во следните минути, во листата на стрелци се запиша и Петар Станковски за водство од 7:0. Кожув целосно беше во подредена улога, додека ние продолживме со нападите. Хет-трик за Стефан Петрушевски, со неговиот нов гол зголемивме на 8:0, додека конечните 9:0 на натпреварот ги постави Бојан Ристески.

Кадетите стигнаа до петтата последователна победа, со која ќе останат на врвот на табелата во лигата.