Александар Трајчевски: Среќен сум што го избрав Кул, клуб со кој сакам еден ден да заиграм во ПМФЛ

Победа за генерација 2012 на пријателскиот натпревар со Рудар Јуниор
12/26/2020
Бојан Јанкулоски најдобар стрелец во пионерската лига, Александар Богданоски е втор кај помладите пионери
01/09/2021

Александар Трајчевски: Среќен сум што го избрав Кул, клуб со кој сакам еден ден да заиграм во ПМФЛ

Првото новогодишно интервју е со Александар Трајчевски, играч кој настапува за помладите пионери. Со неговата генерација направи голем успех во 2019 година освојувајќи го Купот на Македонија и победата во големото финале против екипата на Вардар. Трајчевски е веќе осма година дел од нашиот клуб, во кој ги започна и првите фудбалски чекори, тука ги научи основите на фудбалот, постепено напредуваше за денес да биде стандарден во составот на генерацијата 2005. Сезонава покрај настапи за помладите пионери, Трајчевски имаше можност да игра и за пионерите и кадетите на Кул. Зад себе има и репрезентативни настапи, а неговата желба еден ден да заигра со Кул во најсилната македонска лига.

Во продолжение прочитајте го интервјуто со Александар Трајчевски.

1. На колку години започна твојата фудбалска приказна во Кул, како се случи да започнеш да тренираш во овој клуб ?

-На 7 години започнав во ФК Кул. Кога се отвори балонот во Кисела Вода јас бев повикан на еден тренинг и мене многу ми се допаѓаше. Останав и продолжив да тренирам во овој клуб. Среќен сум што донесов правилна одлука, во Кул доживеав само убави работи и спомени кои ќе останат во моето срце. 

2. Дали некогаш си имал „симпатии“ и кон други спортови, или фудбалот е твојата единствена љубов ?

-Искрено не покажував желба за друг спорт, фудбалот беше моја прва љубов.

3. Долго време соработувате со Саше Божиноски, како ќе го опишете како тренер и како личност, колку тој има заслуга за успесите на вашата екипа ?

-Сите наши успеси се должат на тренерот Саше Божиноски, кој не донесе до се ова што го имаме направено и ни овозможил да се изградиме како добри играчи. Се работи за добар човек и голем мотиватор кој сето свое знаење ни го пренесува за време на тренинзите и натпреварите. Чекоревме сите заедно како тим, верувавме дека имаме квалитет и потенцијал да постигнуваме добри резултати.

4. Издвој ни еден најубав момент за време на вашиот престој во Кул ?

-Секако, освојувањето на Купот на Македонија во 2019 година. Успеавме да направиме голем подвиг и во големото финале да го победиме тимот на Вардар. Освоениот трофеј во Купот беше голема награда за нашата напорна работа и посветеноста во таа натпреварувачка сезона.

5. Со вашата генерација успеавте да се пласирате во полуфиналето на Купот, третта година по ред сте меѓу најдобрите четири екипи во ова натпреварување. Какви се очекувањата за полуфиналниот дуел со А.Пандев и дали можете да стигнете до одбрана на трофејот ?

-Како што напоменавте, и третта година по ред се пласиравме во полуфиналето на националниот Куп. Изминатава година пандемијата со корона вирусот не ни дозволи до крајот да се бориме за одбрана на трофејот во Купот, но ние се уште сме актуелни освојувачи на ова натпреварување. Веќе поминавме две пречки во Купот на Македонија, ја оправдавме улогата на фаворит во дуелите со екипите на Македонија Ѓ.П и Победа, на кои остваривме убедливи победи. Наш противник во полуфиналето е екипата на Академија Пандев, добро познат противник за нашиот тим. Истата сезона кога го освоивме Купот имавме можност да ги елиминираме во 1/4 финалето, додека пред стартот на новата натпреварувачка сезона одигравме контролен натпревар во Струмица кој заврши во наша корист. Сепак, тоа не треба ништо да значи, сезонава А.Пандев игра одлично во супер лигата во која се наоѓа на второто место. Сигурно дека ќе не очекува еден тежок и неизвесен натпревар, ние ќе дадеме се од себе да ја прикажеме најдобрата игра и да се пласираме во големото финале на Купот. Наша цел е одбрана на трофејот, но тоа да се случи ќе треба да победиме уште два противника.

6. Во 2019 година имавте можност да дебитирате за националната репрезентација. Што значи за вас да се носи националниот дрес и дали во иднина очекувате нов повик ?

-Сон на секој играч е еден ден да го носи националниот дрес на својата земја. Мојот се исполни, имав можност да запишам два настапи за Македонија, чувството беше прекрасно да играш во боите на Македонија. Се надевам дека ќе има нови повици во иднина.

7. Какви се условите за работа во клубот, имате и кондиционен тренер, дали има промена во физичката подготовка на тимот ?

-Искрено, условите се предобри и можам да кажам дека се работи за многу организиран клуб. Имаме можност да работиме и со кондиционен тренер кој не подготвува физички. Очигледна беше нашата физичка спремност на натпреварите во есенскиот дел од сезоната, секако дека позитивно влијаеше на сите нас. 

8. Есенскиот дел го завршивте на првото место со максимален број на освоени бодови. Колку си задоволен од прикажаната игра на твојот тим и какви се очекувањата за вториот дел од сезоната ?

– Можеме да бидеме задоволни од играта и постигнатите резултати во есенскиот дел. Мислам дека напредуваме на секој одигран натпревар и сметам дека ќе бидеме уште подобри во вториот дел од сезоната. Целта на клубот е јасна, освојување на највеќе бодови и пласман во најсилната супер лига од наредната натпреварувачка сезона.

 

9. Кој е најсилниот домашен и интернационален турнир на кој си играл со Кул ?

-Најсилниот турнир во Македонија на кој имам играно е во Кочани, каде освоивме второ место, додека интернационален турнир е „Дана Купот“ во Данска, каде во конкуренција на голем број екипи од светот го освоивме осмото место.

10. Дали имате омилен македонски фудбалер ?

-Тоа е Горан Пандев, легендата на Македонската репрезентација со која обезбеди историски пласман на Европското првенство.

11. Кој е вашата најголема поддршка на фудбалските натпревари ?

-Моето семејство, кое е секогаш до мене и ме бодри на натпреварите.

12. Какви се вашите планови на спортски план поврзани со Кул и воопшто со вашата играчка кариера ?

-Со Кул сакам да играм еден ден во ПМФЛ лигата. Желба на секој играч е да настапува за некој голем европски клуб, а мојата е да го носам дресот на Барселона.