Лесна победа за пионерите на гостувањето во Кавадарци

Помладите пионери остануваат максимални, висока победа и кај Тиквеш
04/17/2021
Максим Бундалески повикан во Македонија У17, за контролните натпревари со Црна Гора
04/18/2021

Лесна победа за пионерите на гостувањето во Кавадарци

Пионерите на Кул стигнаа и до деветтата сезонска првенствена победа. Денес нашите момци гостуваа во Кавадарци кај екипата на ГФК Тиквеш 1930, која ја победивме убедливо со резултат 0:5.

Почетен состав: Цветковски Мартин, Мицевски Марко, Митревски Јован, Ѓорѓиев Стефан, Јанкулоски Бојан, Стефановиќ Владимир , Зафироски Виктор, Стојановски Антонио, Крстевски Никола, Горјан Манасиевски и Мифтари Шевал.

Натпреварот започна со голем притисок на половината на противникот, уште од стартот на натпреварот најавивме дека сме дојдени да ги освоиме сите три бода. Првата прилика ја имавме преку Горјан Манасиевски, но противничкиот голман се најде на правото место и го одбрани ударот. Сепак во 5.минута нашиот состав успеа да го отвори резултатот и да поведе со 0:1 со голот на Марко Мицевски. После центар шут од слободен удар на Антонијо Стојановски, највисок во скокот во противничкиот шеснасетник беше Стефан Ѓоргиев кој со глава ја удри топката која заврши во пречката и среќно падна до Марко Мицевски кој ја смести топката во мрежата. Во 20. минута го зголемивме резултатот и на 0:2, со погодокот на Шевал Мифтари кој го искористи невниманието и излегувањето на противничкиот голман, нашиот играч атрактивно со „ножички“ постигна убав гол за зголемување на водството. До крајот на првиот дел, домашната екипа имаше голема шанса да го намали резултатот, откако еден од нивните играчи се најде очи во очи со голманот Мартин Цветковски, кој успешно одбрани и не дозволи гол во неговата мрежа. На полувреме се замина со резултат 0:2.

Доминиравме и во вториот дел од натпреварот, во кој постигнавме уште нови три погодоци. После нафрлена топка од корнер на Кадриовски, на вистинското место се најде Јован Митревски кој погоди со глава за резултат 0:3 по 67 минути игра. После овој погодок, противникот имаше обид од преку 20 метри , но Цветковски повторно со одлична одбрана го сочува нашиот гол. Нашите млади надежи не застанаа со нападите, после една добра акција топката дојде до Петровски Јордан кој со сјајна интервенција го проигра Горјан Манасиевски кој со својот прв гол денес зголеми на 0:4 во 72 минута од натпреварот. Се играше 80 минута од натпреварот кога Адис Зекири ги постави конечните 0:5 на натпреварот.

Играа уште: Амети, Стојановски, Зерири, Цветковски, Кадриовски и Петровски.

Со оваа победа, пионерите остануваат на второто место на табелата, зад екипата на Струга Трим Лум.