Победи за генерациите 2003 и 2005 на подготовките во Струга

Кул и Јанг Тим одиграа со нерешен резултат кај помладите пионери
08/17/2021
На пријателски натпревар кадетите на Пелистер подобри од Кул
08/18/2021

Победи за генерациите 2003 и 2005 на подготовките во Струга

Покрај помладите пионери, во текот на денешниот ден контролни натпревари во Струга одиграа и генерациите 2003 и 2005.

Генерацијата 2003 успеа да стигне до победа во дуелот со екипата на ФК Македонија Враништа од Струга. Конечниот резултат гласеше 2:1. Првиот погодок падна пред крајот на првото полувреме. Од корнер топка нафрли Здравески, противничките играчи ја исфрлија топката, но истата повторно стигна до нашиот капитен кој повторно центрираше, овој пат успешно до Јован Митревски кој од втора статива со глава успева да го совлада противничкиот голман за водство од 1:0, резултат со кој се замина на полувреме.

Во вториот дел екипата на Македонија Враништа успеа да постигне гол и да го израмни резултатот на 1:1. Долго време овој резултат беше актуелен, речиси до самиот крај, кога момците на Един Нурединоски успеаа да ја вратат предноста. После една акција Никола Николов проби од левата страна, упати топка до Ангел Петрушевски, кој погоди мирно за водство од 2:1. Овој резултат беше конечен на овој пријателски натпревар кој се одигра во Струга.

КУЛ: Андреј Ројчинов, Дамјан Ивановски, Стефан Ѓоргиев, Дамјан Ивановски, Маријан Здравевски, Филип Јаневски, Стефан Здравески, Ангел Петрушевски, Никола Николов, Марко Ѓоргиевски и Томи Станковски.

Во игра влегоа Јован Митревски, Васко Ѓоргиевски, Шевал Мифтари, Никола Крстевски, Бодан Тодоровски и Лука Миленковиќ.

До победа стигна и генерацијата 2005 против екипата на Јанг Тим од Струга. И овој натпревар заврши со идентичен резултат од 2:1. Гледавме еден цврст натпревар со шанси и добри периоди на двете страни. Избраниците на Никола Карчев први успеаа да дојдат до предност од 1:0 и тоа со одличен гол на Даниел Васиќ. После отварање на резултатот имаа и двете екипи прилики, а Јанг Тим искористи една од нив пред крајот на првиот дел, кога еден од противничките играчи постигна гол после нафрлена топка од корнер.

Во второто полувреме имаше период кога поконкретен беше противникот од Струга, но на нашиот гол одличен беше Јордан Јосифов кој се истакна со неколку интервенции. Сепак ние погодивме со втор гол во мрежата на Јанг Тим. Виктор Стефановиќ беше играчот кој успева да постигне гол за водство од 2:1. До крајот на натпреварот видовме шанси на двете страни, но немаше промена на резултатот.

КУЛ: Јордан Јосифов, Петар Станковски, Владимир Стефановиќ, Стефан Филиповски, Даниел Васиќ, Бојан Нацев, Матеј Цветановски, Виктор Стефановиќ, Борјан Наков, Адис Зекири и Белмин Цамиќ. 

Во игра влезе и Горјан Георгиевски.