Кадетите беа рамноправен противник, но на крајот загубија од Работнички

Стартува новата сезона во Супер Лигата, нашиот клуб на „мегдан“ со Работнички
10/21/2021
Со играч помалку, младинците на Кул освоија бод на гостувањето кај Работнички
10/23/2021

Кадетите беа рамноправен противник, но на крајот загубија од Работнички

Денес стартуваше новата натпреваручка сезона во младинските фудбалски лиги. Нашиот клуб денес го имаше своето деби во рамките на најсилната младинска лига во Македонија. Утрово гостувавме на теренот на Алумина, кај екипата на Работнички, во рамките на 1.коло од кадетската Супер Лига.

Тренерот Стефановски на премиерниот натпревар во Супер Лигата стартуваше со следниве 11-сетмина: Мартин Цветковски, Марко Мицевски, Стефан Ѓоргиев, Јован Митревски, Бојан Јанкулоски, Алан Ќеховиќ, Филипче Стајковски (К), Антонијо Стојановски, Никола Крстевски, Горјан Манасиевски и Јордан Петровски. 

Можеме да жалиме што не успеавме да освоиме барем бод од овој натпревар. Противникот беше подобар во првиот дел, иако имаа поголем посед на топка и иницијатива сепак и тие не успеаа да создадат некоја голема прилика за отварање на резултатот. Домашниот тим ги имаше првите обиди, првиот заврши крај нашиот гол, додека во вториот обид, одбрани нашиот голман Мартин Цветковски. Нашиот тим исто така имаше прилика преку Бојан Јанкулоски, кој прибра една топка после дегажман од нашиот голман, биеше во завршниот обид крај противничкиот гол. Без промена на резултатот заврши првиот дел од натпреварот, на кој Работнички имаше „тивка“ иницијатива, но немаше ниту една конкретна шанса кон нашиот гол.

Во второто полувреме видовме еден поинаков Кул, кој беше поконкретен и многу поопасен на теренот. Тренерот Стефановски на стартот од вториот дел направи измена, го внесе во игра Шевал Мифтари, на местото на Антонијо Стојановски. Имавме обид преку Митревски кој заврши над голот на домаќинот, додека првата поголема шанса во овој дел од натпреварот ја имаше нововлезениот Мифтари, кој биеше од десната страна, но голманот на противникот со крајни напори брани и исфрла во корнер. Може да се каже дека противничкиот чувар на мрежата беше најзаслужен што неговата екипа денес освои три бода. Бојан Јанкулоски денес беше одличен и ја имаше најзрелата шанса да го отвори резултатот, после една акција, нашиот играч биеше од некаде 18-сетина метри, но голманот на домаќинот со врвот на прстите ја допра топката, доволно да не заврши во неговата мрежа.

Ова можеби беше одлучувачки момент за крајниот исход на натпреварот, поинаков тек ќе добиеше натпреварот ако успеавме да погодиме. Имавме иницијатива, се обиде повторно Мифтари, но среќата не не посака. Работнички успеа да постигне гол од својот прв удар во вториот дел, после една  одбиена топка, играчот на Работнички бие од прва, топката заврши во нашиот гол, едноставно нашиот голман немаше време да интервенира, навистина убав погодок за предност на домаќинот од 1:0. После краток период беше досуден и пенал за Работнички, после еден прекршок во нашиот шеснаесетник, реализра противникот за предност од 2:0. Немаше вреќе време за поголеми возбудувања, противникот оствари победа со резултат 2:0.

Можеме да бидеме задоволни од играта на нашите кадети, кои покажаа дека не се далеку од квалитетот на Работнички, едноставно во второто полувреме бевме многу подобри и поопасни, но на крајот трите бодови останаа кај домашниот тим.