Андреј Ројчинов: Сигурен сум дека Кул ќе заврши во горниот дел од табелата, мојата цел е да продолжам професионално да се занимавам со фудбал

Преглед на есенскиот дел за младинците
01/10/2022
Со кои противници Кул треба да одигра за комплетирање на првиот дел од сезоната во младинската Супер лига
01/21/2022

Андреј Ројчинов: Сигурен сум дека Кул ќе заврши во горниот дел од табелата, мојата цел е да продолжам професионално да се занимавам со фудбал

Има едно фудбалско правило „добар голман е пола екипа“. Како клуб сме горди што имаме таков голман со кој можеме да се пофалиме. Следното наше интервју е токму со играч кој е задолжен за голманската позиција во Кул, се работи за Андреј Ројчинов кој сезонава го брани голот на младинците. Андреј е веќе трета година на голот на нашиот клуб кој се натпреварува во најквалитетната младинска Супер лига. Се работи за квалитетен чувар на мрежата, вреден работник, посветен максимално на тренинзите и на натпреварите кои ги игра неговата екипа. Сигурно дека има голем придонес во добрите резултати кои ги остваруваше клубот во изминативе години, тој е нашиот „пантер“ на голот, со кој го правиме ова интервју кое можете да го прочитате во продолжение.

1. Кој ви беше поттик да започнете да тренирате како голман и зошто баш се одлучивте да бидете голман, а не играч ?

– Немаше некоја посебна причина која ме натера да станам голман, едноставно кога прв пат ги видов ракавиците одлучив дека ке бидам голман.

2. На колку години беше вашиот прв тренинг и во кој клуб ?

Мојот прв трениг беше на шест годишна возраст во ФК Металург.

 

3. Како се случува да преминете во Кул, кој беше најзаслужен за доаѓањето во овој клуб ?

Најзаслужен за моето преминување во ФК Кул беше тренерот Милан Коцески со кој соработував уште во Металург и бев запознаен со неговиот начин на работа.

4. Што е потешко да се одбрани според вас, пенал или зицер позиција ?

-Па искрено за мене лично, потешко е да одбранам пенал, но сепак тоа зависи од способностите на голманот.

5. Со вашиот тим и клуб започнавте со натпреварување од третата младинска лига, за сезонава да бидете дел од најсилната Супер Лига. Дали верувавте дека можете еден ден да играте со најдобрите екипи и колку беше тежок патот за пласман до елитата ?

-Да верувавме и знаевме дека можеме да стигнеме до Супер лигата поради квалитетот кој што го поседуваме. Сигурно дека беше тешко, но ние верувавме во нас, во нашите тренери и во тоа што го работевме, сметам дека сосема заслужено сезонава сме во друштво со најдобрите екипи.

6. Како млад голман сигурно многу значи да работиш со познати имиња. Вие во еден дел од вашата кариера имавте можност да соработувате со Един Нурединоски, поранешен репрезентативен голман на Македонија и човек со големо интернационално искуство. Каква беше соработката со Нурединоски и колку научивте од него во вашиот дел од работата ?

-Со тренерот Един имавме одлична соработка, во периодот во кој соработувавме со него тој ни пренесе голем број на совети кои на мене, но верувам и на целата екипа многу ни помогнаа. Јас лично сум премногу благодарен поради помошта и поддршката која ја добив од него за надминување на некои „голмански” проблеми.

7. Дали Андреј има освоено поединечна награда ?

– Да, како член на Металург,  во 2012 година, тоа беше награда за најдобар голман на турнирот „Пелистер Куп”.

8. Напоменавме дека сезонава се натпреварувате во Супер Лигата. Во есенскиот дел имавте можност да одиграте само седум натпревари, на кои освоивте 9 бодови. Колку сте задоволен од постигнатото во овој дел од сезоната и на кои натпревари можевте и подобро ?

– Изигравме солиден прв дел од сезоната, но секако може и подобро и сметам дека заслуживме повеќе бодови. Најзадоволен сум поради фактот што имаме една од најдобрите дефанзиви во младинската лига, со само 6 примени гола. На сите натпревари покажавме карактер и квалитет, но некои мали падови во текот на натпреварите доведоа до непосакувани резултати. Ќе го издвојам натпреварот со Академија Пандев каде во првото полувреме доминиравме, имавме водство од 1:0, но за краток период во вториот дел примивме два гола и го загубивме тој дуел.

9. Дали имате некој ритуал пред почеток на натпревар ?

– Немам некои посебни ритуали, најважно ми е да влезам максимално подготвен на секој натпревар.

10. Набројте ми еден голмански миленик од Македонија и Европа ?

-Мојот идол е Џиџи Буфон, а од македонските голмани би го издвоил Петар Милошевски.

11. Од стартот на сезоната тренер на вашата генерација е Драган Стефановски-Гаге, исто така познато име во младинскиот македонски фудбал. Како ќе го опишете како тренер и човек ?

– Драган Стефановски-Гаге е еден од подобрите тренери во младинските категории со кој сум соработувал. Тој е многу посветен на работата и неговиот начин на работа допринесе за подобрување на некои сегменти во нашата игра.

12. Како се станува добар голман, кои карактеристики треба да ги поседува секој кој сака да се занимава со оваа позиција во фудбалот ?

– Потребно е многу работа и посветеност на тренинзите, желба да се научат нови тајни во голманската работа. Едни од најважните карактеристики со кои се одликуваат сите квалитетни голмани е храброста да се превземе ризик и да се спаси екипата кога е најпотребно.

13. Освен настапи за клубот, дали во вашата кариера имате посетувано и голмански кампови ?

-Ги имам посетено камповите на ФК Арсенал и ФК Јувентус каде се здобив со големо знаење од голманските тренери на тие клубови. Исто така морам да напоменам дека сум долгогодишен член на голманската „Академија Ивановиќ” која има значаен удел во мојата досегашна кариера.

14. Кои се вашите очекувања за пролетниот дел од сезоната во Супер Лигата, може ли Кул да заврши во горниот дел од табелата ?

-Со начинот на работа кој го негува тренерот Гаге, како и со оглед на добрите партии во првиот дел од сезоната и познавајќи го квалитетот на мојата екипа очекувам уште подобри резултати во вториот дел. Сигурен сум сум дека Кул ќе заврши во горниот дел од табелата на крајот од оваа натпреварувачка сезона.

15. За крајот на ова интервју, дали може Андреј да ни ги открие целите поврзани со неговата голманска кариера ?

-Секако дека може, главна цел е да продолжам понатаму професионално да се занимавам со фудбал, а секако немам ништо против да направам успешна интернационална кариера, зошто да не и во некој тим од ТОП-5 лигите во светот.