Кирил Изов: Истатов Кул нема да игра епизодна улога во ПЖФЛ, на секој натпревар ќе влегуваме со цел да освоиме три бода

Распоред на натпревари во Детската Лига на ФФМ
09/15/2022
Генерацијата 2012 ќе настапи на турнир во Војводина
09/16/2022

Кирил Изов: Истатов Кул нема да игра епизодна улога во ПЖФЛ, на секој натпревар ќе влегуваме со цел да освоиме три бода

Претстојниов викенд стартува новата етапа во женскиот фудбал за екипата на Истатов Кул, која ќе го има својот прв натпревар во рамките на првата женска фудбалска лига. Избраничките на Кирил Изов ќе гостуваат кај екипата на АСС Унитед, се работи за противник кој минатата сезона играше во големото финале на Купот против екипата на Саса.

Од претходно е познато дека Истатов Кул влегува во новата сезона со амбиции за што повисок пласман на крајот од сезоната во најсилната женска лига во Македонија. Екипата во летниот период ја засилија неколку репрезентативки кои со искуството од настапот во националниот дрес треба да го подигнат нивото на игра, но и да претставуваат дополнителен поттик за останатите континуирано да се надоградуваат и на теренот да функционираат како една целина. Девојките имаа можност доволно добро да се запознаат во подготвителениот период во кој одигравме и неколку контролни натпревари, на кои резултатите не беа во преден план, сепак се воигруваше екипата и се темпираше формата пред предизвиците кои следуваат.

Во пресрет на првиот натпревар, направивме интервју со шефот на стручниот штаб, Кирил Изов, кој инаку е и актуелен селектор на А репрезентацијата на Македонија. Какви се целите и очекувањата на предводникот на Истатов Кул, кој напомена дека неговиот тим ќе оди на секој натпревар на позитивен резултат, без оглед на противникот, Истатов Кул нема да се плаши од никого. Во продолжение интервјуто со тренерот на екипата,  Кирил Изов.

  1. Започнавте нова етапа во вашата тренерска кариера, како предводник на новиот клуб, ЖФК Истатов Кул. Како се случи да започне оваа нова фудбалска приказна.

-Како што и самите споменавте, оваа нова фудбалска приказна, односно спојувањето на двата клуба ЖФК Истатов и Кул како идеја се роди пред една година, ова лето истата се претвори во реалност и се надевам и верувам дека овој клуб ќе прерасне во стабилен и респектабилен прволигаш.

  1. Со оглед дека е „нов“ тим, во кој пристигнаа и нови играчи сигурно дека е потребно време за да се склопи екипата, како оди прилагодувањето на девојките.

-Секако дека за секоја работа е потребно време, екипата веќе 1,5 месец работи заедно, имаме одлична атмосфера и услови за работа, полека се склопуваат коцките и верувам дека добрата и професионална работа ќе даде резултати и порано од предвидената проекција.

  1. Во подготвителниот период одигравме неколку контролни натпревари, со цел воигрување на екипата, и подигнување на формата во пресрет на новата сезона. Какви се впечатоците ваши од одиграните натпревари во овој период, од резултатите, прикажаната игра и залагањето на играчите.

-Со оглед на тоа што на подготвителните натпревари резултатот беше во втор план, односно главната цел беше да се работи на физичката и тактичко техничката подготовка на фудбалерките, задоволен сум од текот на подготовките и залагањето на играчите, но тука не застануваме, мораме континуирано да работиме низ текот на целата сезона како би ги подобриле перформансите на девојките, а со тоа и на целата екипа која исто така би сакал да истакнам дека е многу млада и има голема перпектива.

  1. Долго време сте во женскиот фудбал, вие сте и актуелен селектор на сениорската репрезентација на Македонија. Дали во нашата земја има талентирани играчи и што е потребно за женскиот фудбал во Македонија да биде на едно поголемо ниво.

-Кога дојдов на позицијата Селектор на сениорската репрезентација истата беше на самото дно во Европа, но сека после неколку години можам да кажам дека работите се променети, одиме на подобро, дојдоа и победите и нормално со тоа и придвижување нагоре на УЕФА ранг листата. Сепак има уште многу работа, треба сите заедно уште посилно да работиме за напредок не само на сениорската репрезентација,туку и на целокупниот женски фудбал во Македонија. Исто така,треба да се работи на инфраструктурата, на негова што поголема популаризација и афирмација и понатамошен негов развој.

  1. Екипата тренира и работи на Цементарница, сигурно дека има услови какви би посакала секоја женска екипа, колку сте задоволни од условите кои ги пружа клубот за работа, дали Цементарница ги задоволува сите стандарди.

-Па со оглед на тоа што Цементарница веќе е база и на Сениорската Женска репрезентација,самото по себе кажува за тоа какви услови нуди и колку е инвестирано во целиот објект од страна на г-динот Рацо Цветановски,и навистина се ретки луѓето како него во ова денешно време кои вложуваат во спортот и инфраструктурата. Ние како клуб имаме одлични услови за работа на Цементарница и на нејзините придружни објекти, а исто така,на располагање ни е и Спортскиот центар Истатов во Дојран за зимски и летни подготовки,така да како клуб можеме слободно да се пофалиме дека ги имаме најдобрите услови за работа во Македонија.

  1. Претстојниов викенд не очекува првиот натпревар во рамките на Првата Лига, гостуваме АСС Унитед, екипа која минатата сезона играше во големото финале на Купот. Колку добро го познавате противникот и што може да очекуваме од овој натпревар.

-Како човек кој добро го познава женскиот фудбал во Македонија, добро ја познавам и екипата на АСС Унитед од Струга со која морам да кажам сме големи ривали,но и големи спортски пријатели, и нормално дека следствено на тоа и се подготвуваме за тоа условно кажано ,,деби“,во ПЖФЛ од кое нормално очекуваме добар резултат и освојување на првите три бода.

  1. Какви се амбициите на Истатов Кул, сигурно дека ќе се обидете да го нападнете врвот во лигата, дали моменталниот состав со кој располагате може да се вмеша во борба за највисок пласман.

-Иако од страна на раководството на клубот немаме некој притисок во оваа прва сезона за вмешување во борбата за шампионската титула,сепак квалитетот на играчкиот состав ветува дека Истатов Кул нема да игра епизодна улога во првата сезона во ПЖФЛ, и со самото тоа ние на секој натпревар ќе влегуваме со цел освојување на целиот плен. Ги респектираме сите екипи, но од никого не се плашиме и јас како предводник на овој тим се надевам и верувам дека ќе имаме добра и успешна сезона.

  1. Со репрезентацијата го завршивте квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство на петтото место. Едно ваше резиме, на остварените резултати и дали оваа генерација на фудбалерки можеше и повеќе .

-По завршувањето на Квалификацискиот циклус следи анализа на постигнато, го повторивме успехот од минатите Квалификации со освојување на 6 бода, што порано не било случај, но сепак сметам дека оваа репрезентација има уште поголем потенцијал и силно верувам дека во наредниот циклус Квалификации за ЕУРО ке можеме да се пофалиме и со двоцифрен број на освоени бодови. Исто така, морам овде да ја споменам и ФФМ која ни овозможува одлични услови за работа  кои се неопходни за да една репрезентација се развива и ги прати останатите на Балканот и во Европа.

  1. Не очекува интересна сезона во првата женска лига, кои екипи според вас се најголеми фаворити за освојување на Шампионската титула.

-Сметам дека неколку екипи ќе се борат за титулата, како најголеми фаворити би ги споменал Љуботен и Каменица Саса, тука е и Тиверија, и секако Истатов Кул кој со квалитетот што го поседува може да се носи рамноправно со погоре споменатите екипи.