Женската екипа на Истатов Кул со победа се враќа од гостувањето во Тетово, каде денес беше подобра од екипата на Шкендија. Избраничките на Кирил Изов славеа висока победа изразена со резултат 2:7 (1:3).
Радица Чонева беше играчот која успеа во 6.минута да ни донесе предност од 0:1, додека во 12.минута со голот на Симона Меијер веќе имавме водство од 0:2. Во 23.минута екипата на Шкендија го намали резултатот на 1:2, но ние бевме далеку подобрата екипа на теренот, створивме доста прилики, од кои до крајот на првото полувреме успеавме уште да реализираме, преку Кристина Петрушевска која во 39.минута донесе предност од 1:3, резултат кој беше актуелен на полувреме.
Имавме иницијатива и целосна контрола на играта и во вториот дел од овој натпревар. Продолжи голеадата во мрежата на домашниот тим, а со вториот гол на Кристина Петрушевска во 54.минута го зголемивме резултатот на 1:4, додека во листата на стрелци во 58.минута се запиша и Јована Вучичевиќ за предност од 1:5. До крајот на натпреварот беа постигнати уште три гола, по втор пат кај нас успеаа да погодат Симона Меијер (67) и Радица Чонева (79), додека и противникот постигна гол, за конечни 2:7 на натпреварот од 14.коло во првата женска фудбалска лига.
Истатов Кул: Тина Туџарска, Севим Илјаз, Катерина Петкова, Ана Нешковска, Симона Меијер, Љубица Асановиќ, Јована Вучичевиќ, Радица Чонева (К), Сузана Бошковска, Александра Јовановска и Кристина Петрушевска.
Играа уште и Ива Здравеска и Елена Крстеска.