Матиќ Ива: Покрај тоа што бев единственото девојче, уште од првиот ден сум одлично прифатена, ФК Кул е вистинското место за секој што сака да тренира

Фудбалската школа Кул од денес се враќа на тренинзите
07/02/2020
Поранешен репрезентативен голман го засилува стручниот тим на нашиот клуб, Един Нурединоски ќе биде тренер на кадетите
07/03/2020

Матиќ Ива: Покрај тоа што бев единственото девојче, уште од првиот ден сум одлично прифатена, ФК Кул е вистинското место за секој што сака да тренира

ФК Кул веќе 13 години работи со млади таленти и создава идни фудбалски ѕвезди. Се работи напорно, со многу посветеност и енергија. Посебно инспиративна приказна е создавањето на женскиот тим на ФК Кул. Денес имаме чест да ви ја претставиме првата девојка која пристапи во нашата школа, Матиќ Ива. Таа го „скрши мразот“ потоа доаѓаа и други дами, веќе имаме доволен фонд на девојки за да имаме женски тим во нашата школа. Станува збор за вреден работник, предан на фудбалската игра, фудбалер кој сака да напредува со својот труд и посветеност кон „бубамарата“. Во продолжение интервју со младата надеж на нашиот тим.

  1. Најпрвин, од кога сте член на ФК Кул, која генерација сте и кажете ни нешто за себе?

-Се викам Ива Матиќ, веќе четири години сум дел од ФК Кул, јас сум првата девојка која пристапи во оваа школа, факт кој ме радува посебно. Родена сум 12.08.2007 година, учам во ООУ,,Блаже Конески“ во Скопје. Учам и во музичкото училиште „Илија Николовски Луј“ и свирам на инструментот флејта.

  1. Од кога датираат вашите почетоци во фудбалот, што ве инспирираше да го одберете овој спорт?

– Мојот прв фудбалски тренинг беше во април 2016 година, на осумгодишна возраст. Од кога паметам за себе, фудбалот е постојано до мене, без него не би можела да си го замислам денот.

-Се уште го паметам моментот кога моите родители се јавија во ФК Кул и прашаа дали има женска екипа за да одам да тренирам. За среќа, моите родители се јавиле на вистинското место и тоа токму кај господинот Рацо Цветановски кој им кажа дека иако во моментот нема женска екипа, јас, како девојче ќе бидам добредојдена во неговиот клуб и дека можам веднаш да дојдам на тренинг. Тој момент ќе го паметам целиот мој живот, а на господинот Рацо Цветановски ќе му бидам вечно благодарна, што ми овозможи да бидам дел од неговиот клуб, а воедно да бидам и првото девојче во ФК Кул.

Ива фотографирана на самите почетоци во 2016

  1. Како изгледаше вашиот прв фудбалски тренинг, како се чувствувавте?

– Мојот прв тренинг беше како од бајките, бидејќи ми се оствари мојата најголема желба.Чувствата беа прекрасни, не постојат зборови со кои би ги опишала.

  1. Како бевте прифатени во нашата школа ФК Кул, бидејќи бевте првата дама која се приклучи?

– И покрај тоа што бев единственото девојче, уште од првиот ден сум одлично прифатена. ФК Кул е вистинското место за секое дете што сака да тренира фудбал. Во моментов тренирам и со генерација 2006 година, тоа се момчиња постари од мене една година, но веќе се вистински професионалци со големо фудбалско знаење. Другарството е на највисоко ниво, а благодарение на нашиот тренер Александар Цветковски, со секој тренинг сме се’ посилни.

5. Која е вашата најголема поддршка да се занимавате со фудбалот?

– Мојата најголема поддршка да се занимавам со фудбал е моето семејство. Тие во се ме поддржуваат, тоа посебно значи за еден млад спортист како мене кој сега ги има своите почетоци.

  1. ФК Кул формираше и женски тим, колку тоа ти значи за напредокот бидејќи играш со девојки?

Матиќ: Семејството е мојата најголема поддршка

– ФК Кул формираше женски тим, што навистина ми претставува големо задоволство. И покрај тоа што сме од различни генерации, тимот делува одлично, постојано напредуваме и имаме огромна желба за победа. Ние сме една екипа со голема желба за работа и напредок.

  1. Опиши ни го првиот пријателски меч, твојот деби гол и фактот што ти си првиот стрелец на женската екипа?

– Првиот натпревар што го одигравме со женскиот тим, ни беше пријателскиот натпревар против одличната екипа на ЖФК Тиверија. Тој пријателски натпревар, кој за нас како женски тим беше прв воопшто, претставува едно големо и прекрасно искуство. Иако за жал не победивме, јас ќе го паметам моментот кога од пенал успеав да дадам гол, кој воедно е и прв гол на нашиот женски тим.

  1.  ФК Кул ви овозможи настап на турнири, колку тие се значајни за вашиот напредок?

– Годинава ФК Кул ни овозможи да присуствувавме на турнир во Струмица, кој го организираше ЖФК Тиверија. За време на турнирот, бев премногу среќна што сум дел од ФК Кул, од причина што за многу кратко време се покажа дека имаме голем напредок. Се надевам дека во иднина со настапи и на други турнири ќе потврдиме дека сме на вистинскиот пат. Со нашиот женски  тим се натпреваруваме во „Детска лига“, а се натпреваруваме против момчиња.

  1. Беше дел од летните кампови на ФК Кул, како минуваа тие, колку има дружење, забава и фудбалски искуства од истите?

– Редовно сум дел од летните кампови на ФК Кул, на кои покрај дружењето и забавата, секој учесник може да се стекне со ново фудбалско искуство, од причина што освен редовни тренинзи имаме и голем број пријателски натпревари. За цело време како и секогаш, наша огромна поддршка е Наташа Ристеска, која се грижи и за нашето здравје.

  1. Каде Ива се гледа во иднина на спортски план?

– Искрено, за во иднина единствено на што размислувам е тоа еден ден со нашиот женски тим на ФК Кул да го освоиме државното првенство. Иако за тоа треба време и доста работа, верувам дека во тимот имаме многу, навистина многу квалитетни девојчиња кои што го играат и сакаат фудбалот.

Играта во одбраната ме исполнува, тука сакам да дадам најголем придонес за тимот-вели младата надеж

  1. Играш во дефанзива, зашто ја сакаш таа позиција во тимот и зашто мислиш дека можеш да дадеш најмногу на истата?

– Мојата позиција е во дефанзивата, поточно кога играм во одбрана се чувствувам дека сум на своето место. Сакам да ги спречувам нападите на противникот и сакам да допринесам за победата на мојот тим на секој натпревар со одличната игра во одбраната, сопирајќи ги налетите на ривалите.

  1. Си се занимавала со танц и пливање, како „победи“ желбата за фудбалот да биде „животен повик“ кај една дама?

– Пред да започнам со фудбалот, одев на часови по модерен танц и пливање, но штом се вратев дома веднаш одев и ја земав топката. На моите родители не им беше тешко да увидат дека фудбалот е она што ме исполнува. Многу сум им благодарна  што имаа разбирање и ме запишаа да тренирам фудбал, а најмногу ме радува тоа што моето семејство беше среќно колку и јас.

  1. Кој е ваш идол како млад спортист и зошто?

– Како млад спортист, мојот идол е фудбалерката Алекс Морган иако не играм на нејзината позиција. Таа е мој идол од причина што го дава својот максимум на секој натпревар, претставува совршен тимски играч, а без разлика на тоа колку е успешна секогаш е многу скромна.

  1. Дел сте од спортско семејство, вашиот татко е шампион на Македонија во куглање со неговиот тим, како тоа влијаеше на вас?

-Воопшто љубовта кон спортот ми е наследена од мојот татко кој се уште е активен спортист и игра во кугларскиот клуб  „Макпетрол“, а со неговиот тим и годинава се државни шампиони. Секако дека родителите се пример за нас децата и од таа  причина спортот е составен дел и  од мојот живот.

 

  1. Што нуди фудбалската школа Кул што од почетокот до сега си наш член, каква е работната атмосфера, кои се предностите да си дел од Кул?

– Во ФК Кул имаме одлични услови за тренинг, тренинзите се интересни, а секое дете што сака да биде дел од навистина професионален клуб е добредојдено. Се надевам дека во иднина ќе ни се придружат уште девојчиња, а оние кои размислуват да започнат да тренираат ги охрабрувам и би им го кажала моето мислење дека: ФК Кул е вистинскиот клуб.

Ива: ФК Кул е вистинскиот клуб за сите

 

.