Пласман на нашите екипи на „КУЛ КУП 2023“ и преглед на постигнатите резултати за нашиот клуб на последниот натпреварувачки ден

Сите генерации на ФК КУЛ успеаа да се пласираат во 1/4 финалето на „КУЛ КУП 2023“
09/09/2023
Стартува новата натпреварувачка сезона во Детската Лига на ФФМ
09/14/2023

Пласман на нашите екипи на „КУЛ КУП 2023“ и преглед на постигнатите резултати за нашиот клуб на последниот натпреварувачки ден

Финишираше 6.издание на „КУЛ КУП 2023“. Изминативе три дена на стадионот „Цементарница’“ се одржуваше 6.издание на овој силен меѓународен турнир, кој прераснува во традиција. Нашиот клуб се натпреваруваше со сите генерации и постигна добри резултати, а две наши екипи успеаа да освојат бронзен медал.

Во продолжение ќе направиме еден преглед на остварените резултати за нашите екипи на последниот натпреварувачки ден, на кој се играа елиминациските натпревари.

Генерацијата 2011 сигурно дека заслужи многу повеќе од 4.место на крајот. Екипата предводена од Никола Никанчевски одигра одличен турнир, и пак ќе напоменеме штета е што на крајот не успеа да се бори за златниот медал. Најпрво во 1/4 финалето нашиот тим беше подобар од Форца, издвојувана победа со резултат 3:1. Успеавме први да го отвориме резултатот, Форца израмни, но немаше сили до крајот да се надигрува со нашиот состав, постигнавме уште два гола во нивната мрежа за конечни 3:1. Стефан Стојаноски, Милош Милошески и Лука Белевски беа стрелци на головите.

Во полуфиналето, нов исцрпувачки натпревар за оваа генерација, противник ни беше тимот на Јанг Тим, полуфинале кое беше решено по изведување на удари од белата точка. Во регуларниот дел натпреварот заврши со резултат 1:1. Стрелец на единствениот гол за нас беше Стефан Стојаноски. На пенали славеше Јанг Тим со резултат 3:4, за нас сигурни од белата точка беа Стефан Стојаноски, Милош Милошески и Павел Зојчевски.

Во борбата за 3.место бевме поразени со резултат 1:0 од екипата на Скупи. Честитки за борбената и пожртвувана игра за оваа наша генерација на „КУЛ КУП 2023“.

Бронзен медал освои генерацијата 2012 која исто така одигра перфектен турнир, и да имаше малку среќа сигурно дека ќе играше и во големото финале. Одличен настап имаа избраниците на Мики Тодоровски кои покажаа допадлива, офанзивна и борбена игра на теренот. Можеби очекувавме понеизвесно 1/4 финале против екипата на Ујпешт од Унгарија. Тоа, противникот и го најави кога го отвори резултатот за 0:1, но од тој момент имаше само една екипа на теренот, тоа беше Кул. За кратко, не само што го израмнивме резултатот, туку се стекнавме и со предност, а како одминуваше натпреварот голманот на Ујпешт беше принуден во неколку наврати да ја вади топката од својата мрежа. На крајот триумф за нас со конечни 5:1. Јордан Димчев и Дамјан Тодоровски постигнаа по два гола, додека по еден беше дело на Ангел Симоновски.

После голема борба, полуфиналниот натпревар со екипата на Форца во регуларниот дел заврши со почетните 0:0. Се пристапи кон изведување на пенали, таму посреќен беше тимот на Форца која славеше со резултат 2:3. За нас од белата точка прецизни беа Дамјан Тодоровски и Ангел Симоновски.

Во малото финале избраниците на Тодоровски го победија тимот на Драчево со резултат 3:1. Заслужена победа со оглед дека покажавме повеќе на теренот. Ангел Симоновски постигна два гола и еден за Давид Николов.

Честитки до генерацијата 2012 за освоената бронза на „КУЛ КУП 2023“.

Со бронза се закити и генерацијата 2013 која го освои 3.место на турнирот. Нашите млади надежи во 1/4 финалето беа совладани од екипата на Војводина (0:5), додека натпреварот за 3.место го добивме со службен резултат 3:0, со оглед дека екипата на Дрита не се појави на теренот. Голем успех за оваа генерација предводена од тренерот Марјан Устамитов.

Генерацијата 2014 стигна до најдобрите осум екипи на турнирот. Избраниците на Виктор Петров беа запрени во 1/4 финалето, каде беа поразен од екипата на Парк (1:2). Иако први успеавме да го отвориме резултатот преку Драган Младеновски, сепак противникот направи пресврт и на крајот славеше минимален триумф.

Пенал рулетот не беше среќен за генерацијата 2015, која во 1/4 финалето беше поразена од финалистот на турнирот, екипата на Јанг Тим (2:3), откако во регуларниот дел натпреварот заврши со нерешен резултат 1:1. Сепак, добар настап за екипата предводена од Љупчо Методиевски, која со бронзата од Детската Лига на ФФМ, најави дека оваа генерација има светла иднина.