Никола Николов: Научив многу работи во Кул, мојата цел е да станам репрезентативец на Македонија и да бидам мотивација за следните генерации на млади фудбалери

Доминација за пионерите на ФК Кул во лигата
06/17/2020
Александар Богданоски се покажа како најдобар стрелец на својата екипа, во лигата на повозрасните петлиња
06/18/2020

Никола Николов: Научив многу работи во Кул, мојата цел е да станам репрезентативец на Македонија и да бидам мотивација за следните генерации на млади фудбалери

Нашата фудбалска школа во иднина ќе има професионално и постојано ажурирање на веб сајтот, што беше неопходно за клубот. Сите актуелности поврзани со клубот ќе можете да ги прочитате на нашата веб страница, која ќе се обиде да ви ги пренесе сите активности на генерациите кои се дел од ФК Кул. Имавме можност и да го направиме првото интервју со еден од играчите кој има најдолг стаж во клубот и кој претставува поим за верност во фудбалската школа Кул.

Николов на своите почетоци во ФК Кул

Се работи за Никола Николов кој настапува за генерацијата на играчи родени 2003 година, која оваа сезона успеа да го освои првото место во третата пионерска лига. Цели 13 години, Никола е дел од ФК Кул, токму во оваа школа ги имаше и првите фудбалски почетоци, тука созреа како играч, научи многу за фудбалот, но и стекна многу другари со кои и денес заедно соработуваат на теренот. Сезонава на 16 одиграни натпревари успеа да постигне 5 голови, што го сместува на петтото место на листата на најдобри стрелци во пионерската екипа. Среќни сме што е дел од семејството на „Кул“ а во продолжение можете да го прочитате интервјуто со овој играч.

1. На колку години беше вашиот прв тренинг ?

-Мојот прв трениг беше кога имав седум години. 

2. Кој ви ја пренесе љубовта кон фудбалот, дали покажувавте желба и кон друг спорт ?

-Немав интерес за друг спорт, а желбата кон фудбалот ја добив од еден од најдобрите светски играчи. Се работи за Кристијано Роналдо кој од мал го гледав пред малите екрани како воодушевува со своите фудбалски потези, па така добив инспирација да започнам и јас да тренирам.

3. Кои три работи според вас се потребни за да успеете во овој спорт ?

-Најпрво и најважно е да веруваш во себе, потоа да тренираш напорно, и никогаш да не се откажуваш.

4. Вие сте офанзивен играч со задачи да внесувате опасност кон противничките голови. Играте најчесто на крилната позиција, дали можете да снајдете и во друга улога на фудбалскиот терен ?

-Секако, можам да се снајдам на повеќе позиции. Играм десно крило, а можам и лево, во зависност од потребите на тренерот можам да одговорам и на позицијата  полушпиц/плејмејкер како и класичен напаѓач.

Никола: На почетокот од сезоната со мојот тим си поставивме за цел да бидеме најдобри во Лигата

5. За прв пат оваа сезона со вашата генерација 2003 се натпреварувавте во третата пионерска лига. Какви беа очекувањата на тимот пред почетокот на сезоната, дали верувавте дека после 16 одиграни натпревари ќе имате максимален број на освоени бодови ?

Пред почетокот на сезоната со мојот тим си поставивме за цел да бидеме најдобриот тим во Лигата. Верувавме дека можеме да играме на високо ниво на секој натпревар. Тоа го покажавме и со убедливите победи кои ги имавме на голем дел од натпреварите.

6. Кој е најсилниот турнир на кој сте играле со екипата на Кул, на домашна и меѓународна сцена ?

-Најсилниот меѓународен турнир на кој што сме играле со екипата е „Дана Купот“ во Данска, додека домашен турнир е“ Фер Плеј во Охрид и “Караорман Певалит Куп во градот Струга.

7. Колку често гледате фудбал на телевизија, која лига најмногу ја пратите и дали одите на стадион да ги гледате мечевите на Македонската репрезентација ?

-Фудбал на телевизија следам секој викенд кога има натпревари. Најмногу ја следам Лигата на Шампиони, но исто така и англиската лига и шпанската, и често одам со соиграчите на натпреварите на нашата репрезентација.

8. Сезонава која не го дочека својот крај успеавте да постигнете вкупно 5 голови. Колку сте задоволни од вашиот придонес и прикажаната игра ?

-Искрено не сум многу задоволен од мојата игра сезонава. Имав поголеми очекувања и затоа морам да вежбам физички и ментално за да има напредок во мојата игра.

9. Од почетокот сте во фудбалската школа Кул, сигурно дека сте имале можност да работите со повеќе тренери. Колку научивте од сите нив и колку истите имаат придонес за вашиот напредок ?

-Од секој тренер што сум го имал имам научено многу за фудбалот и сите имаат своја улога во мојот развој како играч. Сепак од моите тренери научив и многу добри човечки особини, кои ми дадоа патоказ како да се однесувам во иднина.

Од секој тренер во ФК Кул научив многу-вели младиот фудбалер

10. Дали Никола има освоено поединечна награда или признание ?

-Во основно училиште освоив награда за најдобар играч во општина Центар, но се уште немам освоено поединечна награда со клубот.

11. Како го поминувавте времето во изминативе три месеци, со оглед дека немаше натпревари и тренинзи, колку ви недостасува фудбалот ?

-Тешко поминува времето без фудбал, без натпреварувањето со другите тимови. Затоа вежбам секојдневно по дома и трчам надвор, возам точак одам на Водно, за да не страда мојата игра и да не ги извисам соиграчите кои сите вежбаат и со нетрпение очекуваме да се вратиме на тренинзите.

12. Кој е најдрагоцениот пласман кој сте го освоиле во ФК Кул ?

-Првото место освоено оваа сезона со пионерите.

13. Дали имате фудбалски идол ?

-Да, тоа е Кристијано Роналдо.

14. Која е вашата цел на спортски план, која сакате да ја исполните во иднина, дали еден ден се гледате во дресот на Македонската репрезентација ?

Првото место со Кул во пионерска конкуренција е мој најдраг успех- вели Николов

-Мојата цел е, еден ден, да станам репрезентативец на Македонија и да живеам убаво од фудбалот и да бидам мотивација за следните генерации на млади фудбалери.

15. Што би им препорачале на помладите играчи кои сакаат да започнат да се занимаваат со фудбал ?

-Мојата препорака е веднаш да започнат да тренираат фудбал. Спортот е убава работа преку која се запознаваат многу нови другарства, пријатели за цел живот, како и убави сеќавања од терените и надвор од него.