Даниел Васиќ: Во ФК Кул се чувствуваме како едно големо семејство, еден ден би сакал со мојот клуб да играме во ПМФЛ

Ретроспектива на сезоната 2018/19 во детската лига, две генерации на ФК Кул се закитија со медали на завршниот турнир
06/19/2020
Дури 24 играчи се запишаа во листата на стрелци кај пионерите, а на врвот се најде Стефан Здравески
06/21/2020

Даниел Васиќ: Во ФК Кул се чувствуваме како едно големо семејство, еден ден би сакал со мојот клуб да играме во ПМФЛ

Прв пат минатата година успеавме со една наша генерација да го подигнеме трофејот во Купот на Македонија. Овој успех го направивме со генерацијата 2005 која минатата сезона за прв пат се натпреваруваше во регионалната-скопска лига на помладите петлиња како и во Купот на Македонија. Во големото финале успеавме да го победиме тимот на Вардар (2:1) и на тој начин да го подигнеме трофејот во ова натпреварување. Иако имавме негатива на тој дуел, сепак направивме пресврт и на крајот победивме. Стрелец на победничкиот гол беше Даниел Васиќ, а нашето второ интервју ќе биде токму со овој играч кој веќе две години е дел од нашиот клуб. Се работи за еден од играчите со поголема минутажа сезонава во Лигата и за третиот најдобар стрелец во тимот со 8 постигнати голови. Даниел имаше можност да настапува и за повозрасната генерација 2004 на ФК Кул која се натпреваруваше третата помлада пионерска лига. Прочитајте го интервјуто со овој играч.

1. На колку години започнавте да тренирате фудбал и од каде желбата да се занимавате со овој спорт ?

-Фудбал започнав да тренирам на 7 години во ФК Металург, а желбата за овој спорт мислам дека ја имам од многу мал, бидејќи од секогаш сум сакал да си играм со топка. 

Со фудбал започнав на 7.години, моето семејство ми е поддршка

2. Која е вашата најголема поддршка на тренинзите и натпреварите ?

-Најголемата поддршка на тренинзите и натпреварите е моето семејство, а највеќе мојот дедо и татко, кои немаат пропуштено ниту еден мој натпревар.

3. Од Металург дојдовте во Кул, како се случи тоа, што ве привлече за преселба во овој клуб ?

-Да точно така, јас дојдов од ФК Металург, таму се моите почетоци, моите први тренинзи, натпреварувања, први спортски дружења, кои започнаа во Детската лига, натпревари во училишни сали, во затворени балони и на фудбалски терени со природна трева. Ние бевме „цицибаните“ на Бимбо, нашиот покоен тренер со кој редевме безброј успеси, како и новогодишниот натпревар организиран од ОФС ,,Гази Баба“, каде што го освоивме првото место, без ниеден пораз.

-Додека тренирав во ФК Металург јас и неколку клупски другари бевме на неколку турнири надвор од нашата држава со ФК Кул. Тогаш прв пат ги видов квалитетите на овој клуб, па поради пропаѓањето на ФК Металург, ние како генерација 2005 бевме принудени да си бараме нов клуб. Од искуството кое го имав доживеано во ФК Кул, без размислување решив да се префрлам таму, каде што бев супер прифатен од целиот тим на овој клуб.

3. Со оглед дека веќе втора година играте со вашата екипа на голем терен, колкава е разликата од натпреварите во детската лига со мечевите од регионалната-скопска лига ?

-Детската лига се игра на помал терен, со помал број на играчи, и пократко време, додека регионалната скопска лига се игра на професионални фудбалски терени, со повеќе играчи и подолго време. Разликата е во тоа што на професионалните терени имаме повеќе простор и време за надигрување, а со тоа и да ги покажеме нашите вештини. Тоа исто така допринесува нашата физичка подготвеност да биде многу поголема и да се чувствуваме како професионалци.

4. Сигурно дека во фудбалската школа Кул имате едни од најдобрите услови за работа и тренизи во Македонија. Дали нешто недостасува, или сте задоволни од она што ви го нуди клубот ?

Васиќ: По моето доаѓање во ФК Кул бев одлично прифатен од сите

-Да, така е навистина клубот ни нуди одлични услови за тренинзи и натпревари. Како прво, имаме преубави терени, тушеви со топла вода во секое време, целосна опрема потребна за водење тренинзи, теретана , безпрекорна организација од страна на клубот, а најбитно од се, кога сме во клубот се чувствуваме како едно големо семејство.

5. Минатата година со генерацијата 2005 на Кул го освоивте Купот на Македонија. Како ќе го опишете финалето со екипата на Вардар, иако имавме негатива, сепак на крајот го добивме натпреварот ?

-Финалето со екипата на Вардар, нашиот најголем конкурент, беше многу возбудливо. Пред да го освоиме трофејот, имавме безброј напорни тренинзи и натпревари низ целата сезона, се до освојувањето на Купот на Македонија. Во првите неколку минути Вардар поведе, но тоа нас не мотивира со уште поголеми сили да го продолжиме натпреварот, и така соземени со голема поддршка од нашиот тим и огромна поддршка од нашата публика, која не бодреше низ целиот натпревар, кон средината на првото полувреме С. Петрушевски ја затресе мрежата на Вардар,  со што дојде до израмнување на резултатот. Од тој момент натпреварот беше многу интересен бидејќи двата тима се боревме за победа во Купот без поштедување.

Напорно работевме, многу вложивме за да го освоиме Купот против Вардар-вели Васиќ

-Кон крајот на натпреварот во 78-мата минута, токму јас го постигнав решавачкиот гол на натпреварот. Радоста не можам да ја опишам, бевме сите многу возбудени и чувството беше прекрасно. Трофејот од Купот на Македонија дојде во рацете на ФК Кул со заслужена победа и напорни работа, благодарение на нашиот тренер Саше Божиноски.

6. Што е потребно за еден фудбалер да биде успешен, колку е тешко да се стане врвен играч во иднина ?

-За да биде успешен еден фудбалер потребни се: желба, волја, љубов кон фудбалот, и најважно од се труд, упорност и самодоверба.

7. Кој турнир ќе го издвоиш како најсилен на кој си настапил со твојата генерација на Кул ( еден домашен и еден надвор од земјава) ?

-На домашни турнири имам настапувано само со претходниот клуб, но не можам да го издвојам како најдобар, бидејќи немаше добра организација и затоа ќе наведам два турнира со ФК Кул надвор од нашата држава.  На прво место турнирот „“Дана Куп“ во Данска, на кој учествував две години по ред, со стекнато големо искуство и одииграни квалитетни натпревари. На овој турнир во Данска минатата година стигнавме до 1/4 финалето каде што игравме со Бразил и бевме поразени, а мое мислење е дека тие имаа малку повеќе среќа. Како втор турнир ќе го издвојам турнирот одржан од ФК Кикер Краљев, каде си поминав преубаво и јас таму прв пат настапив за ФК Кул.

Мојот погодок донесе Куп пехар за ФК Кул и голема радост, на тоа сум горд

 

8. Покрај настапите со вашата возрасна генерација, добиваше шанса да играте и за помладите пионери. Дали на теренот ја чувствуваш разликата во години и колку мечевите со повозрасните екипи ти помогнаа да се стекнете со поголемо играчко искуство ?

-Искуството со помладите пионери ми е многу значајно, а имам и извлечено голема поука од тоа. Од тие мечеви јас станав постабилен и поцврст на теренот, а тоа многу ми помогна  во играта со мојата генерација. Од тука е и заклучокот, дека кој и да е противникот пред нас без разлика на нивната големина и спремност ние мора да го дадеме максимумот од нас.

9. На што се должат успесите на генерација 2005, со оглед дека делувате многу сигурно на теренот ?

-Мојата генерација, посебно мојот тим, сме едни и единствени. Ние сме сложни како браќа, се дружиме, почитуваме, сите напорно тренираме, го спроведуваме она што ќе ни го каже тренерот и секогаш го даваме нашиот максимум. Во кратки црти ние сме нешто како од филмот со мускетарите ,,сите за еден, еден за сите“. Затоа и сме успешни на теренот.

10. Оваа сезона беше прекината поради пандемијата со корона вирусот. Сигурно дека Вардар повторно ќе беше ваш најголем конкурент за трофеиите во двете натпреварувања. Колку си задоволен од прикажаните игри на твојата екипа во есенскиот дел и што мислиш доколку продолжеше сезоната како ќе се пласираше екипата на Кул ?

-Точно, Вардар секогаш ќе биде нашиот најголем ривал, но и ние покажавме, а тоа се виде од последниот одигран меч со нив на противнички терен, каде што во првото полувреме губевме 0:2, а второ полувреме ги победивме со резултат 3:6. Тоа е резултат од нашите напорни тренинзи, од нашата упорност и нормално нашата единственост како тим на теренот.Сме имале и натпревари кога не сме изиграле како што треба и не сме го дале максимумот, но тоа било ретко и јас верувам во мојот тим дека секогаш ќе се трудиме да дадеме се од себе, и ако продолжеше Лигата и Купот, сметам дека титулата за Купот ќе ја одбраневме а Лигата ќе ја освоевме.

Би сакал да играме во Првата Македонска Лига под името ФК Кул

11. Која е вашата цел со клубот Кул, кое е нивото кое сакате да го постигнете во наредните години ?

-Мојата цел во клубот е да го надградам сегашното знаење со напорни тренинзи и би сакал секогаш да бидам меѓу најдобрите и кога би можеле да играме во Првата Македонска Лига под името ФК Кул.

12. Работите со Саше Божиноски, колку тој ви помогна да бидете подобар на теренот и колку тренерот има заслуга за добрите резултати на екипата ?

-Тренерот Саше ми помогна многу да се изградам како вистински спортист, и може да се каже дека тој е најзаслужен за сите наши успеси, бидејќи тој е човекот кој што не научи сето она што ние го прикажуваме на терените. 

 13. Дали Даниел има свој фудбалски идол и за кој Европски клуб навива ?

-Навивам за ФК Барселона, а идол ми е Лионел Меси.

14. Кој е најдрагиот трофеј кој го имате освоено со Кул ?

-Нормално, најдрагиот трофеј ми е трофејот од Купот на Македонија во 2019 година кој сите го заслуживме, а радоста и возбудата која што таму ја доживеавме во тој момент не може со зборови да се опише.

15. Која е вашата најголема желба или цел која сакате да ја остварите во иднина ?

-Еден ден би сакал да играм за нашата фудбалска репрезентација, а најголема цел ми е да станам професионален фудбалер и да играм за некој од познатите европски клубови.