Патот до финалето во Купот на помладите петлиња во 2019 година, таму „падна“ Вардар за прв трофеј во националниот Куп

Филип Стајковски: Атмосферата во клубот е прекрасна, верувавме дека ќе го освоиме првото место во лигата, тоа беше и нашата цел пред стартот на сезоната
06/23/2020
Минатата сезона за само еден погодок, Александар Богданоски, не заврши на врвот на листата на најдобри стрелци во лигата
06/24/2020

Патот до финалето во Купот на помладите петлиња во 2019 година, таму „падна“ Вардар за прв трофеј во националниот Куп

Прв пат минатата година успеавме со една генерација да го подигнеме трофејот во Купот на Македонија. Тоа се случи со генерацијата 2005 на ФК Кул која во сезоната 2018/19 дебитираше во регионалната-скопска лига на помладите петлиња и во националниот Куп.

Во големото финале се сретнавме со екипата на Вардар, која ја победивме со резултат 2:1. Но каков беше патот до големото финале за нашите млади надежи…

Уште во осмина-финалето најавивме дека сериозно може да се смета на нас, првата пречка во ова натпреварување ја поминавме на доминантен начин. На само еден натпревар и тоа одигран во Битола, тимот на ФК Кул излезе како победник во дуелот со Пелистер, а триумфот дојде со многу повисока разлика, отколку што очекувавме. Конечниот резултат на тој 1/8 финален натпревар гласеше 0:6 во наша корист.

Екипата на Академија Пандев беше нашиот противник во 1/4 финалето на Купот, а патникот во следната рунда беше решен после два натпревари. Првиот се одигра на теренот во Струмица и заврши со нерешен резултат 1:1, додека пред нашите навивачи го потврдивме квалитетот, докажавме дека сме подобри од Пандев и победивме со резултат 3:0.

Во 1/2 финалето повторно за противник имавме екипа, која не беше од Скопје, тоа е Академија Постолов од Штип. Избраниците на Саше Божиноски обезбедија триумф и на двата натпревари. Уште на првиот натпревар одигран на теренот на Цементарница се стекнавме со добра предност, победивме без примен гол во нашата мрежа, додека нашите играчи постигнаа два гола (2:0) во мрежата на Постолов. Ниту на реваншот во Штип немаше неизвесност, со оглед дека момците на Кул славеа уште еден триумф, изразен со резултат 1:2.

Денот кога се одигра големото ФИНАЛЕ во Купот беше вистински празник за нашиот клуб и навивачите. Со нетрпение се очекуваше почетокот на дуелот против Вардар. Иако првично финалните дуели од Купот во младите категории беа закажани да се одиграат во Охрид, тоа не случи со оглед дека дојде до промена. Финалниот дуел на помладите петлиња во Купот се одигра на тренинг центарот „Петар Милошевски“ па нашите навивачи во што поголем број ги исполнија трибините.

Не тргнавме добро во мечот, со оглед дека уште во 2.минута од дуелот, Вардар го отвори резултатот и поведе со 0:1. Сепак оваа почетна негатива не не обезхрабри, се ослободивме од почетниот притисок и игравме се подобро во текот на натпреварот. Како резултат на таквата игра дојде и израмнувањето за 1:1 кога мрежата на Вардар ја погоди Стефан Петрушевски во 27 минута, додека победничкиот гол во 78 минута беше дело на Даниел Васиќ, кој ги постави конечните 2:1. Со оглед на играта која ја пружија двете екипи, сосема заслужено победивме и станавме освојувачи на националниот Куп.

Ова беше посебен ден во историјата на нашиот клуб, оваа генерација заслужи да го подигне трофејот, напорно тренираше во текот на целата година, веруваше во себе, а резултатот на крајот беше очигледен.

Во финалето настапивме во следниов состав: Јордан Јосифов, Александар Трајчевски, Матеј Митревски, Петар Станковски, Стефан Петрушевски (Владимир Стефановиќ 59`), Максим Бундалевски, Борјан Наков, Александар Богдановски (Мартин Ацевски 68`), Александра Блажевски (Стефан Симоновски 41` – Андреј Стојановски 70`), Даниел Васиќ (Лука Мутовиќ`), Матеј Цветановски.