Лука Миленковиќ: Ако би требало повторно да одлучувам каде да тренирам, без размислување тоа би било во ФК Кул

Ретроспектива на дебитантската сезона 2017/18 во регионалната-скопска лига за помладите петлиња на ФК Кул
06/25/2020
Дали тоа беше најдоброто полувреме, Кул за само 30 минути му даде шест голови на Вардар, во дербито на регионалната-скопска лига
06/27/2020

Лука Миленковиќ: Ако би требало повторно да одлучувам каде да тренирам, без размислување тоа би било во ФК Кул

Нашето следно интервју е повторно со играч, кој има долг стаж во фудбалскиот клуб Кул. Се работи за Лука Миленковиќ, кој го брани голот на генерацијата 2003. Со неговата екипа, Лука, оваа сезона за прв пат се натпреваруваше во рамките на третата пионерска лига, во која убедливо го освоија првото место. Лука започнува да тренира во Кул, а веќе десетта година е дел од нашата фудбалска школа. Тука „созреа“ како голман, научи многу, а ние сме среќни што го имаме во нашите редови. Лука ќе ни открие за неговите почетоци во овој спорт, каде започнува најпрво како играч, а потоа се префрла на голманската позиција. Како помина сезоната со неговата екипа, како се станува добар голман и кои се плановите и желбите за во иднина на Лука, можете да прочитате во продолжение од интервјуто.

1. Зошто баш Кул го одбравте за клуб во кој започнавте да тренирате ?

-Не се сеќавам зошто баш Кул, бидејќи бев многу мал, но многу сум среќен со мојата одлука. Ако би требало повторно да одлучувам каде да тренирам, без размислување тоа би било во ФК Кул.

2. На колку години беше вашиот прв тренинг и со кој прв тренер започна да работиш ?

-Мојот прв тренинг беше на мојата 7 годишна возраст во балонот во населбата Карпош на фудбалскиот клуб Кул. Тогаш започнав да ги учам основите на фудбалот,  додека мојот прв тренер со кој соработував беше Александар Цветковски.

3. Со кои зборови ќе го опишете вашиот тим ?

-Нашиот тим на секој натпревар е „гладен“ за победа, полн со емоции и страсти, кој на секој натпревар и тренинг го дава максимумот од себе.

4. Зошто продолживте како голман, а не играч, дали од почетокот ве привлекуваше голманската позиција ?

-Кога започнав да тренирам почнав како играч, додека после една година тренирање се одлучив да се префрлам на голманската позиција, бидејќи таму наоѓав поголем напредок за себе и полесно се снаоѓав на голот.

5. Оваа сезона која не го дочека својот крај за прв пат игравте во пионерската трета лига. Завршивте на првото место со максимален број на освоени бодови. Како ја виде сезоната, дали очекувавте дека ќе завршите на првото место и колку сте задоволен од игрите и резултатите на вашата екипа ?

-Додека бевме на летните припреми, јас заклучив дека сме најподготвени од сите наши противници, затоа што секој тренинг го одработувавме со 110% од силите . Премногу сум задоволен од нашата игра затоа што завршивме први на табелата без ниту еден пораз и без ниту еден нерешен резултат. Доминиравме во текот на целата сезона, штета што истата не финишираше, бидејќи имавме за цел да завршиме со максимален број на освоени бодови.

6. Долго време сте без тренинзи и натпревари поради пандемијата со Корона вирусот, како Лука ја одржува својата форма и како поминува еден ваш ден во овој период ?

-Мене, многу ми недостигаат тренинзите и натпреварите, исто така ми недостига дружбата со тимот и шегите кои си ги делиме меѓу себе пред и после тренинзите. За да ја одржам мојата форма јас возам точак, го искачувам Водно и вежбам по дома.

7. Кој е вашата најголема поддршка на натпреварите кои ги играте со вашиот тим ?

-Мојата најголема подршка на натпреварите е мојот татко, тој нема пропуштено ниту еден мој натпревар.

8. Следната сезона ќе се натпреварувате во втората кадетска лига, какви се твоите очекувања, и кои екипи според тебе се најголеми конкуренти на ФК Кул за освојување на првите две позиции во лигата ?

-Сигурно дека во втората кадетска лига екипите се поквалитетни, за разлика од оние кои беа во третата. Мислам дека нашите најголеми конкуренти дека ќе бидат екипите на ФК Скопје и ФК Милано. Повторно ќе влеземе со големи амбиции, верувам во квалитетите на мојата екипа.

9. Кои се вашите најубави моменти за време на вашиот претстој во Кул ?

-На мене, меѓу најубави моменти ми се летните кампови и турнирите на кои настапуваме надвор од земјава.

 10. Оваа сезона имавте можност да се натпреварувате и во Купот на Македонија, каде испаднавте од екипата на Шкупи. Со оглед дека имавте противник кој е дел од горниот дел на табелата во првата пионерска лига, дали е голема разликата во квалитетот на екипите и како ќе го опишеш тој меч, со оглед дека бевме поразени со само еден гол разлика ?

-Мислам дека нема голема разлика помеѓу нашиот и тимот на Шкупи и сигурен сум дека ако играме пак со нив, ќе ги победиме. Натпреварот од 1/8 финалето на Купот со Шкупи го изгубивме несреќно, со само еден гол разлика, бидејќи имавме неискористени шанси за гол. Противникот имаше среќа при постигнување на вториот погодок, но ние покажавме дека можеме рамноправно да се носиме и со екипи кои се натпреваруваат во првата пионерска супер лига.

11. Ако еден ден би имал можност да потпишеш за некој Европски клуб, кој би сакал да биде тоа ?

-Доколку имам таква можност, јас би сакал да потпишам за екипата на Челси во Премиер Лигата.

 

12. Велат дека добар голман е пола екипа, колку е тешко да се стане добар голман, кои се трите работи кои се најважни за успех?

– По многу тежок пат се стигнува за да се стане добар голман, додека три работи кои се најважни за да се стане успешен голман се: Голманската позиција бара многу тренинзи, многу концентрација и трпение.

13. Колку научи од тренерите со кои имаше можност да соработуваш во Кул, колку истите се важни за вашиот голмански развој ?

-Од секој тренер научив многу различни работи кои ми придонесоа за мојот голмански развиток и сите тие имаат своја заслуга.

14. Кој е голманскиот идол на Лука ?

-Мојот голмански идол е Тер Стеген.

15. За крај на интервјуто, дали Лука има некоја желба или цел која сака да ја оствари во иднина на фудбалски план ?

– Да, имам желба и цел да станам професионален голман и да потпишам за голем Европски клуб.