Марко Блажовски: Лојалноста и успесите беа пресудни моменти при одлуката да останам во Кул

(Фотогалерија) Пријателски натпревари за ФК Кул генерација 2010 и 2011 против Биџо
07/12/2020
ФК Кул со генерацијата 2006 одигра пријателски меч против екипата на Скупи
07/12/2020

Марко Блажовски: Лојалноста и успесите беа пресудни моменти при одлуката да останам во Кул

Следното наше интервју е со играч кој е дел од генерацијата 2007, екипа која во новата сезона ќе дебитира во рамките на регионалната-скопска лига за помлади петлиња. Се работи за Марко Блажовски, кој веќе шестта година е дел од нашиот клуб. Во натпреварувачката сезона 2018/19, токму Марко доби големо признание, кога беше прогласен за најдобар стрелец на завршниот турнир на детската лига, кој е во организација на ФФМ. Чест ни е да соопштиме дека Блажовски и во новата сезона ќе биде дел од Кул, откако се реши да не се пријави на конкурсот од страна на стручните лица кои се задолжени за селектирање на играчи, во Академијата на ФФМ. Марко беше само еден од неколкуте селектирани момчиња од оваа генерација на Кул, но реши да остане верен на клубот каде и ја започна својата играчка кариера. Со неговото останување, екипата добива голема самодоверба да го продолжи патот кој го започна и во иднина да ги повторува успесите.

Прочитајте го интервјуто со Марко Блажовски од генерацијата 2007.

1. На колку години започна да тренираш и кој беше првиот тренер со кој имаше можност да соработуваш ?

-Моите почетоци се на 7 годишна возраст во ФК Кул. Започнав со Саше Божиноски кој и денес е мој тренер.

2. Марко, дали фудбалот беше твој животен сон, или покажуваше интерес и кон друг спорт ?

-Како спортист ги почитувам сите спортови, но фудбалот е и ќе биде мојот сон.

3. Според вас кои предиспозиции треба да ги поседува еден добар играч ?

-Најбитно е желбата и љубовта кон фудбалот. Мислам дека многу битно е талентот пред се, а и напорните тренинзи кои водат до победи и успеси.

4. Пред две сезони со вашата генерација направивте огромен успех освојувајќи го сребрениот медал во детската лига. Во големото финале несреќно на пенали бевте поразени од тимот на Вардар. Како ќе го опишеш финалето, дали верувавте со твојот тим дека сезоната ќе ја завршите на второто место ?

-Знаејќи дека нашиот тим е еден од подобрите во лигата се надевавме на висок пласман. После секоја победа на завршниот турнир, се раѓаше се поголема желба за освојување на детската лига. Сигурен сум дека во финалето против Вардар бевме подобрата екипа, но противникот имаше повеќе среќа.

5. Колку е тешка позицијата на која настапувате, играте како заден везен играч, позиција која сигурно бара многу одговорност и труд на теренот ?

-Позицијата на која настапувам според мене бара најмногу залагање и одговорност, бидејќи мора да сум активен во секоја фаза од играта, како во организацијата на играта, така и во нападот и одбраната.

6. Како го поминувавте периодот без тренинзи и натпревари, поради пандемијата со вирусот долго време бевте одалечени од фудбалските терени, како течеше еден ден на Марко ?

-Ми недостасуваше многу фудбалот. Се трудев да надоместам со индивидуални тренинзи во домашни услови, а кога беше дозволено секогаш користев прилика да излезам надвор и да работам со топка на поширок простор.

7. Во натпреварувачката сезона 2018/19 бевте прогласен за најдобар стрелец на завршниот турнир на ФФМ во детската лига. Дали го очекуваше ова признание и можеш да ни го опишеш ли чувството кога го слушна твоето име ?

-Позицијата на која играм не е својствена за постигнување многу голови. Сепак на завршниот турнир често пати се најдов во завршница и тоа го искористив на најдобар начин. Чувството е прекрасно кога ќе го слушнеш своето име, а посебно кога наградата ќе ти ја додели еден врвен напаѓач како Александар Трајковски.

8. Кој е омилен македонски фудбалер на Марко ?

-Веројатно делам исто мислење со многумина од моите врсници, тоа е Горан Пандев, најдобриот македонски репрезентативец.

9. Оваа недела стартувавте со тренинзи и подготовки за новата натпреварувачка сезона. Дали беше тешко да се вратите на тренинг после пазуа од четири месеци, каква е атмосферата во тимот и како течат тренинзите под водство на тренерот Божиноски ?

-После ваква долга пауза секако дека е тешко да се вратиш на тренинг со истото темпо како претходно. Атмосферата во тимот е добра, а под водство на тренерот Божиноски сигурен сум дека ќе ја вратиме старата форма многу брзо.

10. Иако бевте меѓу селектираните играчи за прием во Академијата на ФФМ, сепак се одлучивте да се не пријавите и во наредната сезона да настапувате за нашиот клуб. Што беше пресудно за оваа ваша одлука ?

-Од најрана возраст сум член на овој клуб. Имам доживеано успеси кои ме прават горд член на овој клуб. Чест е да бидеш селектиран за член на академијата меѓутоа лојалноста кон клубот и довршувањето на основното образование во моето училиште за мене претставуваат пресуден момент за останување во Кул.

11. Со вашата генерација имавте добри настапи на турнирот „Кул Кул 2019“ на кој го освоивте второто место. Какви се впечатоците твои од ова издание на Кул Купот, дали си задоволен од играта и резултататите на твојот тим и да ни го кажеш твоето мислење за овој собир кој го организира нашиот клуб ?

-Меѓународниот турнир „Кул Куп“ беше организиран одлично со екипи од повеќе држави од Балканот и пошироко. Нашата генерација се прикажа во вистинско светло играјќи во финалето, кое незаслужено го изгубивме.

12. Дали освен наградата за најдобар стрелец во 2019 година, имаш добиено и други признанија и која награда ти е најдрага ?

-Освен наградата за најдобар стрелец во 2019 година имам добиено и други признанија на некои помали турнири, како најдобар играч и слично. Сепак најдрага награда ми е за најдобар стрелец на завршниот турнир на ФФМ.

13. Колку си задоволен од условите кои ги пружа ФК Кул на вас младите членови. Дали клубот ви нуди се што е потребно за еден играч успешно да работи и да се развива ?

-Условите во клубот се супер. Имаме два големи терена со природна трева и три мали терени со вештачка трева каде што можеме безпрекорно да работиме и да се развиваме и индивидуално и како тим. Многу често клубот ни овозможува меѓународни турнири, каде можеме да стекнеме нови искуства.

14. Кој е најголемата поддршка на твоите тренинзи и натпревари ?

-Секако, моето семејство. Татко ми и дедо ми се секогаш мојата безрезервна поддршка.

15. Во новата сезона ќе настапувате на голем терен, односно ќе дебитирате во регионалната-скопска лига за помлади петлиња. Сигурно дека има ќе разлика во натпреварите од детската лига и овие во рамките на регионалната-лига. Какви се твоите очекувања за сезоната која следи, дали ФК Кул има амбиции и шанси да се бори за трофејот во двете натпреварувања ?

-Поголемиот дел од мојата екипа има искусено натпревари на голем терен. Поради тоа прилагодувањето од помал на поголем терен мислам дека ќе биде полесно. Очекувањата за следната сезона се висок пласман во првенството и освојување на купот, секако ако го задржиме костурот на тимот.

16. Марко за крај на интервјуто, која е твојата најголема желба или цел која сакаш да ја постигнеш со фудбалот ?

-Како голем навивач на Милан, моја најголема желба е еден ден да заиграм за овој тим.