Андреј Николовски: Кул е еден од ретките клубови во нашата држава кој е одлично организиран, имам голема желба да станам успешен фудбалер

Откажани се контролните натпревари со екипата на Брегалница
07/24/2020
Генерациите 2003 и 2004 на ФК Кул одиграа меѓусебна „контролка“, која заврши со резултатска симетрија
07/27/2020

Андреј Николовски: Кул е еден од ретките клубови во нашата држава кој е одлично организиран, имам голема желба да станам успешен фудбалер

Следното наше интервју е со играч кој настапува во генерацијата 2008 на ФК Кул. Се работи за Андреј Николовски кој веќе шестта година е дел од нашиот клуб. Тука ги започна своите фудбалски почетоци, научи многу за овој спорт, се усовршуваше и заедно со неговата генерација цели на успеси и трофеи.

Не случајно започнава да се занимава со фудбал, со оглед дека потекнува од спортско семејство. Неговиот татко е поранешен фудбалер, човекот кој му ја всади љубовта на Андреј за овој спорт. Во продолжение прочитајте го интервјуто со Андреј Николовски.

1. Како се роди желбата да започнете да тренирате фудбал ?

-Од многу мал моја омилена играчка беше топката, затоа татко ми често ме носеше да ги гледаме домашните фудбалски натпревари, а ги следевме и меѓународните натпревари и големите фудбалски ѕвезди. Така кај мене се појави љубовта кон фудбалот и огромната желба да почнам да тренирам.

2. На колку години беше твојот прв тренинг и со кој тренер имаше можност да ги учиш основите во фудбалот ?

– Фудбал започнав да тренирам на 6 годишна возраст во Кул, а мој прв тренер од кого имав можност многу да научам и кој дополнително ми ја всади љубовта кон фудбалот е Саше Божиноски.

3. Како Андреј ја гледа фудбалската игра ?

– Фудбалот е тимска игра каде секој од нас е потребно да вложи многу труд, посветено да работи и да биде дисциплиниран што е клучно за успехот на целиот тим.

4. Минатата сезона бевте дел од два турнири „Гази Баба Куп“ и „ Кул Куп“. Кажи ни ги твоите впечатоци од истите, колку си задоволен од игрите и конечниот пласман на твојата генерација на овие два турнири ?

– Со нетрпение и голема љубов ги очекуваме сите турнири на кои учествуваме со нашата екипа. Можам да кажам дека на турнирот „Гази Баба Куп“ игравме многу добро во групната фаза и го освоивме првото место и стигнавме до 1/4 финале каде загубивме од екипата на Академија Пандев од Струмица. На нашиот „ Кул Куп“ оваа година бевме елиминирани малку несреќно уште во групната фаза и можеби изгоревме во желбата да стигнеме до самата завршница на турнирот. Сигурен сум дека на наредниот турнир заедно со моите другари вредно ќе работиме и ќе имаме повеќе резултатска среќа.

5. Што значи да се биде дел од Кул, какви услови ви нуди школата ?

– Имаме идеални услови за работа и можност да напредуваме како играчи. Клубот сериозно расте и се развива од година во година и е еден од ретките во нашата држава кој е одлично организиран, има прекрасни терени за работа на природна и вештачка трева како и едуциран тренерски кадар кој посветено работи со нас децата. Исто така имаме можност да учествуваме на многу силни турнири на кои сите генерации на Кул имаат остварено добри резултати.

6. Кој е најсилен домашен и меѓународен турнир, на кој си играл со твојата екипа ?

– Најсилен домашен турнир на кој сме настапиле е Меѓународниот турнир „ Кул Куп“ на кој има голем број на екипи од земјава и странство, додека надвор од Македонија најсилен беше турнирот во Загреб.

7. Колку е тешко истовремено да се биде добар играч и ученик. Како Андреј ги исполнува двете обврски ?

– И покрај големите обврски повразни со училиштето, со нетрпение и голема љубов го чекам секој тренинг и натпревар на кој треба да учествуваме. Се трудам максимално да одговорам на сите задачи и обврски како на училиште така и на тренинг.

8. Кој е омилен македонски фудбалер на Андреј и која Европска лига сакате најмногу да ја следите ?

– Со задоволство ги следам сите натпревари на Македонската фудбалска репрезентација. Мој омилен македонски фудбалер и идол ми е Енис Барди.

9. Дали можеш да ни издвоиш еден најдобар момент во Кул ?

– Најдобар момент е ланското учество во ФФМ детската лига каде стигнавме до Државното првенство и постигнавме добар успех со пласманот меѓу најдобрите екипи.

10. Долго време сте надвор од терените поради пандемијата со вирусот. Како ја одржувате формата и колку е тешко без натпревари, дали истите ви недостасуваат ? 

-Многу ми е тешко без тренинзи бидејки сме навикнати да тренираме повеќе пати во неделата , а исто така ми недостасуваат и натпреварите со другите екипи. Мојата форма и кондиција ја одржувам со пешачење на Водно, возење велосипед, разни вежби, а понекогаш и трчање покраj кејот на Вардар.

11. Koja омилената позиција на теренот, каде најмногу се пронаоѓате и давате најголем придонес за тимот ?

– Моја омилена позиција е напаѓач на која и најчесто играм во клубот.

12. Кои се желбите на Андреј во иднина поврзани со фудбалот ?

– Голема желба ми е да станам успешен фудбалер и да играм во мојата омилена шпанска фудбалска лига.