Јован Митревски: Со мојот тим го дадовме максимумот на секој натпревар и заслужено завршивме на првото место во лигата

Генерациите 2003 и 2004 на ФК Кул одиграа меѓусебна „контролка“, која заврши со резултатска симетрија
07/27/2020
(ФОТОГАЛЕРИЈА) Генерациите 2003 и 2004 работат под „полна пареа“
07/29/2020

Јован Митревски: Со мојот тим го дадовме максимумот на секој натпревар и заслужено завршивме на првото место во лигата

Јован Митревски е дел од фудбалската школа на Кул. Настапува за генерацијата на играчи родени 2004 година, која изминатава сезона се натпреваруваше во рамките на третата лига за помлади пионери. Екипата на Кул успеа да го освои првото место, иако сезоната не финишираше, сепак нашите млади надежи одиграа одлични натпревари. Јован беше трет стрелец на тимот со вкупно 5 постигнати голови, како и играч кој ја имаше втората најголема минутажа во оваа генерација. Митревски исто така забележа настапи и за пионерите на Кул.

Следното интервју е токму со овој играч, за кој очекуваме и во новата сезона да биде „столб“ во нашата одбрана.

1. Колку години сте дел од фудбалскиот клуб Кул, што ве привлече за тренинг во оваа школа ?

– Во фудбалскиот клуб  Кул сум веќе 7 години. Ме привлече добрата организација на клубот, посветеноста на тренерите како и добрите услови кои ги нуди Кул.

2. Дали Јован покажуваше симпатии и кон други спортови, или фудбалот беше ваша единствена желба ?

-Симпатии кон други спортови сум немал, моја единствена желба беше и остана фудбалот.

3. Изминатава сезона која не финишираше, завршивте на првото место во третата лига за помлади пионери. Како ја опишуваш сезоната во која дебитиравте во ова натпреварување. Дали пред почетокот на истата предвидувавте дека ќе имате добри резултати, колку сте задоволен од прикажаните игри на твојата екипа ?

-Сезоната што заврши според мене беше доста успешна за мојата екипа.Јас и моите соиграчи го дадовме максимумот и заслужено завршивме на првото место во лигата. Се посветивме максимално на натпреварите и со напорни тренинзи ја остваривме посакуваната цел на почетокот на сезоната, а тоа беше освојување на првото место.

4. Која е вашата омилена поцизија на теренот, каде сметате дека давате најголем максимум за тимот ?

-Мојата омилена позиција е одбраната, каде што и настапувам како стопер.

5. Тренирате и се подготвувате за новата натпреварувачка сезона, ваш предводник е Един Нурединовски, поранешен репрезентативен голман. Како течат подготовките и како е да се работи со Нурединовски, колку неговото искуство го пренесува на вас младите ?

-Един Нурединовски е прекрасна личност, тренер со многу искуство и познавање кон фудбалот, кое ни го пренесува на нас играчите.Подготовките течат со напорни тренинзи и задоволство е да се работи со таков тренер.

6. Колку е тешко да се стане добар играч, и дали е потребно да се откажеш од многу работи за целосно да се посветиш на фудбалот ?

Да се стане добар играч, значи да се има голема љубов и желба кон фудбалот, а вооедно треба максимално да си посветен на фудбалот.

7. Колку Кул како клуб ви помогна да се развиете и афирмирате во добар играч ?

-Фудбалскиот клуб кул ми овозможи да станам добар играч, бидејќи има соодветни услови, одлични тренинзи и посветени тренери

8. Во новата сезона ќе се натпреварувате во втората пионерска лига, какви се очекувањата на тимот, дали оваа генерација може да стигне на крајот до едно од првите две места кои носат пласман во супер лигата ?

-Секако, оваа генерација има квалитет за такво достигнување. Се надевам дека со посветена работа и пожртвуваност на натпреварите, дека можеме следната сезона да се пласираме во најсилната супер лига.

9. Кој е ваш идол и омилен европски клуб ?

Мој идол е Серхио Рамос, а мој омилен европски клуб е Челзи.

10. Која е вашата цел во ФК Кул и каде се гледате во иднина ?

-Мојата цел во овој клуб е да го освоиме првото место во првата лига, и се надевам дека со напорна работа еден ден ќе стигнам до некој европски клуб.