Максим Бундалески: Во новата сезона сакаме да се избориме за пласман во најдобрата супер лига, а понатаму и да го донесеме Кул до врвот на Македонскиот фудбал

Слободни денови за сите екипи на ФК Кул, во вторник се враќаме на тренинзи
07/31/2020
Минатата година, повозрасните петлиња на Кул високо го победија Вардар, таа сезона бевме рамноправни противници на Работнички и Шкендија
08/05/2020

Максим Бундалески: Во новата сезона сакаме да се избориме за пласман во најдобрата супер лига, а понатаму и да го донесеме Кул до врвот на Македонскиот фудбал

Нашата фудбалска школа во своите 13 години постоење, полека, но сигурно го трасираше патот кон успесите. Создаваше талентирани дечиња, кои како одминуваа годините стануваа носители во своите генерации. Среќни сме и горди што можеме да кажеме дека достигнавме некое задоволително ниво, но не сакаме тука да застанеме. Нема да брзаме, ќе чекориме полека, а успесите ќе си дојдат со текот на времето. Генерацијата 2005 на ФК Кул е типичен пример за нашата работа, за сите вложувања во клубот, правиме се што е во наша моќ, секој член на клубот да биде задоволен, среќен и да се чувствува како вистински професионалец во Кул.

Минатата година испишавме историја кога за прв пат успеавме со генерацијата 2005 да го освоиме Купот на Македонија и да го подигнеме трофејот на тренинг центарот „Петар Милошевски“. Оваа екипа работеше напорно, секојдневно и посветено, имаше свои цели, а голем дел од нив и ги исполни до овој период. Дел од надежната генерација е и Максим Бундалески, играч кој е значајна алка во успесите на тимот. Максим во изминатава сезона постигна 7 голови, со кои беше четврти најдобар стрелец на екипата, а беше и еден од играчите кој имаше најголема минутажа.

Максим исто така има свои цели, некои веќе ги оствари, а во следните години сака да го достигне врвот со Кул и да му помогне на клубот да биде еден од најдобрите во Македонија. Се надеваме дека сите членови кои се дел од клубот ќе помогнат желбите на Максим да станат реалност, а ние одговорните за веб сајтот ќе се обидеме да го направиме клубот многу популарен и да му помогнеме во зацртаните цели.

Да не должиме повеќе, сигурно дека сакате да го прочитате нашето следно интервју, истото е со Максим Бундалески, кој со помладите пионери во новата сезона ќе се обидат да ја внесат екипата во најсилната Супер лига.

1. На колку години започна да тренираш, дали се сеќаваш на твојот прв тренинг ?

-Најпрво започнав да тренирам во Ново Лисиче, но подоцна кога Кул и Ново Лисиче се споија, јас продолжив во фудбалскиот клуб Кул и среќен сум што го направив правилниот избор. Кога имав осум години беше мојот прв тренинг, на кој многу добро се сеќавам.

2. Зошто се одлучи баш за фудбал, а не за некој друг спорт, од каде љубовта кон фудбалот ?

-За фудбалот се одлучив уште како мал, кога ги гледав играчите на теренот како играат, тогаш се заљубив во овој спорт.

3. На што се должат успесите на генерација 2005, најпрво во сезоната 2017/18 освоивте бронзен медал во детската лига, во следната го освоите и купот на Македонија, а во изминатата сезона која не го дочека својот крај имавте отворена битка со Вардар за Шампионскиот трофеј ?

-Успесите на нашата генерација се должат на нашиот тренер, на нашата напорна работа и желбата да освојуваме трофеи. Кога го освоивме бронзениот медал во детската лига, а следната сезона и Купот на Македонија бевме сите заедно многу мотивирани. Секако не беше лесно да се стигне до посакуваната цел, но мислам дека секој од нашиот тим даваше и повеќе од максимум во текот на целата сезона, а на крајот нашиот труд и квалитет беше награден.

4. Дали моменталната позиција на која играте во моментов, била ваша омилена уште од самиот почеток на играчката кариера, или имате настапувано и на други позиции на теренот ?

-Кога започнав со фудбалот најпрво играв во нападот, но по одредено време ја пронајдов идеалната позиција, а тоа е на средината на теренот, каде давам најголем придонес за мојот тим.

5. Минатата година твојата екипа испиша историја за Кул, во првата сезона во лигата и Купот на Македонија, успеавте да го кренете трофејот во Купот. Иако имавте негатива против Вардар успеавте да се вратите во мечот и на крајот да славите победа. Може ли едно твое видување за финалето во Купот, што беше она што ве мотивираше да направите резултатски пресврт ?

 -Додека имавме негатива сите бевме свесни за тоа колку подобро може да го продолжиме натпреварот, па затоа кога го постигнавме голот за изедначување многу се мотивиравме и продолживме да даваме се од себе на теренот. На полувреме нашиот тренер ни даде голема самодоверба со која започнавме во второто полувреме, успеавме да го постигнеме и вториот гол, кој ни ја овозможи победата и трофејот во купот на Македонија.

6. Веќе еден месец се подготвувате за новата натпреварувачка сезона, како течат тренинзите и подготовките ?

-Тренинзите и припремите течат со полна, напорно се подготвуваме и со нетрпение го очекуваме стартот на сезоната.

7. Долго време сте со Саше Божиноски, колку е тренерот значаен за успесите на оваа генерација ?

-Сите наши успеси се должат на нашиот тренер Саше Божиноски, кој не донесе до се ова што го имаме направено и ни овозможил да се изградиме како добри играчи. Нашиот стратег за време на сите овие години не мотивираше најмногу што може, за да стигнеме до нивото на кое сме денес.

8. Што е она што најмногу ве мотивира пред натпревар, имате ли некаков ритуал пред меч, или нешто слично ?

-Нешто што најмногу ме мотивира пред секој натпревар е да дадам се од себе, за да можам да и помогнам на екипата да победи. Инаку, немам никаков ритуал пред меч.

 

9. Што мислите дали само „дарбата“ е решавачка за еден играч да биде успешен, или се потребни и други работи за време на играчката кариера ?

-Дарбата е голем фактор доколку сакаш да успееш во фудбалот, но потребни се и многу работа и посветеност, за да стигнеш до таа цел.

10. Максим, во новата сезона ќе бидете дел од втората помлада пионерска лига. Какви се твоите очекувања, дали си запознаен со противниците во лигата и дали сметаш дека вашиот тим може да избори пласман во најсилната супер лига ?

-Делумно сме запознаени со какви противници ќе се сретнеме во новата сезона, а јас сум убеден дека ќе оствариме голем успех, за да се вратиме во супер лигата каде што и припаѓаме.

11. Колку Кул ти помогна да созрееш во добар играч, какви услови нуди клубот и дали ги имате сите неопходни работи кои се потребни за секој млад играч правилно да се развива ?

-Клубот многу ми помогна во мојот правилен развој, бидејќи ми ги пружи сите неопходни услови кои се потребни за да можеш да се изградиш како играч. Сакам да се заблагодарам на сите лица кои имаат придонес за добрата организација во Кул.

12. Дали може да ни издвоите најдраг трофеј кој го имате освоено во Кул ?

-Мојот најдраг трофеј што го имам освоено со Кул е дефинитивно купот на Македонија.

13. Минатата година имавте можност, каква што ретко се гледа во Македонија за една младинска екипа, да бидете дел од голем меѓународен турнир во Данска. За какво натпреварување се работи може ли да ни кажете, каква беше организацијата, од кои земји имаше противници со кои се соочивте и каков беше вашиот пласман на „Дана Купот“ ?

-Турнирот во Данска е голем спортски настан, на кој доаѓаат тимови од различни земји во светот за да може да се натпреваруваат и да научат многу работи. Организацијата на турнирот беше беспрекорна, а нашиот тим се соочи со противници од различни земји, како Финска, Германија, Бразил и сл. Нашиот пласман беше прилично добар, каде успеавме да стигнеме до четврт-финалето на турнирот, а таму бевме запрени од екипа која доаѓаше од Бразил. Сепак тоа беше едно големо искуство за мојот тим, а ние сме благодарни на клубот кој ни овозможува да се натпреваруваме на турнири на кои има екипи од целиот свет.

14.Кој е идолот на Максим, кој играч најмногу ве инспирира ?

-Мојот идол, односно играчот кој најмногу ме инспирирал е Френк Лампард.

15.За крај на интервјуто, дали може да ни ги кажете вашите амбиции и цели кои ги имате со фудбалскиот клуб Кул ?

-Во новата сезона сакаме да се избориме за пласман во најдобрата супер лига, а понатаму и да го донесеме Кул до врвот на Македонскиот фудбал.