Матеј Цветановски: Имаме квалитет да се избориме за пласман во најсилната супер лига, посакувам еден ден да заиграм за македонската репрезентација

(Фотогалерија) Генерациите 2008 и 2009 одиграа пријателски натпревари со Гостивар
09/18/2020
Четири генерации утре патуваат за Струмица, во недела ни гостува Куманово
09/18/2020

Матеј Цветановски: Имаме квалитет да се избориме за пласман во најсилната супер лига, посакувам еден ден да заиграм за македонската репрезентација

Пред 13 години се решивме да создадеме фудбалска школа, која ќе им овозможи на младите да спортуваат и да градат спортски дух. Еден од нашите први членови беше и Матеј Цветановски, играч кој успеа минатата година со својата генерација да го направат најголемиот успех од основањето на фудбалскиот клуб Кул и да го освојат Купот на Македонија. Пред осум години го имаше својот прв тренинг во Кул, полека чекореше, создаваше спортски навики, работеше напорно и веруваше дека еден ден ќе се искачи на врвот.

Матеј е капитен на генерацијата 2005 која имаше можност во изминатава сезона да се бори и за двојната круна во Македонија, но пандемијата со вирусот предвреме ја прекина сезоната, во која немаше победници ниту во една младинска категорија. Во новата сезона со помладите пионери ќе тргне од втората лига, но длабоко верува дека неговиот тим е квалитетен и подготвен да избори пласман во Супер лигата.

Следното наше интервју е токму со Матеј Цветановски, играч без кој не може да се замисли играта на тимот, дава максимум на секој тренинг и натпревар и верува дека еден ден ќе ги исполни своите желби и цели.

1. Кој ве потикна да започнете да тренирате фудбал, од каде произлезе желбата за овој спорт ?

Мојата желба за фудбал ја добив така што ги гледав децата кои ги тренираше мојот татко. Често одев на нивните натпревари и видов дека преку спортот можеш да стекнеш многу пријателства. 

2. На колку години беше твојот прв тренинг и под водство на кој тренер ?

– Мојот прв тренинг беше кога имав седум години под водство на тренерот Александар Цветковски.

3. Наброј три работи кои се потребни да се стане успешен фудбалер ?

– Според мене доколку сакаш да станеш успешен играч мора да имаш поддршка, да веруваш во себе и да даваш 100% на секој тренинг и натпревар. Сепак, најважно е да го сакаш тоа што го работиш и да уживаш во тоа.

4. Пред две сезони со вашата генерација го направивте најголемиот успех во историјата на Кул, успеавте во големото финале на Купот да го победите Вардар. Дали верувавте пред почетокот на сезоната дека можете да стигнете до овој подвиг и на што се должат успешните игри на вашиот тим ?

– Сите посакувавме и верувавме дека можеме да направиме таков успех уште на почетокот на сезоната. Освоениот трофеј во Купот се должеше на меѓусебната мотивација и желбата на секој играч од екипата. Работевме многу преку целата година, а на крајот трудот се исплатеше. Клубот е горд на постигнатиот успех и се надеваме дека во иднина ќе има уште многу вакви достигнувања. 

5. Играте на средината на теренот, позиција која бара многу работа, дали сметате дека е најтешката позиција за еден играч на теренот и кои одговорности ги бара ?

– Нема „најтешка’ позиција на теренот, сите се битни и бараат различни одговорности.

6. Во подготвителниот период ја темпирате формата со одигрување на контролни натпревари, колку сте задоволни од моменталната форма во која се наоѓа екипата, или пак вистинската слика за оваа генерација ќе се види кога ќе стартува сезоната ?

– Мислам дека тренерот и екипата се задоволни од прикажаната игра на натпреварите кои ги одигравме, но сите знаеме дека можеме да бидеме и уште подобри. Со нетрпение го очекуваме стартот на новата сезона, желни сме за докажување и надигрување со противниците.

7. Што значи да се биде капитен на тимот ?

– Капитенската лента има одговорност и значи дека треба да бидеш лидер на теренот и да ги мотивираш соиграчите. Иако сум капитен, тоа не значи дека сум поразличен или поважен од другите играчи. 

8. Што сака Матеј да прави најмногу во слободно време, кога не тренира и игра фудбал ?

– Најпрво би сакал добро да одморам, релаксирам, или да прошетам.

9. Омилен македонски и светски играч ?

– Горан Пандев од македонските, додека Еден Хазард од светските играчи.

10. Како членови на Кул имате ретка можност што се однесува за наши услови да имате и кондиционен тренер. Колку се тешки и исцрпувачки тие тренинзи и дали веќе чувствувате промена што се однесува до физичката подготовка ?

– Морам да признаам дека тренинзите се напорни и тешки, но сигурен сум дека ќе влеземе многу поподготвени во новата натпреварувачка сезона. 

11. Во новата сезона ќе стартувате од втората помлада пионерска лига, кои се очекувањата на екипата, дали сметате дека можете да се изборите за пласман во најсилната супер лига и кои екипи ги гледаш како најголеми конкуренти за постигнување на целта ?

– Мислам дека имаме квалитет да се избориме за пласман во најсилната Супер лига. Има неколку добри екипи, како Силекс, Борец и Тиквеш, но сигурен сум дека сме поквалитетни и поспремни од сите екипи во оваа лига. Сепак, ќе одиме чекор по чекор, од натпревар во натпревар ќе гледаме да бидеме се подобри и на крајот се надевам дека ќе завршиме на врвот.

12. Најсилен турнир на кој сте играле со вашиот тим ?

– Имаме настапи на многу турнири надвор од земјава, а како најсилен би го издвоил „Дана Купот“ во Данска. Од домашните би го издвоил „Караорман Купот“ во Струга на кој го освоивме првото место. 

13. Дали Матеј има освоено поединечна награда ?

– Досега имам освоено признанија за најдобар играч на турнири во Чаир и Кочани.

14. За крај на интервјуто која е целта на Матеј во Кул и воопшто со фудбалот ?

– Мојата цел во ФК Кул е да напредувам и да ги освојам сите можни младински натпреварувања. Желба имам да заиграм за репрезентацијата на Македонија и да бидам запаметен кај луѓето.