Филип Темелковски: ФК КУЛ е добро организиран клуб со квалитетни тренери, што е основа за фудбалската кариера на секое дете

(Фотогалерија) А.Пандев-КУЛ генерација 2005
09/23/2020
СРЕЌЕН 13-ТИ РОДЕНДЕН ФУДБАЛСКА ШКОЛА КУЛ
09/27/2020

Филип Темелковски: ФК КУЛ е добро организиран клуб со квалитетни тренери, што е основа за фудбалската кариера на секое дете

Филип Темелковски е актуелен репрезентативец на Македонија У18 и член на екипата на Бохемианс Прага 1905 во првенството на Чешка. Имаме можност да ве запознаеме со наш поранешен играч, кој се одлучи кариерата да ја гради  надвор од Македонија.

Филип беше дел од фудбалскиот клуб КУЛ пет години, каде се развиваше, напорно тренираше, се натпреваруваше во лигите и турнирите на кои нашиот клуб земаше учество. После преселбата во Чешка, прв негов клуб беше тимот на Славија Прага, додека има настапувано и за екипата на Дукла Јижни Место. Го навраќаме на старите спомени и настапите во фудбалската школа Кул, одличен играч со кој ние денес се гордееме и ги следиме неговите успеси.

-Во Кул тренирав од своите 6 до 11 години. Се одлучив во оваа фудбалска школа поради тоа што сите мои другари тренираа таму. Работев со тренерите Рацо Цветановски, Александар Цветковски и Борче Боев , со кои се натреварувавме во детската лига каде што нашиот најголем успех беше второто место.

Преселбата на неговите родители беше главната причина за заминување од Македонија, а среќата решија да ја побараат во Чешка.

-Во Чешка се одлучија да се преселат моите родители и таму веќе имав и договорен клуб каде што почнав да играм.

Филип е актуелен репрезентативец на Македонија, каде настапува за селекцијата до 18 години. Минатата година добива повик од селекторот Горан Станковски-Гама за пријателскиот натпревар против Србија.

– Мојот прв повик во репрезентација на Македонија беше во 2019 година кога дебитирав на утакмицата против репрезентацијата на Србија, каде што влегов во второто полувреме. Прв пат во стартниот состав се најдов на дуел против репрезентацијата на Бугарија. Желба на секој млад играч е да го облече националниот дрес, па за мене беше голема чест повикот од селекторот Станковски.

Темелковски е моментално играч на младинскиот тим на Бохемианс Прага, а претходно го носеше дресот на уште неколку екипи во оваа земја. Напорната работа и посветеноста на тренинзите и натпреварите му донесоа преселба во поквалитетна екипа, како и повик во репрезентацијата на Македонија. Филип ни го објаснува неговиот пат од моментот кога пристигнал во Чешка, имал одредени бариери околу запознавање со јазикот, но како поминувало времето се прилагодувал на новата средина.

– Во Чешка започнав да тренирам во клубот Славија Прага каде што бев шест месеци, имав голем проблем со јазикот така да морав да го напуштам тимот и отидов во послаба екипа каде што играа моите другари од школо. Екипата се викаше СК Вршовице, тоа е мал клуб во Прага кој игра во Пражка лига. Таму бев околу една и пол година, потоа добив можност да играм во малку поголема екипа, Дукла Јижни Место, каде се задржав две години. Втората година во тој клуб бев капитен, освоивме лига и завршивме на  второто место во Купот на Прага.

-После втората добра сезона, Бохемианс Прага 1905 покажа заинтересираност за мене, клуб кој игра во првата Чешка лига. Го прифатив предизвикот  и заминав таму на 16 години. Играв во првата лига на Чешка до 16 години, во која завршивме на третото место. Втората сезона во Бохемианс се натпреварував во лига до 17 години, таа сезона беше од моја страна добро одиграна и добив повик од репрезентацијата на Македонија. Можам да кажам со таа покана од нашата селекција добив уште поголема мотивација, покрај редовните тренинзи со тимот на Бохемианс до 17 години, продолжив да работам со индивидуални тренинзи и почнав да внимавам на исхраната. Тој труд ми донесе уште поголем успех каде што добив покана и од тимот на Бохемианс до 19 години каде моментално и настапувам.

Иако е надвор од Македонија, Филип остана во контакт со поранешните соограчи од нашиот клуб.

-Останав во контакт со неколку деца со кои и денес сум во комуникација.
За разлика од Македонија, младинските лиги во Чешка веќе стартуваа со мали ограничувања, но фудбал сепак се игра.
-Во врска со актуелната ситуација околу корона вирусот, почнато е првенството како во првата лига, така и во младинските лиги. Моментално, првенството се игра со некои мали ограничувања, се надевам дека ќе биде подобро и дека ќе продолжиме со натпреварите. Имавме одлични три натпревари, додека следново коло е одложено поради државниот празник.
Филип има само позитивни зборови за периодот и претстојот во нашиот клуб, кој има професионален пристап.
-Во ФК Кул започнав да тренирам и играм уште од формирањето. Уште на самиот почеток се гледаше дека во клубот работат тренери кои што се искусни и имаат голема желба да работат со децата и да постигнат добри резултати . За спомените од ФК Кул, кажува само тоа што во мојата соба се уште стои дресот кој го носев во овој клуб.
Филип се надева дека и во иднина ќе добива повик за настап во националната репрезентација, но вели дека мора напорно да работи и да се докажува пред стручните лица.
-Што се однесува до настапите во репрезентацијата оставам да одлучи селекторот. Мое е да работам напорно и да продолжам да се докажувам, а изборот на играчи останува прашање на кое одговор треба да даде селекторот. 
За крај на интервјуто, Филип им даде препорака на сите деца кои сакаат да се занимаваат со фудбал.
-На сите деца што се занимаваат со овој спорт им препорачувам да уживаат во фудбалот, со тренинзи и многу работа се постигнуваат успеси. Според мене ФК КУЛ е клуб што е добро организиран, со квалитетни тренери, што е основа на фудбалската кариера на секое дете.