Стефан Здравески: Задоволен сум од игрите на нашиот тим, да бидеш капитен значи да си лидер и да го даваш максимумот на секој натпревар

(Фотогалерија) ФК КУЛ генерација 2011 доминираше на мечот со Дрим тим
10/20/2020
Пионерските екипи домаќини на ФК Скопје, кадетите и младинците гостуваат во рамките на 1.коло
10/23/2020

Стефан Здравески: Задоволен сум од игрите на нашиот тим, да бидеш капитен значи да си лидер и да го даваш максимумот на секој натпревар

Следното интервју кое можете да го прочитате на нашиот веб сајт е со капитенот на кадетите на ФК Кул. Се работи за Стефан Здравески кој веќе четврта година е дел од нашиот клуб. Незаменлив дел од играта на кадетите кој настапува на средината на теренот. Се работи за вреден играч кој дава максимум на секој натгпревар. Со неговиот тим во новата сезона ќе се натпреварува во втората кадетска лига, каде целта е да се освои првото место.

Во продолжение прочитајте го интервјуто со Здравески, кој ќе ни открие за почетоците во фудбалот, преминот во нашиот клуб, задоволството од одиграните натпревари во подготвителниот период и за целите на неговиот тим.

1. На колку години започна да тренираш и од каде произлезе желбата за фудбал ?

-Започнав да тренирам фудбал на пет и пол години во ФК Цементарница, од мали нозе ме интересираше топката, а желбата за фудбал се појави од само еден гледан фудбалски натпревар.

2. Како се случи преминот во ФК Кул ?

-Тоа беше интересно лето, веќе се знаев со момците од Кул и ми беше задоволство да припаѓам во ова семејство.

3. Ако не бевте фудбалер со кој друг спорт би се занимавале ?

-Искрено не знам точно со што би се занимавал, интересни спортови се и одбојката и ракометот, но секако за мене на прво место е фудбалот.

4. Имате можност сезонава да работите со Един Нурединоски, кој е поранешен репрезентативец на Македонија. Колку неговото искуство е значајно за тимот, за каков стратег и личност се работи ?

-Најпрво сакам да кажам дека се работи за одлична личност, неговото пристигнување веднаш ја подигна атмосферата во клубот и ја зацврсти хемијата во нашата генерација. Неговото знаење и искуство го забележавме уште на пријателските натпревари што многу ни помага и ја подобрува нашата игра.

5. Наброј три работи кои се потребни за се биде успешен играч ?

-За да го добиеш она што го сакаш треба многу посветеност, тренинг и здрав живот.

 

6. Во подготвителниот период одигравте неколку контролни натпревари. Колку како капитен сте задоволни од прикажаната игра и формата на својот тим ?

-Контролните натпревари беа од големо значење за нас бидејќи имаше противници кои се натпреваруваат во супер лигата. Задоволен сум од игрите на нашиот тим, би ја издвоил победата над Македонија Ѓ.П, но нели секогаш може и подобро.

7. За претстојниов викенд е закажан стартот на новата сезона во младинските лиги. Вашата екипа сезонава ќе се натпреварува во втората лига, а прв противник е тимот на Скопје. Кои се очекувањата ваши во пресрет на овој натпревар, колку сте запознаени со квалитетите на противникот ?

-Целиме кон победа како на овој така и на сите натпревари во лигата. Сме се сретнале неколку пати со тимот на Скопје и очекуваме да ги освоиме првите 3 бода на стартот од сезоната.

8. Стефан, што значи да се биде капитен на екипата ?

-Да се биде капитен значи да се биде лидер на екипата. Не е лесно да ја носиш оваа одговорност, секогаш мораш да бидеш на ниво на задачата, да го даваш максимумот на секој натпревар и да бидеш тука за тимот во секое време.

9. Како член на ФК Кул, колку сте задоволни од условите за тренинг и работа кои ви ги пружа клубот ?

Кога е во прашање тренингот и работата, мислам дека сум на вистинското место, тоа што е потребно за тренинг клубот ни има овозможено, работиме добро и сигурен сум дека ќе продолжиме да напредуваме.

10. Издвоите ни еден најголем успех со Кул и дали Стефан има освоено некоја поединечна награда ?

Немам добиено индивидуални награди, но тоа оди во втор план по успешната сезона во третата лига без пораз и нерешен резултат.

11.Колку често ги следите настапите на Македонската репрезентација, кој е вашиот идол и какви се шансите на Македонија за прв пат да се пласира на Европското првенство ?

-Шансите за пласман на Европското првенство никогаш не биле поголеми до сега. Го следев дуелот со Косово како и многу претходни натпревари на Македонија, ќе го следам и дуелот со Грузија на 12-ти Ноември. Очекувам еден добар натпревар каде на крајот ние ќе се радуваме за место на Европското првенство, сите го заслужуваме тоа, а најмногу Горан Пандев. Кога сме кај идол, тоа е Паул Погба.

12. Сигурно дека цел на Кул е оваа сезона да се пласира на првото место во втората лига и да обезбеди пласман во најсилната супер лига. Кои екипи ги гледаш како најголеми противници за остварување на целта ?

-Атакуваме на првата позиција и оваа година, ќе направиме се што можеме за да си загарантираме место во супер лигата. Има тимови со кои прв пат се сретнуваме, но и такви со кои сме се играле до сега. За конкуренти не можам да издвојам некоја екипа, имаме респект за сите, така што времето ќе покаже и ќе даде одговор на некои прашања.

13. Кој меѓународен турнир ви оставил најголем впечаток според квалитетот на екипите ?

Сме учествувале на интернационалниот „Dana Cup“ кој се играше во Данска и долго ќе го паметиме како едно огромно искуство и добар турнир.

14. За крај на интервјуто, кои се вашите цели, амбиции со ФК Кул и вопшто со фудбалот ?

Наша цел е да го донесеме ФК Кул онаму каде што припаѓа и да го збогатиме клубот со трофеи колку што е можно повеќе. За крај мојата цел во фудбалот е да се видам себе во Европа.