Дамјан Ивановски: Во Кул доживеав многу убави спомени, клубот го краси голема професионалност и сплотеност

(Фотогалерија) Кадетите и младинците на КУЛ одиграа меѓусебен контролен натпревар
11/02/2020
Претстојниов викенд ќе се одигра 2.коло во младинските лиги, противник е екипата на Струга Трим Лум
11/06/2020

Дамјан Ивановски: Во Кул доживеав многу убави спомени, клубот го краси голема професионалност и сплотеност

Следното наше интервју е со играч кој настапува за кадетскиот состав. Се работи за Дамјан Ивановски, на кој прв клуб му е токму Кул. Веќе шест години е дел од нашиот клуб, многу посветен и вреден играч кој може подеднакво да одговори на бековската и стоперска позиција. Стандарден играч во кадетската екипа, со која сезонава ќе се обиде да стигне до првото место во втората лига и со тоа да обезбеди пласман во најсилната супер лига.

Прочитајте за почетоците на Дамјан во фудбалот, за стартот на новата натпреварувачка сезона која сите се надеваме дека ќе продолжи. Убавите спомени поврзани со клубот, настапите на турнирите, работата со Нурединоски и многу други работи ќе можете да прочитате во продолжение.

1. Кој ве потикна да започнете да тренирате фудбал, дали можеби постоеше желба за друг спорт.

-Желбата за фудбал се роди уште од мали нозе и не постоеше интерес за друг спорт. Едноставно, фудбалот највеќе ме привлекуваше и без двоумење започнав да тренирам.

2. На колку години беше вашиот прв тренинг во Кул и со кој тренер започнавте да ги учите основите на фудбалот ?

-Мојот прв тренинг беше на  десет години во балонот во Кисела вода, а мои први тренери беа Рацо Цветановски и Александар Цветковски.

3. Вашиот помал брат исто така е дел од ФК Кул, колку често знае да бара совети од вас за фудбалската игра ?

-На мојот помал брат пред секој негов натпревар му давам совети кој ќе му помогнат да ја подобри неговата игра. Често зборуваме за фудбалот, се обидувам да му го пренесам моето искуство, среќен сум како напредува и сигурен сум дека ќе биде успешен во фудбалот. 

4. Имавте добар старт на сезоната во кадетската лига, во првото коло го победивте тимот на Скопје и тоа со резултатски пресврт. Како го видовте овој дуел и што беше пресудно за подобрата игра во вториот дел и победата ?

-Дуелот со екипата на Скопје беше од големо значење за нас, бидејќи моравме да освоиме бодови кој ќе ни бидат потребни за влез во Супер лигата. Пресудно за пресвртот во вториот дел од овој натпревар беше нашата поголема мотивираност и желбата за победа. Советите на тренерот Нурединоски дадоа резултат, па иако бевме во негатива од еден гол, со стрплива и офанзивна игра успеавме на крајот од натпреварот да излеземе како победници. Секако многу важна победа на стартот од сезоната, која ќе ни даде поттик за уште подобри резултати и на наредните натпревари.

5. Кој е вашиот омилен македонски и странски играч ?

-Од македонските фудбалери тоа е Елиф Елмас, додека омилен странски фудбалер ми е Серхио Рамос.

6. Сите се надеваме дека ќе продолжи сезоната во младинските лиги, кои две екипи ги гледаш како најголеми конкуренти за пласман во најсилната супер лига ?

-Го респектираме секој противник и без разлика со кој играме максимално влегуваме на секој дуел. Како најголеми конкуренти за пласман во најсилната Супер лига според мене се екипите на Тиквеш и Беласица.

7. Имате чест да работите со Един Нурединоски, кој има богата играчка кариера како голман и кој има забележано настапи за македонската репрезентација. Како ќе го опишете како тренер и како личност ?

-Тренерот Един Нурединоски е еден голем професионалец кој својата работа ја врши на едно максимално ниво, и сметам дека од него можеме да научиме многу. Како личност тој е многу интелигентен и влијае позитивно врз „хемијата“ на тимот.

8. Дамјан вие од самиот почеток сте дел од ФК Кул. Колку клубот ви помогна правилно да се развивате, тука сигурно доживеавте среќни моменти, кои се синонимите за клубот ?

-ФК Кул преку професионалниот однос ми овозможи правилно да се развивам како фудбалска личност и во овој клуб доживеав многу убави спомени. Синоними за овој клуб се фамилијата сплотеноста и професионалноста.

9. Кои се најсилните турнири на кои сте играле со Кул ?

-Најсилен турнир на кој сме учествувале е Дана Купот, кој секоја година се одржува во Данска и на кој настапуваат голем број на екипи од различни земји во светот. Од домашните сме учествувале на „Гази Баба“ турнирот, каде во четврт- финалето изгубивме од екипата на Хајдук од Сплит.

10. Играте во дефанзива, дали некогаш сте играле и на други позиции, или од секогаш сте имале одбранбени задачи ?

-Од секогаш сум имал дефанзивни улоги во фудбалот.

11. Издвој ни еден најголем успех со Кул ? 

-Најголем успех кој сме го постигнале е освојувањето на првото место во третата младинска лига.

12. Наброј три работи кои се потребни за успех во фудбалот ?

-За успех во фудбалот потребно е да тренирате напорно, никогаш да не се откажувате и секогаш да верувате во себе.

13. За крај, кои се твоите цели во Кул и лично поврзани со фудбалот ?

-Моите цели во фудбалот се, да го донесеме ФК Кул на место каде што заслужува да биде и еден ден да заиграм за некој странски клуб.