Стајковиќ го реши Тиквеш, пионерите на Кул стигнаа до трета победа сезонава

„Рутинска“ победа за помладите пионери во дуелот со ГФК Тиквеш, нови бодови за зацврстување на првото место
11/22/2020
(Фотогалерија) Најубедлива победа сезонава за генерација 2005
11/23/2020

Стајковиќ го реши Тиквеш, пионерите на Кул стигнаа до трета победа сезонава

Пионерите на Кул имаа победничко коло, откако денес го совладаа тимот на ГФК Тиквеш Кавадарци. Избраниците на Нурединоски стигнаа до триумф изразен со резултат 2:1.

Стартниот состав на Кул: Мартин Цветковски, Владимир Стефановиќ, Јован Митревски, Андреј Стојаноски, Бојан Јанкулоски, Филип Стајковиќ (К), Антонијо Стојановски, Рамадан Кадриовски, Матеј Здравковски, Матеј Цветановски и Лука Мицевски.

Првата шанса на натпреварот ја имаше Кул, на нафрлена топка од десната страна, Антонијо Стојановски биеше на прва, но одбрани голманот на Тиквеш кој ја исфрли топката во корнер. Обид имаше и Кадриовски, но шутираше крај голот. Имавме иницијатива во првото полувреме, противничката екипа умешно се бранеше, но нашите момци беа решителни да го отворат резултатот. Тоа се случи, после една добра акција во која Матеј Цветановски одлично го пронајде Антонијо Стојановски кој биеше прецизно по земја во долниот десен голмански агол, за предност од 1:0 во 19 минута. Шанса имавме и преку Митревски, кој биеше со глава на нафрлена топка од корнер, но топката оди крај голот. До крајот на првиот дел, обид имаше и Тиквеш и од слободен удар, но топката беше лесен плен за нашиот голман, Мартин Цветковски. По истекот на првите 45 минути имавме минимално водство од 1:0. Поради повреда принудно играта мораше да ја напушти Андреј Стојаноски, на негово место влезе Антони Динов.

Тиквеш даде силен отпор во второто полувреме од натпреварот. Гостинската екипа го имаше првиот директен удар во овој дел од дуелот, но одбрани Цветковски. Ние се обидувавме да го зголемиме водството, Јанкулоски имаше шанса кога шутираше крај голот, како и Антонијо Стојановски, кој после едно невнимание на противничката одбрана, можеше да го загрози голот на гостите, но голманот на Тиквеш го одбрани ударот.

Најголемата прилка за зголемување на предноста ја имаше Антони Динов, кога во една иста акција на два пати имаше можност да се запише во листата на стрелци. Од нашата половина повлече Митревски, додаде до Динов, овој биеше од прва, одбрани голманот на противникот, повторно на одбиена Динов се обиде и пак одбрани голманот на гостинската екипа, па резултатот се уште е 1:0. Голема прилика за израмнување на резултатот имаше и Тиквеш, откако се создаде една мешаница во нашиот шеснаесетник, од го линијата во последен момент исфрли Стефановиќ и спаси чист гол. Во игра се најде и Љубомир Стојановски во нашиот состав. Токму следната прилика беше негова, кога шутираше крај голот. Гостинската екипа успева да го израмни резултатот на 1:1, откако беше досуден удар од белата точка, сигурно реализираше Костадинов во 80 минута.

Не се откажавме од помислата да дојдеме до победата, во 82 минута видовме евро гол на Филип Стајковиќ кој од слободен удар го совлада противничкиот голман за наша голема радост и водство од 2:1. Во игра во последните минути го видовме и Горјан Георгиевски. Повторно нашиот капитен се обиде од прекин, овој пат за малку биеше крај голот. Немаше некоја голема шанса во последните минути од натпреварот, конечниот резултат гласи 2:1.

Ова беше трета победа сезонава за пионерската екипа која ја предводи Нурединоски.