После изведување на удари од белата точка, пионерите на Кул загубија од Македонија Ѓ.П, во 1/8 финалето од Купот

Помладите пионери на Кул успешно ја поминаа првата „пречка“ во националниот Куп, со високата победа над Македонија Ѓ.П се пласиравме во осумте најдобри
11/25/2020
(Фотогалерија) Куп 1/8 финале: Кул – Македонија Ѓ.П (пионери)
11/26/2020

После изведување на удари од белата точка, пионерите на Кул загубија од Македонија Ѓ.П, во 1/8 финалето од Купот

Пионерите на Кул одиграа одличен натпревар од 1/8 финалето во Купот на Македонија, но беа елиминирани од екипата на Македонија Ѓ.П. Победникот беше решен после изведување на удари од белата точка, откако во регуларниот дел дуелот заврши со нерешен резултат 3:3.

Тренерот Нурединоски стартуваше со следниве 11-сетмина: Мартин Цветковски, Владимир Стефановиќ, Јован Митревски, Бојан Јанкулоски, Љубомир Стојановски, Филип Стајковиќ (К), Антонио Стојановски, Рамадан Кадриовски, Антони Динов, Матеј Здравковски и Лука Мицевски.

Уште во првите минути од натпреварот успеавме да го отвориме резултатот на 1:0. Стрелец на голот беше Антонијо Стојановски, кој погоди на нафрлена топка од Јанкулоски. Одлично се држевме во овој дел од натпреварот, иако имавме проблеми со составување на екипата сепак нашите момци ниту во еден момент не се предадоа. Прв директен удар имаше и гостинскиот тим, кој заврши крај голот на Цветковски. Нашиот тим успеа да го зголеми резултатот на 2:0, со голот на Љубомир Стојановски кој реализира од прва во противничкиот шеснаесетник, овој пат како асистент се најде стрелецот на првиот гол, Антонијо. Ова беше добра предност за нашиот тим. Дозволивме лесно и брзо да ја испуштиме предноста, откако противникот врати со два гола и го израмни резултатот. Најпрво погодија за 2:1 од слободен удар, еден од нивните играчи ја погоди пречката, но одбиената топка стигна повторно кај нив, погодувајќи за преполување на негативата. После една лошо исфрлена топка во нашиот шеснаесетник, Македонија Ѓ.П не казни и го израмни резултатот на 2:2. До крајот на првите 45 минути, уште една добра прилика за гостинската екипа, но овој пат успешно одбрани Мартин Цветковски, додека кај нас се закани капитенот Стајковиќ кој шутираше крај голот. На полувреме резултатот беше 2:2.

На стартот од вториот дел , главниот судија покажа втор жолт картон, што значеше и исклучување за играчот на Ѓорче, се работи за нивниот стопер Ристе Лембовски кој го фаулираше Динов, па судијата оправдано му го покажа патот надвор од теренот. Во тој период бевме во предност, со оглед дека имавме играч повеќе на теренот. Во игра во вториот дел влегоа уште и Горјан Георгиевски и Андреј Стојановски. Иако имаа играч помалку, сепак противникот успева да постигне гол од прекин и да направи резултатски пресврт, резултатот беше 2:3 во корист на Македонија Ѓ.П. Иако бевме во негатива продолживме да играме борбено на теренот. Антонијо Стојановски се обиде од слободен удар, но топката беше лесен плен за противничкиот голман. После една голема мешаница во противничкиот шеснаесетник, Кул успева да го израмни резултатот на 3:3. Јован Митревски донесе голема радост за нашата екипа, кој се покажа како најприсебен во шеснаесетникот на гостинскиот тим, донесувајќи израмнување. После погодокот имавме иницијатива, се обидувавме да ја искористиме шансата со играч повеќе на теренот. Имавме уште неколку обиди, но резултатот по истекот на 90-те минути не се промени, па се пристапи кон изведување на удари од белата точка.

Во пенал рулетот како подобар тим се покажа Македонија Ѓ.П, кој славеше со резултат 1:3, или вкупно 4:6 за противникот. Петтата серија не се изведе, со оглед дека немаше потреба. Кај нас прецизен беше само Антонијо Стојановски, додека не реализираа Јован Митревски и Антони Динов, додека нашиот голман Андреј Стојановски успеа да одбрани еден удар.

Секоја чест за нашите пионери, кои се надминаа на овој 1/8 финален дуел, со оглед дека игравме со екипа која е дел од најсилната супер лига. На крајот можеби и среќата го одлучи патникот во следната рунда од Купот на Македонија. Честитки и до двете екипи за прикажаната и борбена игра на теренот.