Продолжува патот до одбрана за трофејот во Купот, помладите пионери ја „прескокнаа“ Победа и се пласираа во 1/2 финалето

(Фотогалерија) ФК КУЛ генерација 2007 одигра пријателски дуел со Гостивар
12/01/2020
КУЛ, Вардар, Шкендија и Академија Пандев се полуфиналисти во Купот на Македонија
12/03/2020

Продолжува патот до одбрана за трофејот во Купот, помладите пионери ја „прескокнаа“ Победа и се пласираа во 1/2 финалето

Нашите помлади пионери успеаа да обезбедат пласман во полуфиналето од Купот на Македонија. Ова е епилогот од денешниот 1/4 финален дуел кој се одигра на „Цементарница“ против екипата на Победа од Прилеп.

Тренерот Божиноски се одлучи за следниве 11-сетмина: Јордан Јосифиов, Стефан Симоновски, Александар Трајчевски, Петар Станковски, Матеј Митревски, Стефан Петрушевски, Максим Бундалески, Александар Богданоски, Борјан Наков, Даниел Васиќ и Матеј Цветановски (К).

Нашите млади надежи ја оправдаа улогата на фаворит која ја имаа во пресрет на натпреварот и со резултат 3:0 го победија прилепскиот тим.

Имавме целосна доминација во првото полувреме, период во кој создадовме неколку стопроцентни шанси, од кои една заврши во мрежата на гостинската екипа. Александар Трајчевски беше играчот кој во 20.минута успеа да го отвори резултатот и да ни донесе водство од 1:0. На голот претходеше акција во која капитенот Цветановски даде одличен пас до Трајчевски, овој проби, упати удар од некаде 20-сетина метри кој беше прецизен за почетна предност. Може да жалиме во првиот дел, што не создадовме уште посигурно водство. Борјан Наков имаше можност да се запише во листата на стрелци, во неколку наврати изглегуваше сам со противничкиот голман, но изостануваше завршната реализација. Во првите 45 минути имавме уште една голема шанса, после центар шут на Васиќ, топката стигна до Стефан Петрушевски кој ја погоди пречката од голот на прилепчани. Нашиот противник не создаде ниту една голема шанса, имаа два изведени корнери и два слободни удари кои не претставуваа опасност за нашиот голман Јосифов. На полувреме резултатот беше 1:0.

Она што го пропуштивме во првото полувреме, го реализиравме по само три минути на стартот од вториот дел. Александар Богданоски го зголеми резултатот на 2:0, нашиот напаѓач погоди со глава после центар шут од корнер на Петрушевски. Предноста од два гола ни овозможи мирен тек на дуелот, иако ниту во еден момент не се откажавме од нападите кон голот на Победа. Во следниот период во шанси се најдоа Бундалески и Богданоски, но немаше погодок.

„Печат“ на победата и пласманот во следната рунда стави Александар Трајчевски, кој денес со својот втор гол ги постави конечните 3:0 во 76 минута од дуелот.  Од левата страна проби нашиот бек, додаде до Богданоски кој одигра повратна топка до Трајчевски кој ја имаше завршната реализација.

Во игра влегоа и Александар Блажески, Владимир Стефановиќ, Лука Мицевски, Матеј Здравковски, Андреј Стојановски и Горјан Георгиевски.

Трета година по ред, генерацијата 2005 на Кул под водство на Саше Божиноски се пласира во најдобрите четири екипи на националниот Куп. Да потсетиме дека оваа екипа на Кул е актуелен бранител на трофејот во ова натпреварување.