Никола Родиќ: ФК КУЛ е клуб во голем подем и со начинот на кој функционира и расте, сигурен сум дека ќе стане еден од најголемите расадници на млади фудбалери во државата

Никола Карчев е ново име во стручниот тим на ФК КУЛ
01/24/2021
(ФОТО) Прв собир во новата година за генерација 2007, Никола Карчев се запозна со играчите
01/31/2021

Никола Родиќ: ФК КУЛ е клуб во голем подем и со начинот на кој функционира и расте, сигурен сум дека ќе стане еден од најголемите расадници на млади фудбалери во државата

ФК КУЛ посветува внимание на сите аспекти во создавањето нови фудбалски надежи. Покрај услови за работа, инфраструктурата, терените, сите потребни справи, реквизити, стручен кадар од оваа сезона имаме и свој кондиционен тренер. Станува збор за Никола Родиќ.

Негова задача во нашиот клуб е максимално да ги подготвува екипите кои се дел од фудбалската школа на Кул. Родиќ веќе започна да работи и да ги спроведува неговите задачи на теренот, а нашите играчи беа импресионирани, бидејќи имаат посебен тренер кој ќе се грижи за нивната физичка подготовка. Резултатите беа видливи оваа есен кога се „прошетавме“ во сите четири младински лиги и на доминантен начин сме лидери во вкупната табела.

Во продолжение можете да го прочитате интервјуто со нашиот кондиционен тренер, Никола Родиќ, кој ќе ви открие многу работи поврзани со неговата кариера, но исто така и совети во кој правец треба да се движат младите фудбалери.

  1. Дали како мал верувавте дека еден ќе се занимавате со оваа професија, зошто баш кондиционен тренер, како се случи да го изберете овој правец ?

Па да бидам искрен, не. Како и сите деца вљубени во фудбалската топка, така и јас сонував еден ден да станам фудбалер. Фудбалот е моја прва и најголема љубов откако знам за себе, но бидејќи одамна сфатив дека нема да станам голем фудбалер, многу рано одлучив својата кариера да ја пренасочам во тренерските води. За време на студиите, еден од моите најомилени професори од кого и ден денес сѐ уште многу учам, проф д-р Ванчо Поп Петровски, ме посоветува наместо на техничко-тактички, својата едукација и фокус да ги пренасочам на кондиционен тренер, поради фактот што кондиционите тренери се дефицитарни, а потребата од нив секојдневно се зголемува сѐ повеќе. Јас го послушав неговиот совет и навистина сум среќен поради тоа, бидејќи се испостави како една од најдобрите одлуки кои сум ги донел во животот.

 

  1. Колку години работите како кондиционен тренер, освен Кул во кои клубови претходно имате работено ?

 Веќе осма година работам како тренер за развој на моторички способности. Пред 3 години заедно со мојот најдобар пријател и колега, Стјепан Стилиновиќ, отворивме свој центар за спортски развој, под називот „Champions House“, во кој тренираа повеќе од 150 деца на возраст од 3 до 14 години.

 

За жал од почетокот на пандемијата, центарот во моментов не функционира, меѓутоа чекаме да дојдат некои подобри времиња, па сето тоа да продолжи онаму каде што застана. Во фудбалските „води“ влегов пред две и пол години како кондиционен тренер во младинските категории на ФК Работнички, во два наврата бев на пракса во Србија, во ФК Чукарички, кај една од легендите на југословенскиот фудбал, Никица Клинчарски, а еве веќе 6 месеци како работам во ФК Кул.

 

  1. Вие сте првиот кондиционен тренер на клубот, сигурно дека играчите на беа навикнати на еден ваков вид подготовки, како се тоа го прифатија играчите, дали се чувствуваа тешкотии на самиот почеток од вашата работа ?

О да, и тоа како. Кога дојдов во ФК Кул, веднаш започнавме со летните подготвки, на кои што добивав доста остри погледи од страна на играчите“, меѓутоа само што започна првенството, веќе на првите натпревари тие го почувствуваа бенефитот од напорната работа за време на подготовките и одеднаш наместо остри погледи почнав да добивам насмевки и зборови на благодарност, што навистина за мене претставува огромно задоволство и сатисфакција.

 

  1. Пред стартот на подготовките за пролетниот дел од сезоната имавте тест во кој ја проценувавте кондициската спремност на играчите, дали сте задоволни од прикажаните резултати на тестирањето ?

Задоволен сум од фактот што со тестот кој го правевме со помош на монитори за срцева френквенција (POLAR), ги добив речиси сите параметри кои ми се потребни за да можам на секој играч поединечно, што е можно попрецизно да му го дозирам тренажното оптоварување кое што е соодветно само за него, а што се однесува до резултатите од тестот, со оглед на тоа што играчите што туку се вратија од зимската пауза, тие и не треба да бидат нешто премногу високи и спектакуларни, бидејќи во овој дел од сезоната свесно ја соборуваме нивната форма, за на подготовките да можеме повторно да ја градиме и да ја темпираме да биде на највисоко ниво, тогаш кога ќе биде најпотребно. Важно е да добиеме добри резултати на последниот тест кој ќе го извршиме непосредно пред продолжението на натпреварувачкиот дел од сезоната.

 

  1. Дали случајно имате идол во оваа работа, од кој претходно сте учеле и бил ваш поттик за да станете успешен ?

Постојат повеќе личности нa кои што им се восхитувам, ги почитувам, ги следам и се трудам што е можно повеќе да научам од нив. Како што напоменав и претходно, на прво место би го ставил проф. д-р Ванчо Поп Петровски.

 

Секогаш е расположен своето огромно знаење да го подели и да го пренесе на своите студенти, не само за време на студирањето туку и години потоа. Тој делува така мотивирачки да никогаш не престанете да учите и да продолжите со надградувањето на своето знаење. Исто така ја имам таа привилегија да бидам во контакт со Младен Чучковиќ, Србин кој е кондиционен тренер во младинските категории на италијансикот гигант Милан. Искуствата кои што тој ми ги пренесува навистина премногу ми значат. Непосредно пред почетокот на пандемијата, имав прилика да присуствувам на семинар за кондициони тренери во Загреб, каде што имав прилика да слушам предавања од едни од најдобрите кондициони тренери во светот, како главниот кондицонен тренер на Јувентус, Роберто Саси, меѓутоа мене лично најмногу ме воодушевија проф. д-р Марко Стојановиќ, универзитетски професор на Факултетот за спорт во Нови Сад, кондиционен тренер во сениорската репрезентација на Србија и кондиционен тренер на ФК Партизан (и покрај тоа што јас уште од најрана возраст сум страствен навивач на ФК Црвена Ѕвезда) и Влатко Вучетиќ, универзитетски професор на Кинезиолошкиот факултет во Загреб и персонален кондиционен тренер на Лука Модриќ. Тука уште би ги додал и најпознатите хрватски кондициони тренери Петар Кутеровац и Лука Милановиќ.

  1. Што за вас претставува ФК Кул, како беше прифатен, како се адаптира и што нуди нашиот клуб како услови за млади надежни тренери како вас ?

Морам да кажам дека сум апсолутно презадоволен. За сега не постои ниту една единствена работа што не ми се допаѓа, а листата на нештата кои што ми се допаѓаат е навистина долга. Ќе започнам прво од техничко-тактичите, односно првите тренери во генерациите со кои што работам, Един Нурединоски и Саше Божиноски. За кондиционите тренери од исклучителна голема важност е да имаат добра соработка со првите тренери на екипите. Јас можам да кажам дека со тренерите со кои што работам во ФК Кул имам феноменална соработка, подобра едноставно не може да биде. Толку лесно се разбираме, како да работиме заедно 6 години, а не само 6 месеци. Станува збор за млади, амбициозни, талентирани и најважно од сѐ едуцирани тренери, кои покрај тоа што се одлични познавачи на фудбалската игра, се и одлични педагози, што е многу важно за тренери кои работат во младинските категории. Тоа се тренери кои што секојдневно ја надоградуваат својата едукација. Најдобрите тренери учат секој ден, ја следат еволуцијата на фудбалската игра, ги следат европските трендови и истите ги имплементираат во својата работа. Мене ми е навистина голема чест, привилегија и задоволство да работам со такви професионалци. Потоа би ги истакнал одличните услови за работа, инфрасктруктурата, терените, сите потребни справи, реквизити итн.

 

Исто така за одбележување е и хармонијата и прекрасната атмосфера која што е присутна помеѓу сите членови на клубот. Играчите, тренерите, медицинските лица, членовите на управата… сите функционираат како едно големо семејство, а тоа придонесува да се чувствувам пријатно во секој миг поминат додека работам. Добрите меѓучовечки односи се клучен фактор за доброто функционирање на секој колектив, а тоа во ФК Кул е на највисоко можно ниво. Добрите услови за работа не се важни само за правилниот развој на играчите, туку и за развојот на тренерите, кои сето она што го учат во теорија, имаат услови истото да го применат и во пракса. За сите овие работи кои што ги набројав е најзаслужен сопственикот на клубот, господинот Рацо Цветановски, кој со својата визија и начин на размислување успеа да ме воодушеви уште на првиот состанок кој го имавме додека преговаравме за моето ангажирање во клубот и еве после 6 месеци од мојот ангажман можам да кажам дека уживам во секој миг поминат во клубот.

 

  1. Колку е важна кондициската подготовка за еден играч и дали повредите се поврзани со овој дел ?

Кондициската подготовка е важна исто онолку колку што се важни и техничко-тактичката и психолошката подговка. Овие 3 сегменти се тесно поврзани со успешноста на спортистот. На пример, доколку имате играч кој поседува одлични техничко – тактички способности, а притоа не е доволно добро физички подготвен, нема да биде во можност своите квалитети да ги демонстрира на високо ниво поради заморот кој ќе го стигне многу брзо. Потоа, доколку имате играч кој е одлично физички подготвен, а неговите техничко – тактички способности не се на задоволителното ниво, тешко дека ќе имате корист од тоа што во текот на натпреварот тој може да истрча повеќе од сите останати играчи на теренот. И на крајот, доколку имате играч кој што е одлично физички подготвен и се одликува со феноменални техничко – тактички способности, а притоа не е мотивиран да го даде својот максимум или кога ќе дојде важен натпревар поради голема трема, анксиозност или недоволна самодоверба не е во можност да ги прикаже своите квалитети како што тоа го прави на тренинзите, повторно немате корист од таков играч. Што значи дека физичката подготовка е само еден од потребните фактори за успех на највисоко можно ниво, каде во денешниот модерен фудбал нијанси го одлучуваат конечниот резултат.

Што се однесува до повредите, особено неконтактните повреди (повреди со кои играчот се здобива без контакт со противнички играч), тие и тоа како се тесно поврзани со физичката подготвеност, неподготвеност, претренираност или прегореност (повисок стадиум на претренираност) на самиот играч. Исто така, огромна улога во превенцијата на повредите има и правилниот тренинг за сила и оптимален развој на сите мускули на телото. Доколку одредени мускулни групи се значително посилни или послаби во однос на други мускулни групи, се создава т.н. мускулен дисбаланс. На пример доколку играчот од вежби за сила работи само склекови и вежби за абдоменалните мускули (што за жал е чест случај, бидејќи градните и абдоменалните мускули можат да ги видат во огледало, а грбните не можат), колку повеќе се зајакнуваат мускулите на предниот дел од телото, автоматски толку повеќе мускулите од задниот дел од телото ќе стануваат сѐ послаби, со што во овој случај ризикот од повреда на мускулите на грбот кај играчот е огромен. Затоа во функција на превенција од повреди, неопходно е сите мускулни групи оптимално да се зајакнат. Исто така комплетното игнорирање на вежбите за сила (што за жал воопшто не е ретка појава во нашиот младински фудбал), е речиси гаранција за појава од повреди во иднина. Вежбите за сила покрај во функција на превенција од повреди, имааг огромно значење и во развојот и подобрувањето на повеќе моторички способности. За наједноставен пример ќе го цитирам еден од најценетите кондициони тренери во Европа, хрватскит стручњак за кондициска подготовка и повеќекратен освојувач на олимписки медали во повеќе спортски дисциплини, Петар Кутеровац, кој тврди дека доколку на фубалерот за 1% му ја подобрите максималната снага, тогаш автоматски за 1% ја подобрувате неговата брзина.

 

  1. Што како образование, едуцирање и додатнин обуки минавте за да дојдете до овој степен и дали имате имате добиено некои признанија од вашата област ?

Дипломирав на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје и поседувам национална лиценца за кондиционен тренер од ФФМ. Имам сертификати за учество и посета на повеќе семинари за кондициони тренери.

 

 

Автор сум на програма и натпреварувачки систем, познат под називот „Шампионада“, наменет за развој на моторички способности, превенција од телесни деформитети и превенција и борба против зависност од видео игри кај децата на возраст од 3 до 14 години. Програмата е патентирана и официјално поддржана и одобрена од страна на Факултетот за физичко образование спорт и здравје и беше претставена како научен труд на Третата меѓународна научна конференција која се оддржа во јуни, 2018 година, по повод 40 години постоење на факултетот. Тоа е всушност програмата која што ја спроведуваме во Центарот за спортски развој „Champions House“.

 

 

  1. Кои фактори според вас се пресудни за еден спортист да биде успешен, колкава е големината на тој процес, дали е потребна само напорна работа или и нешто друго?

Листата на фактори од кои што зависи успешноста на спортистот е бесконечно долга. Најпрвин ќе се послужам со еден пример од селекторот на хртватската фудбалска репрезентација, Златко Далиќ, кој на семинарот во Загреб зборуваше за трите клучни фактори од кои зависи процесот на успешен развој на младите фудбалери, а одговорот на истото прашање го порза и со успехот на хрватската репрезентација која што успеа да стигне до финалето на последното светско првенство. Тој ги наведе следните фактори:

 

  1. Квантитет – од кванитетот произлегува и квалитетот, односно треба имате што е можно поголема база на играчи, за да ги изберете најдобрите и да направите селекција;

 

  1. Инфрастурктура – квалитетни терени и услови за работа;

 

  1. Квалитетни и едуцирани тренери.

 

 

Според него Хрватска со првите два фактора не може да се пофали, бидејќи сепак станува збор за мала држава со само 4 милиони жители, но кога станува збора за квалитетните и едуцирани тренерите, Златко Далиќ тврди дека Хрватска во тој сегмент најдобра во светот. Така што кога станува збор за правлниот и квалитетен спортски развој на поединецот, на прво место би истакнал дека е неопходно во младинските категории, кога играчот се наоѓа во најсензитивниот период од неговиот спортски развој, да има квалитетни и едуцирани тренери, кои покрај тоа што ќе бидат добри тренери, ќе бидат и добри педагози, кои на играчот ќе му овозможат правилен техничко-тактички, физички и психолошки развој. Потоа како значаен фактор би го навел и талентот. Секој спортист има свој генетски потенцијал, кој може да го достигне исклучиво со правилна работа. Значи талентот е важен фактор, но талентот без правилна работа тешко дека ќе донесе успех на долг рок. Како трет фактор би ја истакнал самодисциплината и пожртвуваноста на самиот спортист. Постојат спортисти кои внимаваат на секој детал во нивниот спортски развој. Стриктно се придржуваат на индивидуализиран режим на исхрана и суплементација, изготвен од страна на специјалист за спортска исхрана, наменет конкретно за нивните потреби, навечер одат на спиење најдоцна во 22 ч. со цел да имаат квалитетен одмор и опоравок, покрај тренинзите во клубот посетуваат и дополнителни тренинзи за подобрување на техничко – тактичките и физички способности, кои мораат да бидаат соодветно дозирани и во корелација со тренерите во клубот. Со еден збор, внимаваат на секој можен детал кој што е важен за нивниот правилен спортски развој, кој ќе им овозможи да го достигнат својот максимален генетски потенцијал. Не е тешко да се претпостави дека играчите кои што го практикуваат горенаведеното, имаат далеку поголеми шанси еден ден да станат врвни и успешни спортисти, за разлика од оние кои не го практикуваат истото.

Кога станува збор за шансите за успепноста на спортистите, конкретно за фудбалерите, постои податок дека од сите луѓе на светот кои што во некој момент од животот тренирале фудбал, само 2% од нив успеваат да станат професионални фудбалери, додека од сите професионалци, само 0,5% на крајот од кариерата се финансиски независни и можат да си дозволат да не работат ништо до крајот на жиовотот. Затоа апелирам до сите млади фудбалери, да го следат својот сон и да сторат сѐ што е во нивна моќ тој сон да им стане реалност, но никогаш да не го запоставуваат и образованието.

 

  1. Кои се твоите визии и крајна цел која сакаш да ја постигнеш со момците од Кул и воопшто поврзани со вас?

Можеби ќе бидете изненадени, но тоа не се титули и пехари. Фудбалот во младинските категории не треба и не смее да биде полигон за докажување на тренерите, туку целиот фокус, сите цели треба да бидат насочени кон што е можно подобар и правилен спортски развој на сите фудбалери во нашиот клуб. Секако дека ќе бидам пресреќен доколку во иднина освоиме некоја титула или куп, но тоа секогаш ќе биде во втор план сѐ додека станува збор за младинските категории, додека во сениорска конкуренција резултатот е секогаш главен приоритет. Она на што најмногу се надевам е некои од фудбалерите со кои што работам, за некоја година да ги гледам во дресот на сениорската македонска репрезентација и да градат успешна кариера во клубови од најсилните европски лиги.

Мислам дека овие мои цели се многу реални, бидејќи во ФК Кул има доста талентирани, млади фудбалери, дел од нив се веќе членови на репрезентаците во своите возрасни категории. ФК Кул е клуб што е во голем подем и со начинот на кој функционира и расте, јас сум сигурен дека ќе стане еден од најголемите расадници на млади фудбалери во државата, со кои во иднина сите ние ќе се гордееме, изјави Родиќ.