Продолжуваат првенствените натпревари, Тетекс 1953 Тетово е наш следен противник

Како изгледаат табелите после одигрување на 11.коло
04/07/2021
Грозданова Меланија: КУЛ е клуб кој ми дава прилика да го остварам својот сон, најголема поддршка имам од семејството
04/09/2021

Продолжуваат првенствените натпревари, Тетекс 1953 Тетово е наш следен противник

Во петок (09.04) и недела (11.04), екипите на Кул ќе го одиграат 12.првенствено коло, во кое за противник го имаме тимот на ФК Тетекс 1953 Тетово.

Во петок, пионерските екипи ќе гостуваат на екипата на Тетекс, на натпревари кои ќе се одиграат на игралиштето во с.Порој со почеток од 12:00 и 14:00 часот. Нашите помлади пионери ја бараат и 12-сетата последователна победа во лигата, додека Тетекс во оваа генерација котира  на високото трето место со 22 освоени бодови. Првиот дуел одигран во Скопје му припадна на Кул, кој славеше победа со резултат 5:0.

Во пионерската лига, нашите момци после триумфот во минатото коло против екипата на Струга ТЛ останаа во борба за освојување на првото место во оваа категорија, па сигурно дека триумфот ќе биде императив и на гостувањето во Тетово. На 11 одиграни натпревари, нашиот противник има 5 победи и 6 порази, додека првиот натпревар во есенскиот дел го добивме ние со резултат 5:0.

Фаворитската улога ја имаме на кадетскиот натпревар, на кој нашиот состав ќе се обиде да ја продолжи серијата на победи која трае веќе 11 натпревари. Тетекс се наоѓа на средината на теренот, додека покрај квалитетот, наша дополнителна предност ќе биде и домашниот терен. Кул атакува и на вториот триумф сезонава со овој противник со оглед дека првиот дуел во Тетово го добивме во своја корист со резултат 0:2.

Дерби не очекува во младинската лига, со оглед дека се среќаваат екипи каде бодовната разлика е само два бода предност за противникот. Во оваа категорија, двете екипи имаат императив да завршат на првото место на крајот од сезоната, па сигурно дека бодовите ќе бидат главна цел пред почетокот на натпреварот. Нашите младинци издвојуваа триумф во есенскиот дел на теренот на противникот и славеа со резултат 1:2. Натпреварите на кадетите и младинците во недела, ќе се одиграат на „Цементарница“ со почеток од 12 и 14:00 часот.