Генерацијата 2005 на Кул подобра од генерацијата 2006 на Вардар

Распоред на натпревари за генерациите на Кул
05/21/2021
Контролен натпревар за генерацијата 2007 против екипата на Пелистер
05/22/2021

Генерацијата 2005 на Кул подобра од генерацијата 2006 на Вардар

Утрово на теренот на Цементарница, контролен натпревар против екипата на Вардар одиграа помладите пионери на Кул. Ова беше дуел на нашата генерација 2005 против генерацијата 2006 на Вардар. Иако противникот даде силен отпор, сепак нашите млади надежи очекувано на крајот стигнаа до победата.

Избраниците на Саше Божиноски одиграа одличен натпревар кој изобилуваше со цврста игра на теренот. Успеавме во првите минути од натпреварот да го отвориме резултатот на 1:0 со голот на Стефан Петрушевски, кој беше највисок во скокот после нафрлена топка од корнер на Трајчевски, погоди со глава за предност. Истиов играч повторно се најде во прилика, повторно на центар шут, овој пат од левата страна, Петрушевски бие со глава но само над голот. Опасен удар имаше Максим Бундалески, кога се обиде од повеќе од 20-сетина метри, но голманот на Вардар со одлична интервенција спаси негатива. Ние имавме иницијатива на теренот, но Вардар беше тимот кој го постигна следниот гол на натпреварот за израмнување на 1:1. Сепак до крајот на првиот дел, нашиот состав постигна три гола и замина на одмор со солидна предност.

Водството го врати Борјан Наков, кој постигна гол со глава од неколку метри, на центар шут од Трајчевски за резултат 2:1, додека следниот гол беше дело на Максим Бундалески, иако на голот претходеше и допир на топката од капитенот на Вардар, кој заврши во нивната мрежа. Во последните минути од првиот дел видовме евро гол на Александар Трајчевски, кој откосо од левата страна го матираше голманот на гостите за водство од 4:1 на полувреме.

Во вториот дел шанса за игра добија сите играчи кои денес беа на располагање за овој контролен дуел. Во второто полувреме видовме по еден гол на двете страни. Васиќ и Бундалески се најдоа во прилики, но не постигнаа гол, додека Вардар намали на 4:2. Бундалески на одбиена топка имаше удар кој заврши над голот, додека со вториот погодок на Александар Трајчевски ги поставивме конечните 5:2 на овој пријателски дуел.

Честитки до двете екипи за фер и коректната игра на овој дуел. Ова беше добар тест за нашите помлади пионери, кои се обидуваат да ја одржат формата, откако беше прекината лигата на само пет кола пред крајот на сезоната.

ФК Кул: Јосифов, Симоновски, Митревски, Станковски, Стефановиќ, Цветановски, Бундалески, Васиќ, Петрушевски, Трајчевски, Наков.