Цветановски ја реши Ренова, прв пролетен триумф за младинците

Победа за кадетите на натпревар против екипата на Ренова
02/19/2022
Без победник на натпреварот на помладите пионери против екипата на Ренова
02/20/2022

Цветановски ја реши Ренова, прв пролетен триумф за младинците

До победа на натпревар од одложеното 10.коло, денес дојдоа и младинците кои на Цементарница беа подобри од екипата на Ренова. Еден гол го реши победникот, истиот беше дело на Матеј Цветановски во вториот дел од натпреварот.

Тренерот Стефановски се одлучи на теренот да излезе со: Андреј Ројчинов (К), Дамјан Ивановски, Љупче Стефановски, Филип Јаневски, Гоце Коцевски, Томи Станковски, Бојан Ристески, Дамјан Ивановски, Даниел Васиќ, Никола Николов и Ангел Петрушевски.

Иако нашиот тренер имаше проблеми со составување на екипата за денешниот натпревар, сепак на крајот успеавме да ги освоиме бодовите. Можеме да жалиме што не успеавме да погодиме во првото полувреме, со оглед дека имавме две сериозни шанси за затресување на мрежата. Сепак, првиот опасен удар во првиот дел го имаше екипата на Ренова, еден од противничките играчи биеше силно од околу 20 метри, но одбрани Андреј Ројчинов. Првата голема прилика ја имаа нашите младинци, кога после една мешаница во противничкиот шеснаесетник, Никола Николов, беше играчот кој од добра позиција не успева да ја погоди мрежата, односно шутираше над голот на Ренова. Во слична позиција се најде уште еден наш играч во првиот дел од натпреварот. Се играше акција кога од левата страна Дамјан Ивановски упати центар шут, на топката налета Ангел Петрушевски кој бие од прва но само над голот, добра позиција имаше нашиот напаѓач, но не успева да реализира. По првото полувреме немаше погодок, па на одмор се замина со почетните 0:0.

Кул покажа поголема желба за победата, константно во вториот дел притискавме на противничката половина обидувајќи се да го отвориме резултатот. Прва шанса во овој дел од дуелот имаше Гоце Коцевски кој биеше од десеттина местри, но еден од противничките играчи се најде на вистинското место па ја отстрани опасноста пред нивниот гол. Денес шанса за игра добија и тројца играчи кои се генерација 2005. Васиќ беше стартер, додека во вториот дел влегоа Цветановски и Наков, па како да живна нашата игра. Токму Матеј Цветановски ја имаше најзрелата шанса за водство на нашиот состав, откако биеше од некаде 18 метри, за топката да ја погоди стативата. Сепак во следната прилика, Цветановски успева да ја затресе мрежата на гостинската екипа, откако се најде на вистинското место после центар шут од корнер на Ивановски, се создаде мешаница пред шеснаесетникот на Ренова, а Матеј Цветановски беше најприсебен упати удар кој заврши во мрежата за водство од 1:0 во 78 минута од мечот.

Имавме контрола на играта до крајот на натпреварот и не му дозволивме на гостинот да се најде во прилика пред голот на Ројчинов. Успеавме сепак на крајот да победиме минимално со 1:0, но доволно за освојување на три бода од овој заостанат натпревар од 10.коло во младинската Супер Лига.

Вo игра во вториот дел покрај Наков и Цветановски влезе и Леонид Стојчевски.