Победнички пролетен старт за нашите пионери

Без победник на натпреварот на помладите пионери против екипата на Ренова
02/20/2022
(Фотогалерија) Триумф за кадетите на дуелот со Ренова
02/22/2022

Победнички пролетен старт за нашите пионери

Нашите пионери стигнаа до петтата првенствена победа сезонава. Денес гостувавме кај екипата на Ренова, на натпреварот од одложеното 10 коло, кој го добивме убедливо со резултат 1:4 (1:2).

И повеќе од заслужена победа за нашите пионери кои денес беа далеку подобар состав од домашната екипа. Уште во првите десет минути од натпреварот видовме два гола, по еден во двете мрежи. Први успеавме да го отвориме резултатот со гол во 4.минута дело на Белмин Цамиќ, во акција во која најпрво биеше Наков, голманот на Ренова ја зафати топката доволно да заврши во пречката, но одбиената топка со глава во голот ја смести Цамиќ за водство од 0:1. Домашниот тим можеше брзо да ја анулира негативата, кога ја погодија пречката од голот на Димитриевски. Во 10.минута после едно гуркање во нашиот шеснасетник, главниот судија се одлучи да досуди пенал за екипата на Ренова, кој беше успешно реализиран од страна на Арди Алили. После само 15.минути игра нашиот тренер беше принуден да направи измена, откако натпреварот поради повреда не можеше да го продолжи стрелецот на голот, Белмин Цамиќ, во игра на негово место влезе Виктор Стефановиќ кој до крајот одигра одлично.

Во следната наша голема шанса повторно успеавме да ја затресеме домашната мрежа и тоа после една одлична акција, во која Наков направи соло продор од левата страна, додаде до капитенот Цветановски, овој несебично го проигра Даниел Васиќ кој успеа да го матира противничкиот чувар на мрежата за наша предност од 1:2 во 19.минута од натпреварот. Кул беше екипата која го диктираше темпото на игра и која создаваше шанси на теренот. За одбележување е и ударот на Матеј Цветановски со глава после центар шут од корнер на Стафановиќ Виктор, но топката ја допре стативата и заврши во гол аут. Лесно можевме да ја удвоиме предноста, кога Борјан Наков се најде во добра позиција, но одбрани голманот, додека пред крајот на првиот дел се обиде Цветановски со удар по земја, кој беше лесен плен за Мурсели.

После три минути игра во вториот дел, екипата на Ренова имаше голема шанса за израмнување, после нафрлена топка од корнер, беше создадена шанса, но за наша среќа топката ја погоди стативата и останавме во предност. После акција од левата страна, Виктор Стефановиќ го пронаоѓа Наков кој бие крај голот. Конечно иницијативата дава резултат за нов наш погодок. Во 50 минута, Ахмедов го проигра Виктор Стефановиќ кој успеа од десеттина метри да ја затресе мрежата за преднос од 1:3. Без разлика на солидното водство продолживме да атакуваме кон голот на противникот.

После додавање од Цветановски, во една иста акција во шанса за гол се најдоа Стефановиќ и нововлезениот Зекири кои не успеваат да го совладаат домашниот голман. Сепак во 86.минута Мурсели беше принуден повторно да ја вади топката од мрежата, откако еден од неговите соиграчи сакајќи да ја исфрли топката, истата удри во Матеј Цветановски кој погоди за 1:4, резултат кој беше и конечен на натпреварот од пионерската Супер Лига.

Стартниот состав: Давид Димитриевски, Дамјан Љубомировски, Владимир Стефановиќ, Томислав Богдановски, Осман Фејзула, Мохамед Ахмедов, Бојан Нацев, Даниел Васиќ, Белмин Цамиќ, Борјан Наков и Матеј Цветановски (К).

Во игра влезе уште и Адис Зекири.