Како „препородени“ помладите пионери ја добија Шкендија во Тетово

Богат викенд во детската фудбалска лига, нашиот клуб ќе се натпреварува во сите возрасни генерации
03/11/2022
Со „магичен“ пресврт, пионерите на КУЛ во дербито ја победија Шкендија
03/12/2022

Како „препородени“ помладите пионери ја добија Шкендија во Тетово

Помладите пионери на Кул ја остварија и третата последоавтелна победа. Денес гостувавме во Тетово кај екипата на Шкендија, на натпревар од 13.првенствено коло. Избраниците на Љупчо Рафески покажуваат дека се наоѓаат во одлична форма, откако и денес успеаа да го завршат дуелот с три освоени бодови.

Сосема заслужена победа за нашите момци кои играат како препородени во пролетниот дел од сезоната. Конечниот резултат гласеше 0:3 (0:1). Доминиравме во првиот дел од натпреварот, период во кој создадовме неколку добри шанси за отварање на резултатот. Немаше да биде нереално, ако на полувреме заминевме со поголема разлика од еден гол. Имавме неколку добри прилики преку Бектеши и Љамалари, додека една успеавме да претвориме во погодок. Се играше 31.минута од натпреварот кога Хабиб Бектеши биеше во противничкиот шеснаесетник, пласираше силно и прецизно покрај стативата, за водство од 0:1. Во првиот дел од натпреварот обид имаше и Илхан Имеров, кој биеше од голема далечина, но голманот на домашниот тим не дозволи да биде изненаден.

Игравме офанзивно и во вториот дел од натпреварот, а таквата игра секогаш носи резултат. По само две минути игра во овој дел од мечот, со прекрасниот гол на Илхан Имеров, кој прво ја погоди пречката, за во истата акција топката да заврши позади грбот на голманот на Шкендија, за предност од 0:2. Сите работи околу конечниот победник беа решени во 55 минута кога зголемивме на 0:3. Во противничкиот шеснаесетник фаулиран беше Бектеши, по што главниот судија покажа на белата точка. Одговорноста ја превзема капитенот, Петар Трпевски, кој смирено бие за зголемување на водството. Во овој дел од натпреварот во прилика се најде и нововлезениот Никола Јовановски, кој шутираше над противничкиот гол. Шкендија имаше неколку обиди, но нашиот голман Диковски не дозволи денес да биде совладан и ја зачува мрежата до крајот на натпреварот.

КУЛ: Даниел Диковски, Милан Кузманоски, Петар Трајковски, Петар Трпевски (К), Матеј Стојановски, Александар Спасовски, Илхан Имеров, Хабиб Бектеши, Јован Бошнаков, Фисник Љамалари и Невен Костадинов.

Играа уште и Андреј Ѓуроски, Олег Трифуновски и Никола Јовановски. 

Помладите пионери го „положија“ испитот во Тетово и покажаа дека се наоѓаат во добра форма во продолжение од сезоната.