Осма првенствена победа за младинците, падна Шкупи на Цементарница

На ефикасен натпревар, кадетите на Кул поразени од екипата на Шкупи
04/10/2022
Комплетни резултати од одиграното 18.коло, нашиот клуб имаше половичен успех
04/11/2022

Осма првенствена победа за младинците, падна Шкупи на Цементарница

Голема победа за младинците на Кул, на натпревар од 18.коло во младинската Супер Лига. Денес на Цементарница ја пречекавме екипата на Шкупи, натпревар кој го добивме со резултат 2:1 (2:0).

Тренерот Стефановски започна со следниот состав: Андреј Ројчинов, Љупче Стефаноски, Дамјан Ивановски, Јован Митревски, Стефан Здравески (К), Филип Јаневски, Гоце Коцевски, Томи Станковски, Бојан Ристески, Дамјан Ивановски и Никола Николов.

Се играше борбено на средината на теренот, но и двете екипи посакуваа да го отворат резултатот. Гледавме цврста игра, а на полувреме имавме водство од 2:0. Првиот директен удар на натпреварот го имаше Томи Станковски, но одбрани голманот на Шкупи. Во овој период од натпреварот три сериозни удари имаше гостинската екипа, но на нашиот гол денес одличен беше Андреј Ројчинов, кој посебно во првото полувреме спречи сериозни удари на противникот. Пред да го отвориме резултатот, од корнер директно се обиде капитенот Здравески, голманот на Шкупи ја допре малку топката, доволно истата да ја погоди пречката и да не заврши во мрежата.

Сепак во следниот обид Стефан Здравески со идентичен удар директно од корнер успева да го матира гостинскиот голман и да донесе предност од 1:0 во 35 минута од натпреварот. После само четири минути од водството успеавме да постигнеме уште еден гол, дело на Јован Митревски. Од слободен удар центар шут упати Здравески, на топката највисок беше Митревски кој со глава ја заби топката во мрежата за водство од 2:0. Ова беше се што се случуваше во првиот дел од натпреварот.

Шкупи се обиде во второто полувреме да се врати во натпреварот и да ја намали негативата. Тоа им успева во 59 минута кога после една акција од десната страна, топка во шеснаесетникот доби Фатон Беља кој успева да го совлада Ројчинов и да намали на 2:1. Пред тоа, гостите имаа голема прилика, но топката мина крај нашиот гол. Ние имавме неколку обиди да го загрозиме противничкиот гол, но немаше реализација. До крајот успеавме да го исконтролираме натпреварот и да стигнеме до голема победа изразена со резултат 2:1

Ова беше осма сезонска победа за нашите младинци. Играа уште и Бодан Тодоровски и Ангел Петрушевски.