Девојките на КУЛ „пресилни“ за Плачковица, продолжува борбата за Првата Лига

Табели во младинските лиги после комплетирање на 19.коло
04/19/2022
Против Пелистер продолжуваат натпреварите од 20.младинско коло
04/25/2022

Девојките на КУЛ „пресилни“ за Плачковица, продолжува борбата за Првата Лига

Женската сениорска екипа на Кул го доби „дербито“ во рамките на 12.коло во Втората Лига. Попладнево на Цементарница нашите девојки беа супериорни и победија убедливо со резултат 7:0 (3:0). Иако требаше да биде неизвесно дерби, на екипите кои се наоѓаа на првото и третото место на табелата, сепак немаше ништо од тоа. КУЛ доминираше во сите аспекти на фудбалската игра, а противникот за цел натпревар упати само два директни удари кон нашиот гол.

КУЛ: Ведрана Комненова, Елена Крстеска, Кристина Крстева, Канита Емини, Сара Стефаноска, Симона Стефаноска, Ива Здравеска, Дева Величкова, Тања Митревска, Аниел Пејаковиќ и Михаела Додевска. 

Повеќе од заслужена победа за нашата женска сениорска екипа која се покажа далеку подобра на теренот од противникот. Фактот дека Плачковица упати само еден директен удар во првиот дел и тоа од прекин кој го скроти нашиот чувар на мрежата, Ведрана Комненова, говори за доминацијата на Кул на овој дерби натпревар. Прашање на време беше кога ќе го отвориме резултатот, а тоа се случи во 38 минута од натпреварот. После една наша акција во противничкиот шеснаесетник соборена беше Тања Митревска, по што главниот судија оправдано покажа на белата точка. Сигурен реализатор беше Кристина Крстева, која со прецизен и силен удар успева да ја затресе противничката мрежа за водство од 1:0.

Девојките на Кул и до крајот на првото полувреме играа офанзивно, односно цела игра се одвиваше на половината на екипата од Радовиш. Пред да го зголемиме резултатот во прилика се најде и Канита Емини, која биеше крај голот, додека Митревска упати удар од некаде 18.метри но за среќа на противникот истиот беше блокиран, па заврши во корнер. Во последните три минути од вториот дел, на два пати успеваме да ја погодиме мрежата на Плачковица. После една добра акција во која учестуваа неколку наши играчи, Ива Здравевска беше таа која се запиша во листата на стрелци, Ива доби добра топка во шеснаесетникот и успеа да реализира од неколку метри за зголемено водство од 2:0 во 43 минута. Гостинската екипа „потклекна“ уште еднаш до истекот на првите 45 минути. Уште една добра акција на нашиот тим, која беше крунисана повторно со погодок на Ива Здравеска. за резултат 3:0 на полувреме.

Пред да биде постигнат уште еден гол во мрежата на противникот, по еден обид имаа и двете екипи, но немаше реализација. Ние продолживме со константен притисок на половината на гостинската екипа, креиравме акции и постојано создававме шанси за погодок. Денес одличната Аниел Пејаковиќ беше следната која се запиша во листата на стрелци, со нејзиниот гол веќе имавме убедливо водство од 4:0 во 53 минута од натпреварот, а истиот играч се закани и во следната наша акција, кога биеше само крај голот.

Се играше 67.минута од натпреварот кога Митревска додаде до Дева Величкова која беше присебна успевајќи да се запише во листата на стрелци, за веќе наша предност од 5:0. Без оглед што имавме високо водство, нашите девојки продолжија во исто темпо да го играат натпреварот. Аниел Пејаковиќ имаше добра прилика да го зголеми резултатот, откако доби употреблива топка од Митревска, но сепак не успеа да реализира и шутираше за малку крај голот.

Следниот гол на натпреварот повторно беше дело на Дева Величкова, во акција во која напрво беше проиграна Пејаковиќ која упати удар, за момент одбрани голманот на Плачковица, само за кратко со оглед дека на одбиената топка налета Величкова која ја смести топката во мрежата за водство од 6:0. Конечните 7:0 на натпреварот со својот хет-трик ги постави Ива Здравеска во 86 минута.

Играа уште и Сара Петрушевска, Симона Милошевска, Ива Матиќ и Анастасија Пачовска. Со оваа победа Кул изби на второто место со 24 бодови, исто колку што има и лидерот, ЖФК Кочани, додека Плачковица после денешниот пораз падна на 3.место на табелата.