Генерацијата 2009 на КУЛ се вицешампиони на Македонија, пеналите среќни за Грозданоски

Пионерите на Кул и Раднички Ниш одиграа со нерешен резултат
06/05/2022
КУЛ со генерацијата 2010 на турнир во Несебар
06/13/2022

Генерацијата 2009 на КУЛ се вицешампиони на Македонија, пеналите среќни за Грозданоски

Генерацијата 2009 на Кул се вицешампиони на Македонија, откако денес на завршниот турнир во Детската Лига на ФФМ го освоија 2.место. Во големото финале нашиот тим беше поразен дури после изведувањето на удари од белата точка од екипата на Грозданоски. Натпреварот во регуларниот дел заврши без голови 0:0.

Како и што се очекуваше за едно големо финале, во кое играа најдобрите две екипи од цела Македонија, не видовме многу фудбалска убавина, се играше цврсто на средината на теренот, со многу дуели и и без големи шанси на двете страни. Ние сепак ја имавме најзрелата прилика да го отвориме резултатот во првиот дел од натпреварот, кога после една акција, Филип Дукоски беше играчот кој немаше среќа, биеше со глава, но ја погоди стативата од противничкиот гол. Екипата на Грозданоски некако повеќе делуваше дефанзивно, додека ние се обидувавме на секој начин да дојдеме до шанса и да поведеме, повторно преку Дукоски се најдовме во прилика, но одбрани голманот на противникот. На полувреме се замина со почетниот резултат 0:0.

Гледавме „тврда“ игра и во вториот дел од натпреварот. Нозете беа „тешки“ и кај двете екипи, со оглед дека утрово ги играа и полуфиналните натпревари и имаа тешки противници. Како течеше времето, се поблиску бевме до изведување на пенали. Избраниците на Арсовски имаа две шанси во овој дел од дуелот. Меланија Грозданова имаше свој обид, кој го скроти голманот на Грозданоски, додека после центар шут од корнер на Грозданова, Игор Трпковски се најде во шанса, но повторно противничкиот чувар на мрежата беше присебен и не дозволи негатива за својата екипа. Грозданоски речиси и да немаше директна закана кон нашиот гол во вториот дел од натпреварот. На крајот натпреварот во регуларниот дел заврши со резултат 0:0.

Се пристапи на изведување на пенали, во кои како посреќен се покажа противничкиот тим, кој славеше со резултат 4:3. За нас од белата точка погодија Матеј Ивановски, Меланија Грозданова и Јован Гиевски, додека промашија Игор Трпковски и Кирил Стојановски, а Бобо Георгиевски успеа да фати еден пенал.

Сепак, честитки за оваа генерација на Кул, која на крајот се закити со сребрениот медал. До крајот одиграа со срце и пожртвувано и гордо ги бранеа боите на клубот. Како клуб сме горди на нив кои донесоа медал и трофеј во витрините на клубот.