ЗАПОЧНА НОВА ФУДБАЛСКА ПРИКАЗНА, ЖФК ИСТАТОВ КУЛ ГО ИМАШЕ СВОЈОТ ПРВ СОБИР

КУЛ беше седми најдобар клуб изминатава сезона во најсилната младинска Супер лига
07/15/2022
КУЛ со генерацијата 2009 ќе земе учество на турнирот „Прилеп КУП 2022“
08/19/2022

ЗАПОЧНА НОВА ФУДБАЛСКА ПРИКАЗНА, ЖФК ИСТАТОВ КУЛ ГО ИМАШЕ СВОЈОТ ПРВ СОБИР

Женската сениорска екипа на Истатов Кул вчера на Цементарница и официјално означи старт на подготовките за новата натпреварувачка сезона во која ќе настапуваме во првата женска фудбалска лига.

Во присуство на директорот на клубот, Рацо Цветановски, потпредседателот, Влатко Колев, секретарот, Наташа Ристеска, како и новиот тренер, Кирил Изов, секако и во присуство на девојките кои во новата сезона ќе го носат дресот на ЖФК Истатов Кул, беа претставени плановите, програмата, амбициите на тимот, како и целите на екипата во иднина.

Не треба да се трошат многу зборови за новиот тренер на екипата, се работи за Кирил Изов актуелен селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија, долгогодишен работник во женскиот фудбал и човек со огромно искуство, кое ќе го пренесува на овие млади талентирани играчи, некои од нив и репрезентативки на нашата земја. Негов помошник ќе биде Тања Крстовска, која и минатата сезона беше дел од тимот на Кул.

Екипата допрва треба да се комплетира во наредниов период. На првиот тренинг беа присутни играчите кои минатата сезона го понесоа „товарот“ кон пласман во првата лига, како и новите засилувања, кои треба да го подигнат нивото на играта и да донесат дополнителен квалитет во играта. Засега, нови имиња во тимот на Истатов Кул се репрезентативките, Кристина Павлоска (Деспина), Теодора Ѓорѓиевска (Борец)  и Александра Јовановска (Борец), потоа Сузана Бошковска (Борец) и Викторија Игнатовска (ЏИ-ЏИ). Тука е и интернационалката од Србија, Јована Вучичевиќ.

Се преговара и со други играчи кои треба да го засилат клубот, кој има за амбиција да го нападне врвот во најсилната женска лига. Секако, откако и официјално ќе станат наши играчи, ќе ги претставиме на јавноста. Од „староседелците“ тука е Ива Здравеска, која минатата сезона беше најдобар стрелец во нашиот тим, потоа сестрите Сара и Симона Стефаноска, искусната Тања Крстовска и други кои останаа верни на клубот. Дел од екипата ќе биде и Симона Меијер, позната секако на Кул, со оглед дека неколку години настапуваше за нас.

Не е тајна, дека ЖФК Истатов Кул има за цел да се бори за највисок пласман во првата лига. Сигурно дека нема да биде лесно, тука играат најдобрите екипи од Македонија и конкуренцијата е „пеколна“. Сепак, ние одиме чекор по чекор, имаме јасна визија, посветени луѓе кои го сакаат фудбалот и стручни лица кои се докажани во женскиот фудбал. Останува само напорно да работиме и максимално сериозно да се подготвуваме за предизвиците кои ни следат.