Драган Стефановски: Сигурен сум дека можеме да го повториме успехот од минатата сезона, дури и да одиме чекор понапред

Стартува младинската Супер Лига, распоред на натпревари за нашиот клуб кој втора сезона ќе биде дел од најсилната конкуренција
09/13/2022
Распоред на натпревари во Детската Лига на ФФМ
09/15/2022

Драган Стефановски: Сигурен сум дека можеме да го повториме успехот од минатата сезона, дури и да одиме чекор понапред

Со натпреварите против екипата на Вардар, во сабота стартува новата натпреварувачка сезона во младинските фудбалски лиги. Кул ќе ја игра својата втора сезона во најсилната Супер Лига, каде настапуваат најквалитетни млади екипи од цела Македонија.

Во пресрет на почетокот на новатата сезона, направивме интервју со Драган Стефановски-Гаге, кој ќе биде предводник на нашите кадети и младинци. Стефановски е втора година дел од клубот, откако минатата сезона ги предводеше генерациите 2003 и 2004, сега ќе работи и со генерацијата 2005. Какви се очекувањата на нашиот стратег за претстојната сезона можете да прочитате во продолжение.

1.Престојниов викенд започнува новата сезона во младинската Супер Лига. Како предводник на кадетите и младинците кои се вашите очекувања за настапот во кадетската и младинската лига.

-Ова е наша втора сезона во најсилната младинска Супер Лига, па во новата сезона сигурно дека ќе влеземе со малку поголемо искуство на натпреварите, од гледна точка што и повеќе ги познаваме екипите кои играат во оваа лига. Секако главна цел на клубот и сезонава ќе биде опстанок во Супер лигата, затоа што конкуренцијата е многу голема. Мора од самиот старт да започнеме со освојување на бодови со сите четири екипи и максимално подготвени да влеземе на натпреварите.

2. Во подготвителниот период одигравте неколку контролни натпревари. Колку сте задоволен од прикажаното на вашите играчи и дали Кул е подготвен за почетокот на сезоната.

-Ги познавам играчите, со оглед дека и минатата сезона бев дел од клубот како тренер на генерациите 2003 и 2004. Задоволен сум од тоа што го видов во подготвителниот период, одигравме контролни натпревари со физички посилни екипи кои се дел од третата фудбалска лига, но на сите натпревари прикажавме добра игра, каде резултатот беше во заден план. Важно беше да го подигнуваме квалитетот на играта и да се испробуваат некои тактички замисли пред почетокот на новата натпреварувачка сезона.

3. Втора година сте дел од клубот, како сте задоволни од функционирање и условите за работа кои ги нуди Кул.

-Слободно можам да кажам, дека условите кои ги нуди Кул за млади категории, се едни од најдобрите во Македонија. Имаме терени со природна и вештачка трева, како и теретана, едноставно клубот располага со сите услови кои се потребни за напредок на младите играчи.

4. Минатата сезона клубот ја имаше својата дебитантска сезона во најсилната младинска лига, на крајот заврши како седми најдобар клуб според вкупната бодовна пресметка. Дали Кул може да го повтори успехот и сезонава, со оглед дека конкуренцијата е „пеколна“.

-Јас сум сигурен дека можеме да го повториме успехот од минатата сезона, дури и да одиме чекор понапред. Очекувам некои екипи да се вмешаат во борбата за највисок пласман, тука посебно мислам на кадетите за кои сметам дека имаат квалитет да се надигруваат со најсилните екипи. 

5. Во рамките на првото коло гостуваме кај екипата на Вардар, добро познат клуб за вас, со оглед дека во минатото бевте дел од нивната младинска школа. Колку добро ги познавате нивните екипи и што може да очекуваме од натпреварите кои се закажани за сабота.

-Не треба да се трошат многу зборови за Вардар, се работи за еден од најдобрите македонски клубови кои обрнуваат многу внимание на својата младинска школа, која располага со квалитетни играчи, клуб од кој излегле навистина квалитетни поединци кои моментално играат и во Европа. Она што сакам на крајот да го истакнам е дека Кул ќе игра рамноправно со сите екипи. Ќе ги почитуваме противниците, но нема од никој да се плашиме, едноставно ќе се надигруваме и ќе одиме на позитивен резултат, така ќе биде и на гостувањето кај Вардар.