Прва голема победа за младинската екипа, Академија Пандев поразена на Цементарница

ФК КУЛ генерација 2008 без бодови од гостувањето на „Локомотива“
10/08/2022
Без бодови за пионерските екипи на гостувањето во Струмица
10/08/2022

Прва голема победа за младинската екипа, Академија Пандев поразена на Цементарница

Младинците на Кул стигнаа до голема прва победа сезонава. Денес на Цементарница на натпревар од 4.коло бевме домаќини на екипата на Академија Пандев. Натпреварот заврши во наша корист со резултат 2:0.

Тренерот Стефановски стартуваше со следниве 11-сетмина: Мартин Цветковски, Виктор Зафироски, Марко Мицевски, Стефан Ѓорѓиев, Јован Митревски (К), Филип Стојанов, Дарио Методиевски, Горјан Манасиевски, Горазд Попов, Мухамедин Фејзула и Милан Дончевски. 

По истекот на првите 45 минути заслужено бевме во предност од 1:0. Имавме поголем посед на топка, а една шанса успеавме да ја реализираме и тоа со удар од белата точка. Пред да биде отворен резултатот, обид имаше Методиевски, како и Митревски од слободен удар, но немаше промена на резултатот. После еден прекршок во противничкиот шеснаесетник над Фејзула, главниот судија на овој натпревар оправдано покажа на белата точка. Сигурен реализатор на ударот од 11.метри беше Дарио Методиевски, кој донесе радост и предност за нашиот состав. Екипата од Струмица само еднаш се закани кон нашиот гол, но одбрани Мартин Цветковски кој во првиот дел немаше многу работа на својот гол. Последната прилика во првиот дел ја имаше Мухамедин Фејзула, кој од прекин откосо биеше директно во голот, за малку да го изненади голманот на А.Пандев кој успеа да интервенира. По првото полувреме резултатот гласеше 1:0.

Бевме подобри на теренот и во вториот дел од натпреварот, а после една голема грешка на противничкиот голман кој се судри со еден од неговите играчи, Горјан Манасиевски ја искористи нивната неприсебност за да зголеми на 2:0. Пред да го постигнеме вториот гол, екипата на Академија Пандев лесно можеше да го израмни резултатот, откако направивме кикс во дефанзивната линија, за наша среќа противничкиот играч ја погоди само стативата, па остана нашето минимално водство кое во следните минути беше и зголемено. На нашиот гол со одлична интервенција се истакна Мартин Цветковски кој одбрани сериозен удар со глава на еден од гостинските играчи. До крајот на натпреварот ќе одбележиме шанса со глава на Филип Стојанов, како и одбрана на Цветковски, кој денес не дозволи да биде совладан. На крајот голема победа за нашите младинци кои славеа со резултат 2:0.

Ова е прва победа сезонава за младинската екипа, издвојувана над квалитетен противник. Честитки до нашите играчи за денешниот триумф.