Прв триумф сезонава за пионерите, падна Брегалница на Цементарница

Фисник Љамалари донесе три големи бода, помладите пионери подобри од Брегалница
11/06/2022
Успешно коло во Супер Лигата, КУЛ освои повеќе бодови од Брегалница
11/07/2022

Прв триумф сезонава за пионерите, падна Брегалница на Цементарница

Пионерите стигнаа до победа на натпревар од 7.коло во Супер Лигата против екипата на Брегалница. Натпреварот кој се одигра на Цементарница заврши со наш триумф од 3:2 (2:1). Ова е прва сезонска победа за оваа наша генерација во првенството.

Тренерот Тодоровски стартуваше со следниов состав: Даниел Диковски, Матеј Стојановски, Александар Спасовски, Петар Лазовски, Илхан Имеров, Лука Наумовски, Никола Јовановски, Стојанче Камчев, Петар Трпевски (К), Омар Беровиќ и Бојан Митров.

За само 13.минути паднаа три гола  во првото полувреме. Многу рано, на самиот старт на натпреварот во 4.минута успеавме да го отвориме резултатот на 1:0 со евро голот на Лука Наумовски кој го матираше противничкиот голман со удар од околу 30-сетина метри. Екипата на Брегалница бргу се врати во натпреварот, кога после една наша неуспешно поставена офсајд позиција, противникот успева да погоди и да го израмни резултатот на 1:1 во 6.минута. Ние успеавме во 13.минута повторно да имаме предност од еден гол, откако гостинскиот тим си постигна авто гол, што значеше и наше водство од 2:1, во акцијата најблиску до топката беше Беровиќ.

До крајот на првиот дел за одбележување е ударот на Брегалница кој заврши во пречката од голот на Диковски, додека кај нас добра прилика имаше Стојанче Камчев, кој на асистенција од Беровиќ, не успеава да го совлада голманот на противникот, кој излезе како подобар.

Видовме ефикасно второ полувреме, во кое беа постигнати три гола, два завршија во мрежата на Брегалница. Гостинската екипа ја имаше првата прилика во овој дел од дуелот, но немаше реализација, додека Лука Наумовски лесно можеше да го постигне и својот втор гол, но не го посака среќата кога топката ја погоди пречката. Во шанса се најде и Никола Јовановски, додека на нашиот гол, Даниел Диковски имаше интервенција. Се играше 68.минута од натпреварот кога гостите од Штип, после една нафрлена топка во нашиот шеснасетник, успеаа да го израмнат резултатот на 2:2. Ние веднаш после израмнувачкиот гол имавме прилика преку Камчев, чиј удар го одбрани гостинскиот голман, додека Брегалница лесно можеше да направи и резултатски пресврт, но Илхан Имеров со глава успеа да спаси чист гол на самата линија. Избраниците на Стојановски успеваат повторно да ја вратат предноста, со одличниот гол на Омар Беровиќ кој успеа со удар од 18-сетина метри да ја затресе противничката мрежа, иако голманот на Брегалница ја зафати топката, сепак истата заврши позади неговиот грб. До крајот на натпреварот одигравме мирно и не дозволивме опасност кон нашиот гол. Конечниот резултат гласеше 3:2 на овој натпревар од 7.коло во пионерската Супер лига.

Во играа влегоа уште и Томи Блажевски и Петар Попоски.