Истатов Кул славеше со резултатски пресврт, избраничките на Изов подобри од екипата на Речица

Генерациите 2008 и 2009 во сабота ќе се надигруваат со екипата на Форца
11/17/2022
Продолжува победничката серија за генерација 2009, висок триумф на натпреварот против Форца
11/19/2022

Истатов Кул славеше со резултатски пресврт, избраничките на Изов подобри од екипата на Речица

Денес на Цементарница, на натпревар од 9.коло во првата женска фудбалска лига, екипата на Истатов Кул успеа да излезе како победник во дуелот со екипата на Речица. Нашиот тим славеше со резултатски пресврт (2:1), откако на полувреме имавме негатива од 0:1.

Тренерот Изов стартуваше со следниве 11-сетмина: Тина Туџарска, Александра Јовановска, Љубица Асановиќ, Јована Вучичевиќ, Радица Чонева (К), Драгана Јаневска, Катерина Петкова, Бојана Петкова, Кристина Петрушевска, Драгана Колевска и Ана Милчевска.

По првото полувреме, екипата на Речица имаше минимална предност од 0:1, откако погодија од својата прва и единствена шанса во првите 45 минути. Се играше акција од левата страна, беше упатен центар шут во нашиот шеснаесетник, во првиот обид одбрани нашиот голман Туџарска, но на одбиената топка повторно стигна противнички играч кој успеа да ја погоди нашата мрежа и да го отвори резултатот. Ние во овој дел од натпреварот не создадовме некоја посериозна шанса за погодок. Во два наврати обиди имаше Асановиќ, како и Колевска, додека од прекин се обиде и Вучичевиќ, но не успеавме да реализираме во првото полувреме, па на пауза се замина со минимална предност на гостинската екипа од еден гол.

Избраничките на Кирил Изов тргнаа поафанзивно во вториот дел од натпреварот и таквата игра донесе резултат. По само две минути игра во овој дел од натпреварот успеавме да го израмниме резултатот на 1:1 со голот на Катерина Петкова. Имавме целосна доминација и контрола на играта во вториот дел. Се обиде Јована Вучичевиќ која упати удар крај голот, додека набрзо дојде и предноста на Истатов Кул. Одлична топка во противничкиот шеснаесетник доби Кристина Петрушевска која успеа со силен и прецизен удар да го совлада голманот на гостинскиот тим, за пресврт и прво водство од 2:1.

До крајот на натпреварот имавме уште една голема прилика да го зголемиме резултатот. Капитенот на тимот, Чонева додаде до Кристина Петрушевска која биеше од прва, сепак немаше среќа кога топката ја погоди стативата, па остана истиот резултат. До крајот на натпреварот немаше некоја поголема шанса на двете страни, натпреварот заврши со конечен резултат 2:1.

Во игра на натпреварот влегоа и Ива Здравеска и Севим Илјаз.