Матеј Ивановски: КУЛ е едно големо семејство, очекувам мојот тим да продолжи со успеси и да биде Шампион

(ТАБЕЛИ) Кадетите на само три бода минус од лидерот во лигата, пионерите на средина во својата конкуренција
04/04/2023
(Фотогалерија) КУЛ – Парк ( генерација 2008)
04/05/2023

Матеј Ивановски: КУЛ е едно големо семејство, очекувам мојот тим да продолжи со успеси и да биде Шампион

Генерацијата 2009 е една од најнадежните екипи во нашиот клуб, екипа која минатата година се закити со сребрениот медал во Детската Лига на ФФМ и за која играат голем број на квалитетни и надежни играчи. Еден од нив е секако капитенот на тимот, Матеј Ивановски, која на секој натпревар дава и повеќе од 100% на теренот, голем мотиватор и предводник на екипата и кога е најтешко.

Матеј е играч кој би го посакал секој клуб во Македонија, а ние имаме задоволство да ги брани боите на нашиот клуб. Не претставува проблем за него позицијата на која игра, секогаш се става во изборот на својот тренер и максимално одговара на поставените задачи. КУЛ е неговиот прв клуб каде започна да тренира и да се запознава со вештините на фудбалската игра, како изминуваа годините континуирано напредуваше и израсна во еден од лидерите на својата генерација.

Во продолжение ви пренесуваме интервју со Матеј Ивановски, кој ќе ни открие за своите играчки квалитети, за тоа како функционира неговиот тим, условите кои им ги нуди клубот да се развијат во професионални играчи и уште некои интересни детали од неговиот спортски и приватен живот.

1. Матеј за почеток на интервјуто, откријте ни ги вашите фудбалски почетоци. Како се случи да започнете да го тренирате овој спорт. Кој беше првиот клуб и тренер кој ве научи на основите во фудбалот ?

-Мојот брат прв започна да тренира во овој клуб, па гледајќи го него на тренинзите и јас изразив желба да играм, имав само пет ипол години. Прв клуб ми беше КУЛ, а прв тренер ми беше Љупчо Методиевски, кој истиот се уште работи со најмладите категории во нашиот клуб.

2. Минатата сезона со вашата генерација го освоивте второто место на завршниот турнир во Детската Лига на ФФМ. Во големото финале дури после изведување на удари од белата точка бевте поразени од екипата на Грозданоски. Сигурно дека не е психички лесно да се одигра едно финале, како ќе го опишете тој натпревар, дали постоеше позитивна трема пред големото финале кај вашиот тим. Едно ваше видување и за целокупната сезона која беше последна за вашата генерација во Детската Лига на ФФМ, дали пред почетокот на истата очекувавте дека можете да стигнете до еден од медалите ?

-Тоа беше на 05.06.2022 година беше премногу топло, истиот ден игравме два натпревари, затоа бевме и физички и психички исцрпени. Бевме подобри од противникот во финалето, но изгубивме на пенали кои се само среќа. Очекувавме повеќе ама тоа е. Затоа сега на генерација 2010 им посакувам да ја освојат Детската лига на ФФМ, како и на останатите екипи кои се натпреваруваат во оваа лига.

3. Можете да играте на неколку позиции и да одговорите на различни тактички замисли од вашиот тренер, но која е најприродната позиција на која Матеј најдобро се чувствува додека игра на теренот ?

-Најдобро се чувствувам кога играм дефанзивен играч за врска.

4. На последните два натпревари во Регионалната Скопска Лига успеавте да постигнете два евро гола од слободен удар, вториот и беше решавачки во победата против екипата на Парк. Колку често на тренинг изведуваш удари од вакви позициии, од кои сигурно дека не е воопшто лесно да се постигнуваат голови ?

Ваквите удари најчесто ги вежбам кога имам слободно време. Кога ги изведувам слободните удари се концентрирам повеќе за да постигнам гол. Среќен сум што мојот погодок донесе победа на последниот натпревар против екипата на Парк.

5. Кој е вашиот омилен играч на кој најмногу се восхитувате додека го гледате на малите екрани и за кој Европски клуб навивате ?

-Мојот омилен клуб ми е Барселона, а фудбалер е Лионер Меси.

6. Како што споменавте, вашиот брат, Дамјан, исто така беше дел од младинските категории на Кул, а моментално работи и како тренер во младите генерации на клубот. Има ли Матеј нешто наследено од неговиот брат од фудбалските квалитети и знае ли Дамјан да ви дава совети како поискусен во фудбалот ?

-Може нешто сум наследил. Мојот брат често ми дава совети како да играм и да бидам подобар и ми укажува на грешките кога ќе ги направам.

7. Што претставува Кул за вас, колку клубот вложува во младите играчи и дали сте задоволни од условите за работа што ги нуди клубот ?

-За мене Кул претставува една голема „фамилија“, многу вложува и им дава шанса на сите деца да играат. Имаме најдобри услови за работа и секако дека сум задоволен од тоа што ни го дава клубот.

8. Втора последователна сезона ваш тренер е Марко Арсовски, млад и надежен тренер кој континуирано учи и напредува во својата тренерска кариера. Како ќе го опишете вашиот тренер, колку е тој заслужен за добрите игри и успеси на генерацијата 2009 ?

-Марко Арсовски е најдобриот тренер. Со него работиме напорно, правилно, постојано не советува на тренинзите, задолжително пред натпревар и секогаш ни го кажува неговото правило „Прво биди човек па после друго“. Заради неговата смислена игра ние сме моментално први на табелата во Регионалната Скопска Лига за помлади петлиња.

9. Што значи да се биде капитен на еден фудбалски тим, што претставува за вас траката која ја носите на секој натпревар ?

-Капитен на еден фудбалски тим, значи да бидеш одговорен, да ја мотивираш екипата кога е најтешко, кога губиш и да го дадеш најдоброто од себе.  Многу сум горд што ја носам капитенската трака на мојата рака.

10. Освен фудбал, што сигурно ви е на прво место во секојдневниот живот, што друо сака да прави Матеј кога има слободно време, дали може и гледате друг спорт, или пак имате некое хоби ?

-Да ги завршам училишните обврски. Во слободно време тренирам, играм FIFA и по малку играм шах.

11. Може ли со три збора да ја опишете вашата екипа ?

-Тим, фамилија, посветени.

12. Која е желбата или целта која сака Матеј да ја оствари во иднина на спортски план ?

-Мојата желба е клубот да заигра во првата лига (ПМФЛ) и да станам професионален фудбалер кој ќе заигра во некој европски клуб.

13. Што можеме да очекуваме од вашата екипа, до крајот на сезоната, но и во иднина, дали може да направите и поголем успех од споменатиот во 2022 година ?

-Да  продолжиме со успеси, очекувам да бидеме ШАМПИОНИ и така да продолжиме. Иднината е пред нас.

Матеј во завршниот дел од интервјуто упати голема благодарност до сите оние кои придонесуваат за него и сите останати во клубот да функционираат како едно големо „семејство“

-Сакам да се заблагодарам на Фудбалскиот клуб КУЛ, на Претседателот на клубот Рацо Цветановски, за можностите и условите што ни ги нуди за да имаме квалитетни тренинзи, за одиграните натпревари надвор од државата, на Наташа Ристеска што ни е достапна 24/7 за советите на нашето здравје и грижа, на Звонко и Михајло за направените фотографии на натпреварите, на мојот тренер Марко, соиграчите, на моите родители и на сите останати што ни даваат подршка од трибините. Ние сме едно големо „семејство“.