Виктор Петров: КУЛ е моето фудбалско семејство

Генерациите 2011 и 2014 ќе се натпреваруваат на турнир во Охрид
06/07/2023
Преглед на сезоната за помладите пионери, генерација која беше блиску до пласман во финалето на Купот
06/08/2023

Виктор Петров: КУЛ е моето фудбалско семејство

Во следното интервју за нашата официјална страница разговараме со младиот тренер на КУЛ, Виктор Петров. Станува збор за „производ“ на нашиот тим, тој своите фудбалски почетоци ги имаше во екипата на Кул каде мина една деценија како фудбалер, а од пред една сезона е дел од тренерскиот кадар на тимот. Првите чекори во фудбалот претходно како играч, а сега како тренер му се поврзани со Кул. Станува збор за млад и вреден и амбициозен  тренер кој максимално се дава во работа со новите фудбалски надежи.

1.На колку години беше вашиот прв тренинг во Кул, и кој беше првиот тренер од кој имавте можност да ги учите основите во фудбалот ?

-Мојот прв тренинг во Кул беше на шест годишна возраст, тогаш започнав да бидам дел од Кул. Првиот тренер кој ме воведе во основните фудбалски чекори беше основачот на овој клуб, Рацо Цветановски. Имам одлочни спомени од тој период на почетоците на нашиот клуб.

2.Од каде произлезе желбата да почнете да играте фудбал, дали се интересиравте и за друг спорт?

-Желбата за фудбал се појави уште од мали нозе. Како мал многу сакав да играм со топки па токму и поради тоа моите родители ме запишаа на фудбал кој е моја прва љубов, воедно и  последна како спорт.

3.Во каков спомен ти се деновите кога настапуваше во Кул како играч?

-Најубавите периоди и спомени од деството ми беа токму кога и бев дел од Кул како играч. Се одржуваа доста кампови. Покрај тренинзите имавме и простор за дружба, забава, учествуваме на многубројни турнири каде што стекнувавме нови познаства и пријателства.  Дефинитивно тој период во Кул ми е останат во одлични спомени.

4.Како и кога се одлучи да минеш во тренерските води?

-На шеснаесет годишна возраст прекинав со тренирање на фудбал. Голема беше желбата да останам во фудбалот и да продолжам да се занимавам со нешто што е дел од него. Па  така се појави и желбата да работам со млади фудбалски надежи.

5,Доби шанса во матичниот клуб да бидеш тренер, колку ти значеше сето тоа?

-На 19 годишна возраст добив можност да започнам да учам како тренер, баш таму каде што ги научив своите први фудбалски чекори, во Кул. Бев одлично прифатен од сите во клубот, сето ова ми беше од многу големо значење. Благодарен сум за шансата на мојот матичен клуб во кој ги направив фудбалските чекори што бев препознаен и добив прилика да бидам тренер на младите фудбалери, КУЛ е моето фудбалско семејство.

6.Со која генерација работиш во тимот, како си задоволен од напредокот на твоите пулени?

Работам со генерациите 2013 и 2014. Со овие дечиња тренирам  веќе една година. За овие година дена работа, можам да бидам задоволен од напредокот на дечињата. Има доста талентирани деца кои што може да покажат многу. Уживам во работата со овие млади шампиони, се надевам дека во иднина некои од овие дечиња ќе успее да направи голема фудбалска кариера.

  1. Каква е атмосферата во Кул за напредок на еден тренер, имаш ли помош од поискусните колеги?

Општо, атмосферата во Кул е на високо ниво. Имам можност да учам од тренери кои што се со долгогодишно играчко и тренерско искуство и се дел од Кул. За еден млад тренер како мене тоа е голем плус. Просторот за напредок е неизбежен кога си опкружен со такви тренери, кои што во секој момент стојат на располагање, да ти дадат совет и да те научат нешто ново. Несомнено Кул е посакувана средина за млад тренер со условите кои ги нуди за истите.

  1. Како си задоволен од условите за работа кои ги овозможува нашиот тим?

-Апсолутно сум задоволен, Кул располага со голем број на спортски терени, од отворен и затворен тип, па програмата која ни е зацртана може да ја реализираме онака како што посакуваме во текот на целата година без разлика на временските услови, покрај големиот број терени има одлична комуникација со раководството на тимот, која на тренерите им овозможува лесна реализација на зацртаното.

  1. Која е целта која сакате да ја исполните во иднина како тренер ?

-Мојата цел е еден ден да бидам тренер во некои од големите Европски клубови, имам многу пред себе, но се надевам дека ќе напредувам како минува времето, скалило по скалило во тренерските води.