Марко Арсовски: Една од моите најдобри одлуки е доаѓањето во КУЛ, моето мото секогаш е „пред се биди човек, па после се друго”

Мартин Коневски: Целта е да станам професионален фудбалер и со мојот клуб да играм во Лига на Шампионите
07/22/2023
Дамјан Тодоровски: Желбата да тренирам фудбал, се роди кога го гледав татко ми како настапува за нашата репрезентација
08/08/2023

Марко Арсовски: Една од моите најдобри одлуки е доаѓањето во КУЛ, моето мото секогаш е „пред се биди човек, па после се друго”

Марко Арсовски е дел од стручниот штаб на нашиот клуб, млад и перспективен тренер кој ги предводи генерациите 2009 и 2010. Тренерската работа започнува да ја „кали“ токму во КУЛ,  а со генерацијата 2009 успева минатата година да станат вицешампиони на Македонија. Во продолжение можете да ја прочитате неговата фудбалска „приказна“, како е да се биде тренер во нашиот клуб, неговите принципи на работа, очекувања за новата натпреварувачка сезона каде со двете генерации ќе се натпреварува во Регионалната Скопска Лига, како и најава за долго очекуваниот „КУЛ КУП 2023“.

1. Од каде произлезе желбата да почнете да играте и да се занимавате со фудбал ?

-Желбата за фудбал е уште од најмала возраст. Кога бев мал, додека ја китевме елката секој лампион што ќе го земев викав “шут гол” и така се намалуваа лампионите бидејќи ги кршев. Но, вистинската желба за фудбалот ми е од Алесандро Дел Пиеро, класична италијанска магија, шармантен, елегантен, со стил и кога беше најтешко секогаш беше на право место во право време, а уште повеќе за неговата лојалност во 2005/2006, за жал ретки се веќе таквите фудбалери и луѓе. Сакам секој спорт да го играм, особено кога има мини натпревар, но пред се забавата и уживањето ми се побитни.

 

2. Како се реши да минеш во тренерските води ?

-Додека се уште активно играв фудбал во втората лига, на мои 18 години кога започнав да студирам и желбата за науката за спортот а конкретно и за фудбалот, добив прилика од Рацо преку мојот тогашен тренер Стево Митровски. Бидејќи имав повреда и за да го искористам времето, започнав да ги гледам и следам тренинзите на Кул а воедно и да учам. Во неврзан разговор со претседателот Рацо Цветановски кој веднаш без размислување ме повика: “Па дојди утре да пробаш и да видиш како е од внатре.” А јас со нетрпение го очекував следниот ден. Па така направив комбинација од студирање на факултет, играње во втората Македонска лига и чекорење во тренерските води.

3. Доби шанса во Кул да бидеш тренер, колку ти значеше сето тоа ?

-Добив шанса и ја користам. Иако како старо-нов член во Кул, сепак еднаш Кул – засекогаш Кул. Можеби една од најпаметните мои одлуки, а воедно и искористување на шансата и довербата која ми беше пружена од претседателот Рац. Најпрво не ми беше верно, но потоа како одминуваше времето се повеќе и повеќе се пронаоѓав. А денес, не можам да се замислам без тренинг и деца.

4. Со која генерација работиш во тимот, како си задоволен од напредокот на твоите пулени ?

-Моментално работам со генерациите 2009 и 2010. И кога започнував бев со истите, па и денес, како да сме поврзани на подлабоко ниво. Искрено, иако можеби и нескромно, не дека се наши или дека јас работам со нив, но нивниот потенцијал за фудбал, развој, интелигенција и почит е неверојатно голем. Од ден на ден напредуваат како човечки така и фудбалски.

5. Каква е атмосферата во Кул за напредок на еден тренер, имаш ли помош од другите колеги ?

-Низ годините додека волонтирав и работев во сферата на спортот насекаде, одговорно тврдам дека атмосферата во клубот за напредок за тренер е на највисоко ниво, затоа што она што е ветено е остварено, прилики се даваат на сите подеднакво, стекнувањето на искуство е загарантирано. Фактот дека многу сакаат да функционираат како нас, доволно кажува за атмосферата во клубот. Во однос на помош од колегите, сите би ги спомнал подеднакво и на сите би им се заблагодарил јавно затоа што она што го имаме меѓусебно, го нема на друго место. Сите си помагаме во секој аспкет од работата.

6. Како ја оценуваш сезоната која е зад нас ?

– Моето мото секогаш е: „Пред се биди човек, па после се друго.” Затоа што, да не заборавиме, работиме со деца коишто треба да ги едуцираме на почит, култура и здравје, да ги образоваме за спортот и играта и сите пропратни работи, затоа што ние сме едни од главните карики за нивниот раст и развој. Па затоа, секоја сезона до сега одмината како и минатата би ја оценил како успешна затоа што имавме напредок пред се на човечко ниво, а потоа и на фудбалско ниво.

7. По пауза од неколку години, повторно ќе се одржи „КУЛ КУП“, еден од најсилните младински меѓународни турнири кој се игра во нашата земја. Дали сте имале можност да присуствувате на претходните изданија, и ќе и „доловите“ ли на јавноста какво натпреварување може да очекуваат од 8-10 септември.

-Да, за среќа на сите, повторно продолжуваме со традицијата на исто високо ниво. Со самото присуство на екипи од другите држави, а секако не било кои, туку, (Партизан, Црвена Звезда, Ујпешт, Динамо Загреб и.т.н.) со право го прави овој турнир еден од најдобрите во Македонија, ако не и најдобар. Мал детал да откријам е, тоа што не е прашање дали ќе присуствуваат споменативе клубови, туку со колку генерации ќе се натпреваруваат, а тоа зборува многу за тежината и квалитетот на самиот турнир, кои за разлика од многу други кои се комерцијални. Секако дека присуствував а дури и учествував пред неколку години со генерација 2007, иако не забележавме некој забележителен успех, сепак беше одлично искуство како за мене така и за децата, како од фудбалски така и од организаторски аспект. Можам да кажам дека подготовките се се сеуште во тек и со ова темпо ќе бидеме подготвени и ќе се претставиме во најдобро можно светло. Секогаш целиме на на квалитетот отколку на квантиетот.

8. Ве очекува настап во Регионалната Лига оваа есен, кои се целите на двата твои тима ?

– Моја втора сезона во Регионалната Скопска Лига, а воошто и на вистински фудбал, но сега со двете генерации. Секогаш ги учам децата да ја сакаат победата, но не по секоја цена. Целта е да уживаат во процесот на тренирање и да го спроведат тренираното на самите натпревари и само така би уживале во правата смисла на играта, а воопшто и во фудбалот. Коцките сами треба да ги наредиме, само треба трпение.

9. Како си задоволен од условите за работа кои ги овозможува нашиот тим ?

– Би рекол едноставно. Задоволен сум од секој аспект. Има работи кои треба да се поправаат, но како што кажав, се што е ветено е остварено, затоа и тие работи наскоро ќе се променат.

10. Која е целта која сакате да ја исполните во иднина како тренер ?

– Порано можеби размислував многу повеќе на ова прашање, но сега и не се оптоварувам со тоа, затоа што ова е макотрпна работа која бара секојдневно учење и напредување. Ако збориме за во Македонија, би рекол да бидам тренер во Кул каде би стигнале и до некое Европско натпреварување, но доколку збориме за во Европа би рекол да бидам тренер на Јувентус.