Борјан Наков: Сон на секој играч е да го носи националниот дрес, за нас секој следен натпревар е „финале“, се надевам дека ќе станеме Шампиони на Македонија

(Фотогалерија) КУЛ – Пелистер ( кадети )
04/11/2023
(Фотогалерија) КУЛ – Пелистер ( младинци )
04/13/2023

Борјан Наков: Сон на секој играч е да го носи националниот дрес, за нас секој следен натпревар е „финале“, се надевам дека ќе станеме Шампиони на Македонија

Следното наше интервју е со Борјан Наков, играч кој четири години е веќе дел од нашиот клуб за кој настапува со успеси. Борјан беше дел и од шампионската генерација 2005 која успеа во 2019 година да го освои Купот на Македонија, со победата во големото финале против екипата на Вардар. Сезонава, неговата екипа се наоѓа на добар пат да направи уште еден голем подвиг и да донесе уште еден историски успех за Кул, тоа е борбата за освојување на Шампионската титула во кадетската Супер лига. Нашите кадети на шест кола до крајот на сезоната се наоѓаат на делба на првото место на табелата, со екипата на Академија Пандев, со која имаат ист број на освоени бодови. Наков е најдобар стрелец на тимот сезонава со 10 постигнати голови, а се запиша во листата на стрелци и на последниот првенствен натпревар против екипата на Пелистер. Се работи за играч кој многу работи на теренот, не само што постигнува голови, туку и често асистира и директно учествува во акциите за гол на својата екипа.

Борјан се надева дека наскоро ќе добие и репрезентативен повик, но и дека неговиот тим може да стигне до круната на крајот од сезоната. Во игра за кадетите е и Куп натпреварувањето, каде не очекува 1/4 финале со Вардар. Уживајте во интервјуто и запознајте се со нашиот играч, Борјан Наков.

1. Од каде произлезе желбата за да започнете да тренирате фудбал. На колку години го имавте првиот тренинг и во кој клуб ?

-Фудбалот го сакам од мали нозе. Првиот допир со фудбалската топка го имав уште во градинка. Од тогаш желбата за фудбал се повеќе и повеќе растеше, и првиот тренинг го имав на седум годишна возраст во Металург под водство на тренерот Коста (Бимбо), и од тогаш сум неразделен со фудбалот.

2. Како се случи да преминете во Кул, колку добро го познававте нашиот клуб ?

-Поради распаѓањето на Металург, а по покана на ФК Кул за мое учество на меѓународниот турнир во Данска „Дана Куп“  јас се одлучив да продолжам да тренирам и напредувам во Кул.

3. Вашата екипа е најпријатното изненадување во кадетската Супер Лига. После 16 одиграни кола го делите врвот на табелата со екипата на Академија Пандев, со која имате еднаков број на освоени бодови. Дали пред почетокот на сезоната верувавте дека можете да се вмешате во борбата за титулата ?

-Јас од секогаш сум верувал во оваа генерација бидејќи во неа играат многу талентирани, пожртвувани и храбри играчи и поради тоа знаев дека квалитетот на оваа генерација ќе дојде до израз.

4. Борјан, вие сезонава сте најдобар стрелец на Кул, колку сте задоволен од вашиот придонес на теренот ?

-Се трудам на секој натпревар да го дадам мојот максимум на теренот, но секогаш може и подобро. 

5. Која е вашиот најдраг трофеј и победа со Кул ?

-Освојувањето на Купот на Македонија против Вардар во 2019 година, а како најдрага победа ќе ја издвојам онаа против Работнички во 1/8 финалето на Купот за оваа сезона.

6. На што се должат добрите игри на вашиот тим сезонава. Во пролетниот дел успеавте да сврзете шест последователни победи против силни екипи кои се во горниот дел од табелата ?

-Колективната игра, несебичноста, пожртвуваноста и желбата за успех. Овие особини ги красат сите играчи на оваа генерација и затоа и успеавме да дојдеме до врвот на табелата.

7. Наброј три работи кои се најважни според вас за да се стане врвен фудбалер ?

-Пожртвуваност, максимална посветеност и макотрпна работа.

8. Која е најголемата поддршка и инспирација за Борјан на фудбалските терени ?

-Најголема поддршка и инспирација се татко ми и дедо ми кои неуморно ме следат на секој натпревар и ми даваат дополнителна сила и поттик за да успеам во тоа што го сакам.

-9. Сезонава имате можност да соработувате со Драган Стефановски-Гаге, познат и докажан тренер во младинскиот фудбал, човек кој има освојувано трофеи со младите екипи во Македонија. Колку тој влијае на добрата игра на тимот сезонава ?

-Уште од почеток на сезоната тој веруваше во секој од нас, успеа да го извади максимумот од секој играч, и со квалитетните тренинзи заедно ги постигнавме овие резултати.

10. Борјан кој е играчот со кој би сакале да се запознаете доколку имате таква можност ?

-Кристијано Роналдо, тој е мојот идол уште од детството.

11. Изминатиов викенд остваривте уште една победа во рамките на Супер Лигата. На домашен терен бевте подобри од тимот на Пелистер, како го видовте овој натпревар, колку беше тешко да се стигнат до нови бодови и да се продолжи серијата на победи ?

-Секој е натпревар е тежок, нема лесен, така ќе биде и до крајот на сезоната, но се надевам дека ќе ја продолжиме нашата серија од победи бидејќи сметам дека сме во одлична форма. Што се однесува до натпреварот со Пелистер сметам дека бевме подобар тим кој повеќе ја посакуваше победата на крајот.

12. Напоменавме дека играте одлично сезонава и сте најдобар стрелец на вашиот тим. Дали искрено очекувате и сметате дека заслужувате репрезентативен повик  ?

-Сон на секој играч е да се носи дресот на Македонија. Оваа сезона сум во одлична форма и сметам дека во блиска иднина ќе добијам репрезентативен повик.

13. За противник во 1/4 финалето на Купот го имате тимот на Вардар, какви се очекувањата на вашиот тим за ова соочување и шансите да се пласирате во следната рунда ?

-Возбуден сум што стигнавме до оваа фаза во купот. Во однос на Вардар, верувам дека се противник кои не треба да го потценуваме, имаат добар состав на играчи и треба сериозно да си ја сфатиме работата и максимално да се посветиме на натпреварот. Сепак, јас сум уверен во способностите на мојот тим и ќе направиме се што е во наша моќ да обезбедиме победа и да продолжиме во полуфиналето. На крајот на краиштата, исходот од натпреварот ќе биде одреден од настапот на двете екипи на денот на натпреварот.

14. Со вашата генерација имавте можност да бидете гости на една од подобрите фудбалски академии во Будимпешта, со која одигравте и пријателски натпревар. Вашите импресии од тој престој, колку имавте можност да се запознаете со условите со кои работат екипите во Унгарија, какви се впечатоците од таму ?

-Секако, едно убаво искуство, имаат одлични услови за тренирање со оглед на тоа што одигравме само еден натпревар со домашниот клуб.

15. Кој е вашиот најголемиот број на постигнати голови на еден натпревар, без разлика дали бил во рамките на Детската Лига или во некоја од младинските лиги ?

-Имам постигнато пет голови на еден натпревар во Детската Лига против Башкими.

15. До крајот на сезоната остануваат уште шест кола, колкави се шансите на кадетите да го израдуваат клубот и да станат Шампиони на Македонија?

-Со оваа подготвеност и форма на играчите, очекувам да ја продолжиме серијата на победи и да ја искористиме шансата да станеме Шампиони на Македонија. Секој натпревар до крај на сезоната ќе биде како финале, во борбата за освојување на трофејот.

16. За крај на интервјуто, дали Борјан има некоја цел која сака да ја оствари во иднина ?

-Мојата цел е да бидам врвен играч и да заиграм во некој светски познат клуб.