Нова убедлива победа за пом.пионери, избраниците на Божиноски подобри од екипата на Лабуништа 2011 Тетово

Минимална победа на ФК КУЛ генерација 2012 на „контролката“ со Сарај
11/14/2020
Пионерите се вратија на победите, момците на Нурединоски со три бода во дуелот со тетовчани
11/14/2020

Нова убедлива победа за пом.пионери, избраниците на Божиноски подобри од екипата на Лабуништа 2011 Тетово

Помладите пионери на Кул стигнаа и до третиот последователен триумф сезонава во рамките на помладата пионерска лига. Денес на теренот „Цементарница“ нашите надежи убедливо со резултат 5:0 ја победија екипата на Лабуништа 2011 Тетово.

Нашиот тим имаше целосна иницијатива во првото полувреме во кое успеа да постигне три голови и речиси да ја обезбеди победата на овој натпревар. Со оглед дека противникот првиот директен удар го имаше во последната минута од првиот дел, говори за нашата доминација на овој натпревар.

Тренерот Божиноски стартуваше со следниве 11-сетмина: Јосифов, Трајчевски, Станковски, Митревски, Стојаноски, Петрушевски, Бундалески, Наков, Богданоски, Васиќ и Цветановски (К).

Првите директни удари на овој дуел ги имаше нашиот напаѓач, Александар Богданоски, но голманот на Лабуништа спречи рана негатива за својот тим. Целата игра се одвиваше на противничката половина, избраниците на Божиноски беа доста креативни на теренот и постојано создаваа шанси. Обид имаше и Даниел Васиќ, но топката заврши крај голот. Прашање на време беше само кога ќе биде затресена мрежата на гостинската екипа. Од корнер топка нафрли Трајчевски, во противничкиот шеснаесетник највисок беше Богданоски, кој биеше со глава. но еден од противничките играчи со глава во последен момент ја изби топката и спаси водство на Кул.

Нова шанса за нашиот состав, повторно од корнер нафрлува Трајчевски, и повторно највисок во скокот беше Богданоски кој бие со глава, но топката ја погоди пречката и падна во поле, резултатот се уште останува непроменет.Успеваме да ја претвориме иницијативата во погодок, Александар Богданоски со одличен шут од слободен удар успева да го совлада голманот на тетовчани, иако противничкиот чувар реагираше, сепак топката заврши во голот за наша голема радост и предност од 1:0.

Откако го скршивме „мразот“ потоа беше се полесно. Продолживме со нападите, после една акција на Петрушевски, биеше Максим, но топката оди крај голот, Ќе ја издвоиме и шансата на Васиќ кој со глава бие крајот голот. Во следната наша прилика успеваме да зголемиме на 2:0 и повторно стрелец е Богданоски кој бие прецизно, повторно голманот на Лабуништа реагираше, ја допра топката, но недоволно да спаси нов погодок. Одлично игравме, делувавме свежо на теренот, а противникот беше ориентиран на својата половина. После една добра акција на Бундалески со Богданоски, како реализатор се најде Стефан Петрушевски кој од непосредна близина не му беше тешко да ја вметне топката во мрежата, за предност од 3:0. Овој резултат беше актуелен по завршување на првото полувреме.

На стартот од второто полувреме во игра ги видовме Антони Динов и Стефан Симоновски. Токму со погодокот на Антони Динов по само пет минути игра во второто полувреме успеавме да го зголемиме водството на 4:0. Имавме контрола на играта и во второто полувреме, период во кој не му дозволивме на противникот посериозно да се закани кон нашиот гол. Шанса да се запише во листата на стрелци имаше и Александар Трајчевски, кој биеше од слободен удар, но одбрани голманот на Лабуништа. Како поголема прилика за зголемување на резултатот ќе ја издвоиме онаа на Борјан Наков кој биеше во стативата, после нафрлена топка од корнер на Горгиовски. Антони Динов по втор пат ја тресеше мрежата на гостите, нашиот млад напаѓач одлично се снајде и погоди за 5:0 во 69 минута од дуелот, на асистенција од Васиќ.

Сите играчи кои беа на клупата за резерви добија шанса за настап, во игра влегоа уште и Андреј Стојановски, Константино Горгиовски. Горјан Ѓорѓиевски. и Матеј Стојановски. Лабуништа се обиде да постигне почесен гол, но не им успеа, откако еден од нивните играчи биеше од прекин, но на нашиот гол одбрани Стојановски Андреј. Последната прилика на натпреварот ја имаше капитенот Цветановски, кој биеше по земја, топката оди крај голот. Крај на натпреварот и победа за екипата на Кул со конечни 5:0.

Ова е трет триумф за помладите пионери кои со максимални 9 освоени бодови се зацврстуваат на првото место во лигата.